Одлична англиска апсурдистичка комедија „Брајан и Чарлс“ – студија на осаменоста и инвентивноста

Brian and Charles (2022) е британска деби-комедија на режисерот Џим Арчер, според сценарио на Дејвид Ерл и Крис Хејворд, кои исто така глумат во филмот.

Типичен британски интелигентен и повеќеслоен хумор, со алузии на Пинокио, Волшебникот од Оз, пародија на филмовите за роботи и американските акциони филмови. 

Филмот воедно е длабока студија и алегорија за човековата осаменост, инвентивност и храброст. Тоа е филм за растењето и предизвиците на созревањето, наоѓањето храброст и надминувањето на стравовите во грижата и посветеноста за другите битија – макар и ако се робот направен од машина за алишта!

За што се работи во филмот? (Spoiler Alert)

Првите зборови кои ги слушаме во филмот се: „I was very low.“, а потоа пред нас со отвора типична работилница на вешт и по малку необичен човек. Такви работилници по гаражи (или класични англиски шупи) низ светот има веројатно колку што има средовечни мажи со или без семејства.

Првата сцена е како слика на Едвард Хопер, кој ја отсликувал американската реалност. Освен што во случајов се работи за рурален Велс, Велика Британија.

Гледаме осамен човек кој за да прави нешто – прави нешто!

Студија на карактер

Начинот на раскажување е топол, татковски, со доза на самокритичен хумор:

Be nice to have an extra pair of hands around here sometimes, to help out now and again, but… You know, bounce ideas off and play darts, et cetera. But you can’t have everything, can you? That’s just greedy.

Честопати не знаеме колку тој хумор е намерен. Главниот лик, Брајан, кога ја носи камерата кон и во неговиот дом вели: „Ploxgreen Cottage. The front door. The next door.“ 

Тоа истовремено звучи непотребно театрално и незграпно, што се уште не знаеме дали тој е навистина таков или се шегува.

Брајан е човек кој има посебна канта за ѓубре од зелки, затоа што „јаде многу зелки.“ Има и фрижидер полн со путер, до врв.

Брајан е исто така и пронаоѓач. Неговата просторија со изуми, која како што самиот открива, е всушност штала за крави, е полна со неговите изуми. 

Торба од шишарки е буквално торба со залепени шишарки на неа. Каиш за јајца е каиш во кој можеш да носиш јајца. 

Летачки куку-часовник, наменет за селаните кога сакаат да видат колку е часот. Изумите, јасно не функционираат.

Неговите изуми се непотребни и глупави, но според гордоста со која ги покажува, се чини дека тој уживал додека ги правел.

Пејзажи и стил

Пејзажи со искривените селски огради од нерамни парчиња невешто врзани со бодликава жица и каллив пат помеѓу нив. Жица за алишта и еден пар пругасти пижами кои се веат на неа како знаме на осаменик. 

Тие воедно сведочат за хигиенските навики на сопственикот, кој како и речиси секој маж самец, има малку облека и не сака да ја менува често.

Филмот е снимен во вид на документарец, а камерата го следи Брајан, но не пречи во дејствието.

Апсурдистичка приказна

Еден ден, копајќи по локалното ѓубриште Брајан пронаоѓа глава на кукла и тоа ќе му даде идеја да изгради робот. Како што самиот вели, „корисен, силен, брз, вешт.“ Брајан отсекогаш сакал да изгради робот, или „ај-ај“, како што вели самиот.

Јасно е дека филмот е апсурдистички, Брајан никогаш не би можел да направи ништо повеќе од чанта со залепени шишарки на неа, но токму тоа го прави интересен. 

Што кога таков човек навистина би можел да ги реализира своите соништа, како би изгледале тие отелотворени? Е па, би изгледале како Чарлс – чудниот робот кој Брајан го прави, според него, за 72 часа!

Роботот е машина за алишта облечена во кошула и џемпер со глава на кукла! И од него Брајан уште пред да го вклучи учи многу:

I’ve learned building a robot is much like making a cake. You start off wanting a Victoria sponge. It comes out like a blancmange. That’s fine, ’cause I love blancmanges.

