Врската помеѓу загадувањето на воздухот и алергиските респираторни болести

„Какво е влијанието на аерозагадуваењто и климатските промени врз алергиските респираторни болести, колку сме свесни за тоа и што преземаме да се справиме со проблемот“ е наслов на магистерскиот труд на м-р сци. Билјана Ристоска.

Како портал кој се залага за екологија и арни вредности, особено ни е драго што кај нас има научници кои се занимаваат со истражување на темата загадувањето на воздухот. Во една држава се значајни многу прашања, економијата, идентитетот, културата, уметноста, науката итн. но, ако се запостави екологијата таа држава нема иднина.

Нејзината магистерска донесува значајни заклучоци во врска со тоа што можеме да направиме за да го намалиме загадувањето и зачестеноста на алергиите. Значајни мерки се: следење на загадувањето, озеленување, следење на полен во воздухот, инспекциски надзор на загадувачите, расчистување диви депонии, подобар јавен транспорт и на велосипедската инфраструктура, замена на нееколошки горива со поеколошки варијанти и слично.

Подолу ви пренесуваме дел од магистерската.


КАКВО Е ВЛИЈАНИЕТО НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО И КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВРЗ АЛЕРГИСКИТЕ РЕСПИРАТОРНИ БОЛЕСТИ, КОЛКУ СМЕ СВЕСНИ ЗА ТОА И ШТО ПРЕЗЕМАМЕ ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ПРОБЛЕМОТ

м-р сци. Билјана Ристоска

Повеќе студии укажуваат дека климатските промени и аерозагадувањето се главна закана по здравјето на луѓето, животната средина и биодиверзитетот во 21 век. Како нивна последица, од ден на ден сè повеќе се зголемува инциденцијата и преваленцијата на хроничните незаразни болести, особено на алергиските респираторни болести и кардиоваскуларните. 

Во рамките на изработката на магистерскиот труд „Проценка на знаењето, перцепцијата на ризик и однесувањето на граѓаните на Скопје за влијанието на климатските промени и аерозагадувањето врз алергиските респираторни болести“, беше спроведена онлајн анкета во врска со темата.

Примерокот на истражувањето опфати 650 испитаници кои ја пополнија онлајн анкетата, граѓани на градот Скопје/Скопски регион, со жителство повеќе од 1 година и возраст ≥ 15 години. 

Анкетниот прашалник беше составен од вкупно 32 прашања,  распределени во пет поглавја: I – Општи податоци; II – Симптоми на алергиски респираторни болести; III – Алергиски ринитис; IV – Алергиска астма и V – Квалитет на воздухот, климатски промени и нивното влијание.  Временската рамка на истражувањето опфати три недели во месец јули 2021 година.

Во целиот примерок на испитаници (650), со најголема пропорција беше застапен АРБ-симптомот (симптоми на алергиска респираторна болест) „водникаво течење од носот“ – 376 (57,8%), следено со „иритација (чешање на носот)“ – 352 (54,1%); „кивање (особено интензивно и последователно)“ – 349 (53,7%); „опструкции во носот (чувство да не можете да дишете)“ – 312 (48%) и „солзење и црвенило во очите“ – 310 (47,7%). Со најмала застапеност беа симптомите „визинг (свирење во градите)“ – 160 (24,6%); „диспнеја (гушење)“ – 196 (30,1%) и „пролонгирана, перзистентна кашлица“ – 221 (34%).

Најголемиот дел од испитаниците во целиот примерок како главна причина за АРБ-симптомите ја наведоа прашината – 376 (57,8%), втора најчеста причина посочена од 296 (45,5%) испитаници од целиот примерок беше поленот од дрвјата, цвеќињата и тревата. 

Во целиот примерок на испитаници, 436 (67,1%) се изјаснија дека АРБ-симптомите им се јавуваат повремено, кај 147 (22,6%) тие траат повеќе од четири недели последователно и кај 261 (40,1%) тие се присутни повеќе од четири дена неделно. 

За најголемиот дел од испитаниците во примерокот – 396 (60,9%), АРБ- симптомите преставуваат генерален животен проблем, нарушување на дневните активности (спорт, одмор и др.) беше посочено од 260 (40 %) испитаници во примерокот, додека вкупно 208 (32%) испитаници изјавија дека АРБ-симптомите им го нарушуваат спиењето. 

Во врска со анализата дали страдаат од алергиски ринитис (АР) вкупно 452 (69,5%) испитаници се изјаснија дека знаат дека страдаат од АР, од кои 159 (24,5%) имаа дијагноза потврдена од лекар.

Вкупно 36 (5,5%) испитаници од целиот примерок се изјаснија дека страдаат од алергиска астма, дијагноза потврдена од лекар имаа 35 (5,4%).

