И по Точка… три точки? 20-годишнина на Култ(ур)ниот Центар Точка!

Културниот (и култен) Центар Точка беше отворен во Скопје на 29.05.2002 година, пред точно 20 години.

За да не биде избришан од сеќавањата на мутирачкото чудовиште наречено Скопје, на сајтот на creative.mk ја поставивме архивата на Точка и на Контрапункт (без кој, да бидеме искрени, ќе ја немаше ни Точка). Нашата архива е нецелосна и бара надоградба, но подобрo и „каква-таква“ отколку никаква. Актуелните активности на Контрапункт можете да ги видите тука.

Каде и кога?

Првичната локација беше на ул. Илинденска бр. 38 (веднаш после семафорите кај Владата). Таму функционираше издавачката куќа Темплум и здружението на граѓани Контарпункт, а како дел од Точка беше и книжарницата на Или-Или.

По напуштањето на овој простор, новиот Културен центар Точка беше отворен на 06.11.2006 година, на улицата Климент Охридски 15, зад Соборниот храм. Во 2010 година и тој згасна.

Ова е приказната за 6-годишното постоење на еден културен простор кој им даде простор за изразување на многу млади уметници и културњаци.

Што чудо беше Точка?

Точка беше магично место, дом за многу алтернативни културњаци кој изгради една цела генерација млади уметници. Речиси да нема уметник од Скопје од „помладата“ генерација на кој не му се вкрстил патот со Точка.

Во Точка својата млада кариера ја започнаa многу уметници како Зоран Поповски, Наташа Андонова, Емилија Божиновска, Методи Ангелов, Иван Најденовски, Влатко Чачоровски – Чоле, Филип Стојановски, Ѓорѓе Јовановиќ, Катарина Ристовска, Антонио Димитров, Софија Тодорова Теодор, Лазар Димов, Бејтула Заими, Матеј Богдановски, Наташа Андреска, Владимир Лукаш, Ана Андроска, Ненад Ѓоргевиќ, Христина Ивановска, Бранко Прља, Димитар Самарџиев, Антонио Димитров, Љубиша Камењаров, Ивана Драгшиќ, Бурхан Ахмети, Тома Димовски, Ленче Андонова, Мери Доневска, Филип Јовановски, Марко Петрушевски, Вук Митевски, Ване Костуранов, Иван Блажев, Дарко Петровски, Љупчо Ристовски и многу други.

Во Точка се промовираа не само индивидуи, туку и различни движења, неформални уметнички групи и колективи, списанија и слично, како уметничката група „Зојдер“, првото македонско хаику списание „Мравка“,
списанието за млади „Федер“, Уметничката група „АУ!“, Креативниот колектив „Капка“ и други.

Сепак, Точка им даваше простор и на оние уметници кои беа (помалку или повеќе) етаблирани на сцената, како Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Јана Манева Чупоска, Тања Миљовска, Јасмина Реза, Игор Тошевски, Ирена Паскали, Јован Балов, Ибрахим Беди, Срѓан Јаниќијевиќ, Владимир Секуловски, Катерина Ристоска, Синиша Цветковски, Оливер Мусовиќ, Жанета Вангели, Ива Јосифова, Искра Беличанска, Верица Ковачевска, Горан Дачев, Миле Ничевски, Нада Прља, Дијана Томиќ, Никола Коџабашија, Џијан Емин, Газмен Бериша, Кирил Џајковски, Александар Станковски, Мирослав Стојановиќ – Шуки, Славица Јанашлиева, и бендови како ТБ Трачери, Фолтин и други.

Точка како пионер

Во точка започнаа настаните како „Поетски слем“, беше одржан првиот „Game convention“ во Македонија, започна првиот електронски конкурс за литература „Електролит“ кој претстави и воведе цела плејада млади автори на сцената.

Точка им помогна и на многу уметници да излезат од своите родни места и да ја претстават својата уметност во Скопје, но и обратно, да се збогати културниот живот во тие места. Всушност, тоа беше идејата на проектот Слевање на маргините, кој и овозможи богат живот на Точка, но на крај и го одзема.

Контрапункт и проектот „Слевање на Маргините“ не само што ја одржуваше Точка во живот, туку помогна на културно поле да заживеат и градовите како Тетово, Прилеп, Неготино, Дебар, Битола, Штип, Гостивар, Струмица, Велес, Струмица, Гевгелија, Куманово и други. Ова е целосната листа на настани.

Точка не беше место, тоа беше состојба на умот.

Како дел од Точка и Контрапункт од основањето беа Искра Гешоска, Никола Гелевски, Бојан Ивановиќ, Бранко Прља, Елена Велјановска, Роберт Алаѓозовски, Маја Чанкуловска и Жарко Трајановски. Екипата на активни членови и соработници се менуваше во текот на годините. Повеќе информации за историјатот на Точка и Контрапункт на овој сајт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.