Фрагменти од бесконечноста во филмот About Endlessness

„За бесконечноста“ (About Endlessness) е необичен шведски филм во режија на Рој Андерсен. Се состои од 30-тина фрагменти или вињети, кои се поврзани преку нишките на бесконечноста во една визуелна поезија за едно време, премрежја и секојдневни нешта кои живот значат. Рој Андерсен е признаен и наградуван шведски режисер.

Сцени од животот

Филмот „За бесконечноста“ се состои од вињети или фрагменти кои се навидум неповрзани, но раскажуваат една приказна. Секој гледател може да ја сфати индивидуално, а можеби и не треба да се бара некоја поврзаност, туку напротив да се гледаат фрагментирано.

Можеби единствената нишка која ги поврзува сцените е дека повеќето ликови имаат пудра на лицето, а секој монолог започнува со „Видов…“ Зошто пудра? Останете со нас и ќе ви откриеме.

Фрагментарноста како уметност или како живот?

Секој од фрагментите во филмот може да биде врамен во една „уметничка“ слика и закачен на ѕид. Тоа е дефинирачка карактеристика на секој филм кој останува во историјата на филмската уметност. Другите се само забава.

Колоритот е сив, но на филмот не недостасуваат бои. Тие се надополнуваат со значењата, симболите и пораките кои ги дава филмот.

Можеби филмот претставува збогување на еден автор кој е на крајот од неговиот живот и сцените кои ги гледаме се сцени од неговиот живот. Тој ја „видел“ и втората светска војна, и Гулаг, и модерниот свет.

Инспирации

Дали летечките младоженци, како главниот и независен мотив во филмот, се инспирирани од Дом за бесење (Dom za vešanje) филм од 1988 година на Емир Кустурица, кој ден-денес се смета за негов најдобар филм веројатно никогаш нема да се дознае.

Фимот наликува на стилот на еден великан Сергеј Параџанов, советски режисер со ерменско потекло, кој изградил уникатен стил и израз втемелен на впечатливи и надреалистички пејзажи и сцени. Токму тие „надреалистички тенденции“ ќе го однесат во политичко затвореништво, но пред тоа ќе направи неколку одлични филмови!

Од друга страна некои сцени од Дом за бесење наликуваат на Параџанов, така што кругот на приказната и влијанијата се затвора. Но, како што би кажал нашиот Милчо Манчевски „Времето никогаш не умира, ниту кругот е тркалезен“. 

Точно, бил потребен еден друг великан, Андреј Тарковски, и неговиот филм „Детството на Иван“, Параџанов сосема да го смени својот стил и да стане еден од највоспеваните режисери на сите времиња.

Токму Тарковски и неговиот дистописки стил познат од „Носталгија“ или „Сталкер“ се чини дека имал влијание и врз Рој Андерсон, кој самиот го именувал „Андреј Рубљов“ за еден од 10-те најомилени негови филмови.

Би можеле да го поврземе стилот на Андерсен во однос на  позадинскиот дијалог и претставувањето на сцените од страна на лебдечки дух кој го „надгледува“ филмот, со монологот на ангелите од „Небото над Берлин“ (Wings of Desire) од 1987 на великанот на Новото германско кино, Вим Вендерс. Но, дали да одиме до таму?

Интересна е да се забележи и сличноста во градењето на сцените и сценографијата (минус колоритот) помеѓу Рој Андерсен и Вес Андерсон, можеби сличноста во имињата не е коинциденција.

Филмот како театар

Андерсон е чист, шведски режисер, неговите сцени се како една апокалиптична Икеа, конструирани и строги. Секој елемент е на своето место и целата сцена наликува на една театарска бина. Дури ни облаците или чадот во позадината не се поместуваат, токму како во сцените во театар. Тука влегува и муабетот со пудрата врз лицата на актерите и нивната специфична глума.

Филмот се здобил со сребрен лав на Венецијанскиот филмски фестивал, и тоа не била прва награда за Андерсон кој има речиси 80 години и е можеби на крајот на неговата кариера. За шест децении тој има снимено 6 филмови, а во меѓувреме режирал преку 400 реклами. Неговиот филм „Гулаб седна на гранка размислувајќи за постоењето“ (A Pigeon Sat on a Branch Reflecting on Existence) се здобил со Златен лав на фестивалот во Венеција, со што станал единствен режисер од Шведска кој ја освоил таа награда. Воедно четири пати ја претставувал Шведска на Оскарите за наградата за најдобар странски филм.

