Реални мерки за чист воздух

На темава сме пишувале безброј пати, дури и книга направивме, протести има со години, но работите како да тапкаат во место.

Деновиве слушајќи ги дебатните емисии на тема „Загаден Воздух“, сфативме дека реален план за почист воздух – нема!

Дури ни еколошките здруженија немаат конкретен план што може да се реализира во Македонија.

Затоа ние ќе ги поедноставиме работите и ќе го дадеме одговорот во форма на поговорка: „Човек кој се грее на дрва – нема пари за автомобил Тесла од 60.000 евра!“ Тоа е суровата вистина.

Ова се неколку мерки кои, според нас, би можеле да се преземат и да имаат реален ефект.

1) ПРЕД СЕ – ЕВТИНИ ПЕЛЕТИ
(и државно претпријатие за нивно производство)

Пелетите треба да бидат поевтини од огревното дрво! Пелетите се 10 пати поеколошки од огревното дрво.

Македонија нема гас, нема ни нафта, но затоа има планини и шуми. Не е филозофија да се направи државно претпријатие за производство на пелети кое ќе гарантира ниска цена на пелетите. Нормално, ако сечеш дрва ќе треба и да садиш со стратегија за пошумување.

Греењето со пелети е многу поедноставно и почисто во однос на греењето со дрва. Испразни ги пелетите во печката, притисни копче и тоа е тоа.

2) 0% ДДВ ЗА ИНВЕРТОРИ

Не треба субвенции за инвертори ако ДДВ-то е 0%. Инверторот е 3 до 5 пати поекономичен од греалка или термопечка.

3) НАМАЛУВАЊЕ НА ИЗДУВНИТЕ ГАСОВИ

Реален технички преглед на возилата и издувните гасови според сегашните закони. Јавна „тајна“ е дека секакви возила поминуваат на технички преглед. Нереално е да се очекува дека во Македонија возниот парк преку ноќ ќе може да ги исполни Евро 5 еко стандардите. Но, можеме да ги отстраниме дизел „локомотивите“ што секојдневно ги гледаме (и мирисаме) по улиците.

Доволно се овие три чекори за драстично подобар воздух!

Кои други чекори се значајни за подобрувањето на квалитетот на воздухот? Според нас овие:

  • строги контроли на индустриските капацитети
  • пошумување и повеќе урбани зелени простори
  • многу станици за мерење на аерозагадувањето
  • повеќе еколошки возила
  • вложување во искористувањето на сончевата еко енергија…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *