Рециклирањето во Македонија зависи од мала група незаштитени граѓани

Во Македонија селектирањето и рециклирањето не отпадот не функционира.

Друго прашање е дали функционира воопшто во светот. Постојат теории дека истото е само „мачкање очи“, но ниту еден официјален извор нема да го потврди ова, па останува на вас да истражите.

Но, да прифатиме дека е „колку-толку“ добра работа да селектираш. Друга алтернатива (читај: реалност) е купишта отпад да завршува на депониите каде што се натрупува и ги загадува почвите и подземните води или се пали и го загадува воздухот.

Контејнери за селектирање има недоволно, а и тие што се поставени не даваат гаранција дека селектираните производи ќе се рециклираат. Категориите се толку измешани и нелогични, што секој што знае нешто повеќе за рециклирањето ќе претпостави дека собраниот отпад не се рециклира.

Освен тоа, во комуникација со фирма за рециклирање дознавме дека:

Македонија нема капацитет да рециклира сопствен селектиран отпад и затоа увезува отпад!

Неформални собирачи, решение или проблем?

Единствена константна во рециклирањето се неформалните собирачи. Нив ги гледаме низ градот со нивните еколошки возила на мускулен погон како претураат по ѓубрето и собираат отпад.

Неформалните „собирачиња“ во акција!

Тие секогаш собираат само еден вид отпад, хартија, пластика или железо. И тие добро ги знаат правилата, зашто ако им понудите нешто што не одговара, пр. пластично шише од масло, тие нема да го прифатат. Логиката е едноставна, тие го собираат само тоа што им го откупуваат.

Нивниот живот е „крпен живот“, цените на откуп се мизерни. На пример ако викнете мајстор да ви работи нешто од железо ќе ви даде двојно поголема цена од лани, зашто „железото многу поскапело“.

Од друга страна цената на откупот на железо за неформалните собирачи е мизерни 12 ден/кг. Тоа значи дека ако тој сака да живее од собирање железо, треба да одвлечка буквално 1 тон железо за да добие половина од минималната плата во Македонија!

Имаше обиди за формализирање и вработување на овие собирачи, но немаме информација како заврши тој проект и дали се работи повторно само за „мачкање очи“ или за сериозен обид.

Во меѓувреме секако селектирајте, нема ништо лошо во надежта дека правите нешто добро.

Пред се, верувајте им на неформалните собирачи и приклучете се на групите како „Дај, не фрлај – старо купујем“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.