Филмот „За бесконечноста“ се состои од 30-тина куси сцени кои се најчесто пропратени со нарација. Во првата сцена маж и жена седат на клупа во паркот со поглед на блискиот град, додека јато гуски летаат покрај нив, а жената коментира дека е септември. Потоа актерот во следната сцена се обраќа на публиката и раскажува дека се сретнал со поранешен соученик и го поздравил, а овој го игнорирал. 

Тука веќе доаѓа до израз теоријата дека не се работи за филм, туку за театарска претстава која е направена во форма на филм.

Некои позначајни сцени (Spoiler Alert)

Келнерот е отсутен и неговите мисли се далеку, жена менаџер за комуникации ја погледнува камерата со презир, човек кој не верува на банките чува пари дома во душек, поп сонува како носи крст како Исус кон Голгота, каде го распнуваат. Потоа попот му кажува на неговиот лекар за кошмарите и за тоа дека ја изгубил вербата, а подоцна се опива со вино пред процесија. Подоцна повторно оди кај докторот и моли за помош, но тој и сестрата го буткаат насила надвор.

Филмот тука станува помрачен, со наговестувања на војна, уништување и страдање. Човек кој згазнал на бомба и нема нозе ја свири италијанската „O Sole Mio” во метро за некоја паричка. Родители носат цвеќе на гроб на син кој загинал во војната. Двајца заљубени лебдат над градот кој е во руини.

Тука филмот почнува да се занимава со темата врски помеѓу луѓето. Жена излегува од воз, додека сопругот доцни и таа помислува дека никој не дошол по неа, двајца во кафе пијат шампањ, средовечен господин доаѓа на состанок во кафуле.

Стрелаат човек кој моли за милост. Девојки играат на Tre Trallande Jäntor од The Delta Rhythm Boys. Мајка со количка има проблеми со чевелот. Човек кој сакал да ја заштити честа на семејството и утепал ќерка. Љубоморен маж ја напаѓа сопругата во рибарница. Хитлер во бункер со слики од Рембрант на ѕидовите, додека сојузниците го бомбардираат.

Забар кој се лути на пациентот кој вика заради болка, а потоа оди во кафе и депресивно пие, слушајќи гостин како вели:

– Isn’t it quite fantastic?
– What?
– Everything. Everything. Everything is fantastic.
– Well, yes.
– I think so, at least.
– Alright.
– I think so, at least. I think so, at least.
– Okay, then.

Овој муабет е „слика во мало“ на атмосферата и приказната на филмот која оди од очај во радост, од големи историски сцени, до обични сцени од секојдневниот живот, а премините се неочекувани.

Армија поразени и фатени војници маршираат кон затворски камп на Сибир, а веднаш потоа човекот од првата сцена кој раскажува за другарот од школо кој го игнорира зашто е успешен. Приказна за неостварени соништа и љубомората.

Филмот завршува со човек кој застанува сред пат со автомобил и се обидува да го поправи, но не успева.

Дефинирачка сцена

Момче и девојче разговараат во соба. Тој учи од книга и цитира:

„The first law of thermodynamics states that everything is energy and it can never be destroyed. It is endless. It can only change from one form to another. That means you are energy, I am energy. And that your energy and my energy can never cease to exist. It can only transform into something new. Theoretically our energies can meet again in millions of years. And then, maybe you’re a potato or a tomato.“
„Then I’d rather be a tomato,“ одговара девојчето.

Овој дијалог го открива клучот за филмот кој може да се сфати на повеќе начини, но можеби и како фрагменти од потенцијални можности, каде минатото, иднината и сегашноста се спојуваат во едно. 

Мирот, војната, Хитлер, Гулаг, поранешниот другар кој го игнорира помалку успешниот соученик, лекарот кој го брка свештеникот со егзистенцијална/религиозна  криза, таткото кој се жртвува за детето и го носи на роденден по дожд, таткото кој си го жртвувал детето, или едноставно речиси небитни случки кои се дел од животот како кршењето на потпетицата на кондурите, се сите дел од една ентропија на универзумот. 

Ако универзумот е бесконечен, се што можело да се случи се случило и ќе се случи уште безброј пати, а енергијата ќе се претвори од една во друга форма. Таа не осудува, ниту донесува морални заклучоци за тоа кој е добар, а кој лош, таа едноставно постои, како и ние. 

Наш избор е да се врземе за одредена филозофија, да припаѓаме на одредена филозофија, но тоа е производ на тоа во каква форма, простор и време се нашла нашата енергија, не значи дека е правилно, ниту дека е непроменливо. 

Свештеникот станува неверник, таткото убиец на своето време, уметникот диктатор, а некогаш добриот искрен другар зависен, или суетен. Во бесконечноста се е возможно.

Оценка: 4/5

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.