Резултатите покажаа дека вкупно 456 (70,15%) испитаници од 650 имаат алергиски ринитис и/или алергиска астма.

Врз основа на одговорите на прашањата во врска со задоволството од квалитетот на воздухот во Скопје/Скопскиот Регион, се согледува постоење на делумната перцепција на влијанието на аерозагадувањето од страна на граѓаните.

Испитаниците со постојна алергиска респираторна болест (АРБ – алергиски ринитис и/или алергиска астма) подобро го перципираат квалитетот на воздухот во однос на оние без АРБ.

Истовремено испитаниците со алергиски ринитис и/или алергиска астма подобро ја согледуваат опасноста од зголемување на инциденцијата и преваленцијата на АРБ, во однос на испитаниците без АРБ.

Во однос на значајноста на климатските промени и перцепцијата на ризикот по нивното здравје, во големо мнозинство испитаниците се изјаснија дека се свесни за ризикот од климатските промени по нивното здравје без оглед на статусот на АРБ.

Граѓаните на градот Скопје/Скопскиот регион делумно го прилагодуваат однесувањето за заштита од наведените ризици. 

Во однос на прашањето кои мерки сметаат дека би помогнале во справување со аерозагадувањето и климатските промени испитаниците одговорија на следниот начин: 

Впечатливо најголема пропорција на испитаници го посочија „селектирање на отпадот за рециклирање“ – 526 (80,9%); втора најчесто селектирана промена беше „користење платнени или биоразградливи ќеси при пазарење“ – 399 (61,4%); понатаму следуваа: „купување на производи кои не и штетат на животната средина“ – 367 (56,5%), „користење обновливи извори на енергија“ (фотоволтаици и соларни панели) – 349 (53,7%), „намалување на потрошувачката на предмети за еднократна употреба“  – 342 (52,6%), „намалувањето на потрошувачката на енергија“ – 305 (46,9%), „намалување на потрошувачката на вода“ – 248 (38,1%), „купување на возило кое троши помалку гориво или помалку ѝ штети на животната средина“ – 231 (35,5%), „подобрување на изолацијата во домот за да се намали потрошувачката на енергија“ – 227 (34,9%) и „користење алтернативен транспорт“ – 256 (39,4%).

Во контекст на дозволените гранични вредности на аерозагадувањето, од 2005 година кога беа направени претходните препораки за дозволени количества на аерополутантите во воздухот, по 15 години истражувања и забележителни негативни ефекти врз здрaвјето на луѓето, СЗО во 2021 година направи најнови ажурирања на дозволените концентрации (Air Quality Guidelines – AQGs). Како најзначајни ќе ги спомнеме PM2,5 и PM10 честичките. Додека во 2005 година дозволено годишно ниво на PM2,5 беше 10 µg/m3, сега тоа е 5.

Дозволените вредности за 24-часовно ниво се намалени од 25 µg/m3 na 15. За PM10 честичките промената е следна – од 20 µg/m3 во 2005 година на годишно ниво намалени се на 15, додека на 24-часовно ниво од 50 µg/m3 на 45 соодветно.

Во однос на препораки во кратко потребно е да се издвојат како позначајни следните:

  • Основна препорака до населението е редовно следење на Индексот за аерозагадување и носење на маски KN95 во време кога аерозагадувањето и концентрацијата на полен се високи.
  • Намалување на физичката активност на отворено во време на високо аерозагадување, а за заштита во домовите  озеленување на домот со зелени растенија и користење прочистувачи на воздухот ако се во можност.
  • Озеленување на веќе постојните тревници, кои поради несоодветно наводнување и необновување на тревната површина се тотално уништени. Поставување системи за наводнување.
  • Институтот за медицина на трудот на РСМ дваесетина години континуирано ја следел концентрацијата на поленови зрна во воздухот и тоа го објавувал. Последниов период тоа е во прекин, во интерес на јавното здравје е тој процес да се обнови и повторно да функционира.
  • Постојан инспекциски надзор на места каде што има зголемена загаденост и чести палења на депонии.
  • Решавање на проблемот со постоењето на сите диви депонии и нивно расчистување.
  • Да се прекине со неконтролираното постојано градење во Скопје без почитување на регулативите од ГУП-от.
  • Да се подобри јавниот транспорт со воведување нови автобуски линии и поголема зачестеност на веќе постојните автобуси. Да се набават повеќе еколошки автобуси.
  • Промена на начинот на греење во сите здравствени, образовни,  јавни институции, од фосилни горива (мазут/нафта/јаглен/дрва) кон поеколошки начини на затоплување.
  • Да се зголеми бројот на велопатеки и да се подобри инфраструктурата на постојните, како и локацијата, да бидат одвоени со зеленило (тревници, дрвја) од прометните улици таму каде е тоа можно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.