„Баш си цинцар!“ Среќен меѓународен ден на Власите!

Власите како народ се познати по една работа, каде и да живеат успешно се асимилираат со нацијата која е доминантна во таа средина и како такви своите придонеси никогаш не ги припишуваат на своето потекло, туку на државата во којашто се родиле и израснале.

Тоше Проески, нашиот најпознат пејач, етнички Влав, секогаш истакнувал колку ја сака Македонија, се идентификувал како Македонец и ја претставувал својата држава Македонија во светот.

Освен Тоше, што добила Македонија од Власите? Можеби Питу Гули и Илинденското востание, преродбеникот Рајко Жинзифов (Ксенофонт Ѕинѕифи) или првите кинематографи на Балканот со браќата Манаки, модерното сликарство со Никола Мартиновски (Николаче Мартин), Атина Бојаџи, светски шампион во маратонско пливање и многу други. За поцелосна листа, видете ја објавата на Зоран Кардула.

May be an image of 1 person and text
Вергула Пренда Нича ( 1925 Битола – 2010 Битола )
Во соработка со д-р Вангелов, први кај нас примениле ексангвино трансфузија за терапевтски цели. (Извор и слика: Зоран Кардула)

Скржав к’о Цинцар/Влав

Се поставува прашањето зошто Власите покрај таквиот несебичен придонес во македонската историја се предмет на потсмев во шегите за скржавоста? 

За да одговориме на ова прашање можеби треба да погледнеме длабоко во историјата и да се запрашаме зошто Власите не го оствариле правото на национална држава како многу други народи од Балканот. И дали можеби самиот факт што не го направиле тоа ги натерал да бидат покорен и верен дел од поголемите народи кои успеале да го сторат истото? 

Можеби од истата причина тие го прифаќаат „несолениот“ хумор на истите тие народи кон нив. Хуморот не треба да се сфаќа сериозно, се разбира, но тој секогаш укажува на одредена тенденција кај еден народ кон другите кои го опкружуваат. Особено на Балканот, вицовите се исполнети со националистички шовинизам. Црногорците се мрзливи, Босанците се глупави, Словенците ладни, Србите дивјаци, а Македонците?…

Различни социолози го проучувале прашањето на стереотипите во националистички и етнички вицеви и интересна е да се прочита студијата на Јелена Грубор на таа тема, како и студијата STEREOTIPI U VICEVIMA на Лада Бадурина. Интересно е, од истиот аспект, да се забележи дека Македонија во контекстот на Југославија била постојано занемарувана, како нешто небитно, па не постоел дури ни стереотип за Македонец. Но, во Србија на пример, за пироќанците важи дека се скржави („Nemoj da si cicija ko Piroćanac”), а тие излегуваат дека се верзија на нашите „цинцари“… дури и зборовите се слични.

May be an illustration of one or more people and text
Иван Антонов ( с. Хума 1924 – 1983 Скопје )
Доајен на македонското радио и телевизиско спикерство. (Извор и слика: Зоран Кардула)

Власи или Цинцари?

За Власите, т.е. Цинцарите кои со генерации се од граѓанско потекло, е интересно тоа што нив нема да ги навреди ако ги наречете Цинцари (се разбира во позитивна конотација). Но, поверојатно е дека ако наречете некој Цинцар Влав, значи алудирате на неговото грчко потекло, теза која ја изнел Михаил Хрисоху во неговата книга „Власи и Куцовласи“, а ја разработиле Ефрос Курилас и Спирос Папагеоргију. Тие ја отфрлуваат идејата дека Цинцарите потекнуваат од Дакија (Романија), иако двајцата потврдуваат дека се работи за епирски староседелци, романизирани од страна на Римјаните.

Уште еден Грк, академик Антонис Керамопулос, смета дека Цинцарите се Дакороманци и дека се работи за романизиран тракиски народ. Интересно е да се дебатира за потеклото на народите, особено на Балканот, каде секој има своја теорија и за својот народ смета дека е најдобар, потекнува од најголемите потомци или има најдобри идеи за тоа во која насока треба да се одвива иднината. 

Самите Власи најчесто добивале имиња и презимиња кои соодветствуваат на државата во која живееле, а во нивните биографии најчесто се наведува дека биле „припадници на мнозинската националност“, а можеби некаде (но, не и нужно во текстот) се споменува дека имале родители Власи. Така било со таткото на српската драма и театар Јован Стерија Поповиќ, најголемиот комедиограф и основач на реториката во Србија Бранислав Нушиќ (Алкибијад Нуша), физичарот, инвентор, основач на НАСА и добитник на Пулицеровата награда, Михајло Пупин. 

Замислете, дури и Јован Јовановиќ Змај бил Цинцар со потекло од Македонија, имено неговиот дедо потекнувал од нашите краишта. Вангел Дину, премиер на Крушевската република, за кој освен име на една улица во Скопје нема да најдете многу податоци. Нема да ги споменеме другите многу значајни државни дејци, политичари, трговци и банкари од Македонија и Балканот, кои не се запишани во историјата, зашто тоа бара посебен текст. Дотогаш можете да ја видите објавата на Зоран Кардула, ако не сте го направиле тоа досега.