Се разбира, роботот не работи по првото уклучување (иако му работи слезинката:)

Чарлс се буди!

Една вечер, откако ќе го направи роботот и безуспешно ќе се обиде да го вклучи, Брајан се враќа од селото и слуша диско музика (со има светлечки ефекти во колата).

Тогаш  се случува невреме со грмотевици и роботот оживува! 

Станува јасно дека роботот е неговиот Пинокио, а Брајан дури и потсетува на еден чуден осамен Џепето. Нивната прва интеракција е како Брајан го фаќа роботот како јаде зелка и му вели „Остави ја зелката!“ Се разбира, творецот го создал роботот според својот лик!

Роботот е прво исплашен, но потоа веднаш, дур создателот спие, учи зборови, како вистинско паметно момче, и се разбира од речник. Тој е љубопитен и во секој момент сака да спознае нешто ново за светот, како на пример дали светот оди подалеку од дрвото во градината. Роботот добива име – Чарлс Патреску и му се допаѓа!

Првиот ден е при крај и двајцата легнуваат. Се разбира Чарлс повторува „Спијам“ цела ноќ, а наутро не пречекува сцена на жица за алишта и два пара пижами на неа која ни го стоплува срцето.

Чарлс поминува низ маките на созревањето

Чарлс учи да црта, но не му е дозволено да излегува. Тој е како дете кое е осудено да седи дома и не го поднесува тоа добро.

Тој се радува како куче кога Брајан се враќа дома и сака да научи се за животот и да прави разни работи. Тие играат пикадо (а на таблата веќе не пишува “Брајан против Брајан“), се тепаат со перници, Брајан го учи како да вози велосипед и се што треба да знае за светот.

Чарлс сака да оди во Хонолулу, да носи сукња како девојките таму и да игра на плажа. Тој влегува во неговата бунтовна тинејџерска фаза, сака мапа на светот на ѕидот од собата, сака да оди на базен или на аеродром, сака да плива и слуша рок музика. Наскоро почнува да се кара со Брајан и станува вистински „Cheeky bot“!

Други ликови

Хејзел е познаничка од селото која е подеднакво чудна како и Брајан. Нивната интеракција е незграпна и неприродна. Таа живее со строгата и контролирачка мајка, и комуницира со Брајан кога доаѓа кај нив како селски хаус мајстор. Очигледно имаат симпатија еден кон друг. Таа е прва од надворешниот свет која го запознава Чарлс и тој им помага да почнат да се дружат.

Еди е злобен, насилен и сите се плашат од него. Еди и неговите ќерки сакаат да го купат роботот, но Брајан одбива, по што го тепаат и потоа го крадат Чарлс, го нарекуваат Лимениот човек (или Tin Prat) и го користат за изживување. Брајан нема храброст да го спаси. Како типичен силеџија, Еди нема имагинација и се за што го користи Чарлс е физичка работа и на крај го запалува на клада.

За крај – брканица со коли и топ со зелки!

Во духот на вистинска англиска комедија, филмот завршува со пародија на американска брканица со автомобили. Еди го брка Брајан кој го краде назад Чарлс, а Брајан возвраќа со топ со зелки. 

Се разбира топот не работи, што според Брајн е „типично“. За среќа, на крај, селаните застануваат на страна на Брајан и тој добива сила. Брајан победува со неговиот изум „супер-буткач“, а Чарлс го активира топот со зелки!

You don’t mess with Brian and Charles!

Се разбира филмот завршува како feel-good комедија, што е можеби единствениот недостаток на филмот, но сепак ќе го прифатиме и таков. 

Брајан го спасува Чарлс, силеџиите се победени, селото обединето, Брајан добива девојка, а Чарлс добива билет за пат околу светот!

Филмот завршува со сцени кои неодоливо потсетуваат на филмот Амели Пулен во кој џуџето од градината на таткото на Амели кој не го напуштил домот со години, му праќа слики од светски атракции кои ги посетил. 

Чарлс стигна на Хонолулу!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.