Пелетите се прескапи, цената ќе ја плати воздухот на Скопје!

Пелетите во изминативе години станаа популарен и еколошки начин на греење. Заради огромните цени годинава се повеќе граѓани се откажуваат од нив и се враќаат на дрвата.

Во контакт со повеќе граѓани кои се греат на пелети и преку искуствата на повеќе групи на потрошувачи на пелети сумиравме кои се нивните барања за намалување на цените.

Пелетите беа понудени од Владата и Општините како еколошка опција и замена за дрва и други нееколошки горива.

На граѓаните им беа дадени субвенции за печки на пелети, а истите беа рекламирани како еколошка алтернатива и дел од стратегијата за намалување на загадувањето во градот Скопје и Македонија.

Цените во последнава година се зголемени за 100% во однос на минатата година. Државата не направи ништо да ги заштити потрошувачите.

На пример ако сакате да се греете со пелети, наместо минатогодишните 200 денари во сезона, сега ќе треба да платите речиси 400 денари. Ако трошите по една и пол вреќа дневно за загревање на една куќа, тоа значи дека ќе трошите 600 денари (10 евра) секој ден само за греење!

Со астрономското и нереално поскапување пелети се поголем број на граѓани се откажуваат од нив и се враќаат на дрвата и други нееколошки горива.

Јасно е дека сите цени се зголемени, но цената на дрвото е порасната умерено, додека пелетите кои се прават од отпаден производ при обработка на дрвената граѓа се зголемени за 100 проценти.

Ова не се случи во ниту една од соседните држави кои го заштитија сопственото производство, а владите донесоа мерки.

Веќе голем број на граѓани се откажаа од пелетите, се вратија на дрва, што не е фер за инвестициите кои ги направија и ќе предизвика зголемување на загадувањето на воздухот зимава.

Нашата Влада, за разлика од соседните кои воведоа (какви-такви) мерки за заштита на потрошувачите, не направи ништо.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.