Los Bitchos, моќни прогресивни латино сурф-рокенрол девојки!

Los Bitchos е англиски бенд кој постои од 2017 година. Во 2022 година го издадоа нивниот деби албум Let the Festivities Begin!

Магазинот Rolling Stone ја опишува нивната музика како глобтротерско-психоделично сурф-диско сафари. Навистина, се работи за инструментална психоделија, со елементи на прогресивен рок, меланхолични синтисајзери, дисторзирани гитари – се тоа спакувано во моќен женски бенд наречен Los Bitchos.

Кога сето тоа е спакувано од KEXP со одлична продукција, професионален звук, прецизна кинематографија за настап во живо и ѕвездена сценографија – нема промашување!

На 22 јули тие на KEXP го промовираа нивниот албум Let the Festivities Begin!, продуциран од Алекс Капранос (Alex Kapranos) од легендарните Franz Ferdinand. Алекс, и самиот со медитеранско потекло, се чини дека ги има мотивирано да ги истражат егзотичните места во музичката географија на светот.

Девојките навистина уживаат во можноста и привилегијата да се промовираат во една таква атмосфера и тоа го прават одлично! Се разбира не им е прв пат на KEXP и веќе се искусни музичарки.

Пред се под влијание на кумбиа (cumbia), фолклорен жанр од Колумбија, на моменти сурферски рок, гаражен рок, латино мелос, тарабуки и бас линии како да се произлезени од 1960-тите и 1970-тите Los Bitchos се вистинска музичка сила на денешнината.

По малку се чувствува и влијанието на митските (иако не толку стари!) Khruangbin и Yīn Yīn, можеби и Tame Impala.

Девојките со панк-рок музичко потекло, иако се од Лондон, нивното потекло е од Уругвај, Турција, Шведска, Тексас и тоа се чувствува во нивната музика.

Соло гитарата го води танцот и се издигнува над ритам секција која ве води на незаборавно патешествие. Без непотребни вокали, кои на моменти се вклучуваат со извик или фолклорно хорско пеење.

Водителот ги праша дали нивните песни раскажуваат некоја приказна (иако се инструментални), бидејќи ние додека ги слушаме во нашата глава се создава токму такво нешто. Нивниот одговор беше малку неочекуван и интересен бидејќи ја посочија песната Lindsay Goes to Mykonos, како приказна инспирирана од познатата актерка.

Уживајте во забавните звуци на Los Bitchos – Arriba Arriba Andale Arriba – Yeppa!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.