Би го споменал само Џика Сима, македонски Влав, можеби од себични причини, зашто бил мојот дедо. Неговото семејство преку Москополе заминало во Крушево, па во Кочани. Неговиот татко бил градоначалник на Кочани. Во 1920-тите се преселиле во Скопје, во Пајко Маало, каде станал сопственик на продавница за ткаенини, штофови и одела, наречена „Симиќ“. Синот Џика подоцна ја отворил продавницата за спортска опрема наречена „Спорт“ и првото претставништво на белградската продавница за мебел „Југоекспорт“. Бил дел од администрацијата на фудбалскиот клуб Вардар, активен во зимските спортови, судија на скијачки натпревари и еден од основачите на „Планинарскиот Сојуз на Македонија“. Таткото на неговата сопруга, Нада Корда, една од првите академски образувани сликарки во Македонија, бил сопственик на фабрика наречена „Куманово“ во реонот на денешното Маџари. Фабриката имала автоматска мелница за брашно, со модерни машини од Германија и Англија, можеби прва од таков вид на Балканот, а сигурно во Македонија. Но, ова нема да го најдете во официјалните истории.

May be an illustration of 1 person, book and text
Сика Паре (1926 Крушево- 1944 Кичевско)
Народен херој (Извор и слика: Зоран Кардула)

Потекло на Власите и положбата во Македонија

Најголем број на Власите во Македонија потекнуваат од градот Москополе, основан во 14 век на надморска височина од 1150 метри и подоцна најзначаен трговски центар во таа област со 50.000 жители, со првата печатница на Балканот, а денес овој град има речиси митско значење за овој народ, како своевиден „изгубен рај“, кој делумно е рекреиран во нашиот град Крушево.

Во Србија неофицијално на Власите им се припишува економскиот и општествен напредок и создавањето на белградската чаршија како средиште на финансискиот и трговски живот. Интересен е да се прочита и текстот „Цинцари, балкански хазари“.

Но, мора да се спомене и фактот дека Македонија е единствена држава каде што Власите се признаени за малцинство, а Крушево единствен град каде влашкиот јазик е службен јазик.

Се смета дека во Грција има околу 300.000 Власи, кои се негирани и го немаат статусот како во Македонија, а во светот 1.5 милиони, но само 500.000 го зборуваат јазикот на кој му се заканува изумирање.

Факт е дека народите се мешале и секогаш ќе биде така. Лично не го сакам национализмот, но извесна здрава доза од истиот е потребна за напредок на секоја нација, но кога тоа станува „лајтмотив“ на еден народ, лесно е од супкултурите како навивачки групи или скинхедси и едно општество да се трансформира во нацистичко.

Според мене секој, независно од потеклото, треба да биде благодарен на државата која го одгледала, му дала шанса да го постигне својот потенцијал, да го зборува нејзиниот јазик и гордо да ја претставува. Но, и државата, а особено доминантниот народ треба да ги почитува националностите кои се жртвувале за неа. Сметам дека Македонија е една од ретките држави кои го прават тоа, а народот треба уште малку да поработи на истото. Токму затоа го славиме и денешниот ден.

Среќен 23 мај, Националниот ден на Власите!

May be an image of 1 person and text
Христу Мулар ( 1955, Крушево – 2017, Скопје)
Mузичар, гитарист, автор, педагог, организатор, уредник и издавач на повеќе носачи на звук и книги со музички материјали. (Извор и слика: Зоран Кардула)

За крај, нешто сосема поинаку!

Независно од кажаното, лично верувам дека во денешното глобалистичко време, особено со се поголема употреба на англискиот јазик, како и на технологијата, да се зборува за нации е можеби непотребно. Сите сме припадници на една планета Земја и треба да се трудиме, не демократијата на американски начин, туку хуманизмот на општочовечки начин, да завладее со секое ќоше на светот. Сведоци сме како во пандемијата луѓето се зближуваа со помош на технологијата која им овозможи да учат, да работат, да комуницираат, да живеат во ограничени услови. 

Децата денес се граѓани на светот и комуницираат со еден хибриден јазик, небаре излезен од киберпанк романите на американскиот писател Вилијам Гибсон. Со неологизмите на онлајн наставата како „џојна“, „ливна“, „мјутна“ итн. сите стануваат дел од една глобална нација која не се дели според дијалектите, социјалниот статус, националноста, потеклото… Користењето на термините како „провинцијалец“, или „цинцар“ во негативна конотација, така можеби ќе станат непотребни – во глобализмот не постои центар, сите сме еднакви!

May be an illustration of 1 person and text
Константин Нича (1922 Крушево) доктор
За својата долгогодишна работа е награден со Орден за заслуги за народ. Голем борец во зачувување и промоција на влашката култура и јазик. (Извор и слика: Зоран Кардула)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *