Филмот „Плен“ (2022) како достоен наследник на „Предатор“ (1987)

Плен (Prey) е американски филм од 2022 година и петти филм од Предатор серијалот. Дејствието се случува во 1719 година и филмот служи како вовед (prequel) во серијалот.

Филмот е во режија на Ден Трахтенберг, а сценариото на Патрик Ајсон. Во него играат Амбер Мидтандер, Дакота Биверс, Мишел Траш, Сторми Кип, Џулијан Блек Антилопа, Бенет Тејлор и Дејн ДиЛиегро.

Кинематографија и дејствие (Spoiler Alert!)

Уште од отворањето на филмот се гледа дека се работи за одлична уметничка кинематографија. Маглата тивко се крева над пејзажи од кои ви сопира здивот, сливот на реката го пречекува денот кој се буди, елен и кошута, осамени во тивката прерија, ветре кое го бранува житото.

Потоа камерата не воведува во животот на селото. Млада индијанка која спие покриена со животински кожи, звукот на ветрот кој ги вознемирува бркачите на духови, пуцкањето на огнот и верниот пријател на човекот, кучето, кое будно ги ослушнува околните звуци.

Музиката која одлично се вклопува во амбиентот ја следи девојката која излегува од шаторот, отворајќи го кадарот на индијанското село пред нас на начин на кој само филмската магија може.

Девојката (Нару) ископува сладок компир од земјата со нејзината секира, а потоа со истата вежба фрлање во стеблата од дрвјата. Кога ќе наслушне елен веднаш се упатува во лов, но тој е исплашен од звук на експлозија.

Упатениот гледател на Предатор филмовите веднаш знае за што се работи, но девојката секако не знае. Во потрага по пленот таа присуствува на слетувањето на вселенскиот брод кој го толкува како „огнена птица“ или знак дека е подготвена на вистинскиот предизвик – да го лови оној кој сака да ја улови неа.

Нејзиниот брат ја гледа како помала сестра, одличен лекувач (healer), но не и како ловец. Дури и мајката се согласува дека нејзиниот татко и ја оставил секирата за да ископува корења, а не да лови.

Нару, сепак, толку цврсто верува дека нејзината судбина е да биде ловец, што ништо не може да ја отргне од таа идеја.

Местоположба и историските конотации

Дејствието се случува на Големите северни рамнини (Northern Great Plains), на есен, во 1719 година. Тоа се големите и пространи рамници западно од реката Мисисипи и источно од Карпестите Планини, голем дел од нив е покриен со прерии, степи и пасишта.

Оваа година е издадена книгата Робинзон Крусо, а во Луизијана французите  ја заземаат Пенсакола (според некои најстариот град во САД). Подоцна градот менува шпанска и француска власт.

Истата година се случила опсадата на Сан Себастијан за време на Војната за четворократниот сојуз кога француските сили успешно го опсадиле шпанскиот град Сан Себастијан блиску до француската граница. Во комбинација со британскиот напад на Виго, ова ги наведе Шпанците да бараат мировни услови и војната заврши со договорот од Хашкиот договор во 1720 година.

Подоцна, од 1769 и 1801 целата област Луизијана била нарекувана француска Луизијана и дел од административната област во Нова Франција. Покривала пространа територија со поголем дел од одводниот слив на реката Мисисипи од Големите езера до Мексиканскиот Залив и од Апалачките Планини до Карпестите Планини.

Филмот Плен е одлична прилика општата публика во САД да се запознае поблиску со историјата на нивната земја во која некогаш се зборувало и француски, а подоцна за малку германскиот ќе станел официјален јазик.

Европејците се освојувачи, за тоа нема дилема, од времето на античките народи, старите грци, античките македонци, преку римјаните и варварите кои со уништување на една цивилизација можеби го уназадиле човештвото за илјада години, но ги создале денешните високоценети европејски цивилизации.

Британците, Французите, Шпанците, Португалците, Белгијците и други народи оставиле длабок печат на историјата на „понеразвиените“ континенти. Притоа, во ширењето на нивната цивилизација и светоглед, нанеле и многу рани, болка, уништување и истребување на цели народи. Тие биле врвни предатори кои некогаш од идеолошки, но честопати од често освојувачки или садистички пориви уништувале цели цивилизации.

Во западниот свет постои наратив дека Индијанците не биле толку мирољубиви и дека Инките и Маите биле многу крволочни. Но, во споредба со пљачкосувањето и уништувањето цели народи кои го правеле европејците тоа е ништо.

Сепак, во филмот Плен, како дел од серијалот Предатор, цивилизираните европејци и поврзаните со природата Индијанци се соочуваат со далеку понапреден непријател од кој немаат шанси за опстанок. Или имаат?

Тематики

Индијанските тематики и митологија одлично се вклопуваат во приказната. Музиката ги надополнува визуелно впечатливите моменти во едно вистинско аудио-визуелно ремек-дело.

Во врска со дијалогот кој е на англиски, секако ќе беше подобро целиот дијалог да се одвиваше на индијански, но северноамериканската публика не е навикната да чита преводи. Сепак, по моментот кога главните ликови се среќаваат со Французите, дијалогот продолжува на француски, а зборлестите Французи носат повеќе превод отколку молчаливите Индијанци.

Главната тема, покрај очигледната „опстанок на посилниот“, е барањето на местото во машкиот свет од страна на една силна и тврдоглава девојка. Таа е непокорна и храбра, прва ги забележува трагите на некое суштество кое исплашило дури и пума.

Сцената на почетокот од филмот кога глувче јаде мравка, а змијата глувчето, и на крај Предатор ја убива змијата е симболична. Предатор секогаш сака да го улови тој кој е на врвот на ланецот на исхрана. Затоа подоцна ги лови волкот и мечката, а Французите кои имаат одрано едно цело стадо бафала заради нивното крзно, ги остава како посластица. 

Се разбира, и Нару има свој удел во францускиот масакр, кога вешто ги совладува, покажувајќи милост кон едниот од нив. Нару наскоро открива дека една од лековитите тревки кои ги користи повеќе пати во филмот и има дејство „да ја смири крвта“, може да се користи како „cloaking device“ за ограничениот термален вид на Предатор.

Првиот Предатор vs. Плен

Филмот е верен на оригиналот, првиот Предатор филм од 1987 година, во режија на Џон МекТирнан, а напишан од браќата Џим и Џон Томас. Во главна улога глуми Арнолд Шварценегер како водач на елитен паравоен тим во спасувачка мисија на заложници на територијата под герилска прашума во Централна Америка. Тие се среќаваат со Предатор, вешт, технолошки напреден вонземјанин кој демне и ги лови.

Тоа е дејствието на првиот филм во кој е возбудлива акција и има одлично изградени ликови, со типични манеризми, карактерни црти и задолжителните „one liners“ на Шварцнегер. Се работи за еден од подобрите и повпечатливи филмови во 1980-тите.

Најновиот предатор дури ги презема лошите анимации со кои се прикажува термалниот вид на Предатор од оригиналниот филм. Тоа е нешто што секако ја зголемува вредноста на новиот филм.

Првиот Предатор го има своето зацементирано место во серијалот и тешко е некој друг да го собори, но ако има кандидат за тоа, секако се работи за Плен.

Листа на гледање

Ако не сте запознаени со серијалот, филмовите можете да ги гледате според следниот распоред:

1) Prey (2022)

2) Predator (1987)

3) Predator 2 (1990)

4) Alien Vs. Predator (2004)

5) Aliens Vs. Predator: Requiem (2007)

6) Predators (2010)

7) The Predator (2018)

Тоа, до некаде, се поклопува со времето на излегување на филмовите.

Една друга листа би можела да се направи ако ги наредиме Предатор филмовите од најдобар кон најлош, и тогаш би гласела вака:

1) Predator (1987)

2) Prey (2022)

3) Predators (2010)

4) Predator 2 (1990)

5) The Predator (2018)

6) Alien vs. Predator (2004)

7) Aliens vs. Predator: Requiem (2007)

Според нашето мислење, од аспект на филмот како уметност, Плен би требало да биде на прво место, но сепак, поради историското и културното значење и од аспект на оригинална идеја, бидејќи е прв од серијалот, сепак Предатор (1987) го заслужува првото место.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.