„Метрополис“ не е само култен филм, тој е незаборавно психоделично искуство!

Метрополис“ не е само филм, тој е театарско и сценско, речиси религиозно искуство во кое уметноста станува поголема од животот!

Apple TV+ ќе продуцира серија инспирирана од култниот и речиси 100 години стар филм „Метрополис“ (1927). Ова не е нужно добра вест, со оглед на тоа дека е многу тешко да се долови историското значење на еден ваков филм, но надеж дава тоа што проектот ќе го води и режира Сем Есмаил (Mr. Robot).

Metropolis, the most expensive movie poster | The Strength of Architecture  | From 1998

Влијание на уметноста

Врвно дело на германскиот експресионизам кое го сменило филмот засекогаш и инспирирало безброј режисери и писатели.

Истребувач“ (Blade Runner), „Малцински извештај“ (Minority Report), „Градот на изгубените деца“ (The City of Lost Children) и други филмови како „Бетмен“ (Batman) биле инспирирани од неговиот футуристички пејзаж на градот.

Всушност секое дистописко дело, почнувајќи од „1984“ до денес му должи по нешто на „Метрополис“. Во домашната литература елементи од филмов се среќаваат во делото „Реплика.мк“ на Бранко Прља.

Визуелните елементи наликуваат на Стимпанк (Steampunk), чуден научно-фантастичен поджанр кој ја замислува иднината во минатото. Електричниот апарат кој го оживеа чудовиштето во „Франкенштајн“ од 1931 (иако и самите автори на Метрополис биле инспирирани од Мери Шели) и речиси секоја лабораторија на луд научник потоа, биле инспирирани директно од овој филм.

Metropolis: The Enduring Legacy of a Pop Modernist Dystopia | Den of Geek

Интересен детал е механичката рака на Ротванг, главниот луд научник на Метрополис, која е реплицирана кај злобниот технократ од филмот „Д-р Стренџелав“ (Dr. Strangelove or: How I Learned to Stop Worrying and Love the Bomb, 1964) на Стенли Кјубрик. Си-трипио (C-3PO), култниот дроид во „Војна на ѕвездите“ (Star Wars), очигледно е инспириран од познатата жена-робот од филмот „Метрополис“, а уште поинтересно е тоа што домот на омилениот суперхерој Супермен се вика Метрополис!

Инспирација и наследство

„Метрополис“ е германски филм, но приказната започнува со посета на Фриц Ланг, режисерот на филмот, на Америка. Тој бил фасциниран од огромните облакодери кои биле толку различни од се што видел во неговата родна Германија. Се запрашал како би изгледал еден таков прекрасен град, да речеме, 100 години во иднината?

Големото прашање е во која година се случува „Метрополис“. Дали е воопшто на Земјата и кој град го претставува? Различните објаснувања се годината 2000, 3000 или 2026. Сепак во оригиналната верзија не е одредена годината, а во романот кој му претходел на филмот е нагласено дека дејствието не се случува во ниту едно одредено време или место, ниту во минатото, ниту во иднината.

Wall Mural Metropolis - PIXERS.HK

Иако денес „Метрополис“ се смета за зачетник на еден цел жанр и еден од првите блокбастери или „филмови поголеми од животот“ (Larger Than Life), критичарите од тоа време честопати го нарекувале филмот „без душа“ и „механички“. Се чини дека како прв ваков грандиозен филм, она што денес би го нарекле блокбастер, во тоа време било невообичаено и ги затекло критичарите подзинати.

Дури и на самиот Х.Г. Велс, таткото на научно-фантастичниот жанр, не му се допаѓал филмот и го окарактеризирал како „Најглупав филм кој го гледал!“

Според Х.Г. Велс, Ланг не успеал во предвидувањето на иднината. Облеката, фризурите и дизајнот на автомобилите би се промениле до 2027 година (ако претпоставиме дека филмот се случува тогаш). „Авионите кои летаат над големиот град не се поразлични од современите типови“, коментирал Велс. „Моторните автомобили се модели од 1926 година или порано“. Во 1936 година, Велс се обиде да го подучи авторот на „Метрополис“ како треба да изгледа еден филм за иднината, „Нештата што доаѓаат“ (Things to Come)- извонреден на свој начин, сепак не ја надминал славата на филмот на Ланг. Сепак, за еден успешен филм е потребно нешто повеќе од генијална приказна.

За што всушност станува збор во филмот?

Погледнете сами!

Градот Метрополис е населен со богати жители кои живеат во луксуз и изобилие. Господин Фредер е син на господарот на градот, и тој е хедонист и егоист, ужива во плодовите на богатството. Сето тоа се менува кога Фредер ќе ја здогледа главната протагонистка Марија со сиромашните деца како се појавуваат во неговиот двор. Марија ги предводи децата, покажувајќи кон богатите жители, вели

„Погледнете, ова се вашите браќа!“

Марија е избркана, а Фредер останува збунет и трча по неа. Во утробата на градот ги пронаоѓа работниците и машините. Целиот град всушност функционира со помош на робови од пониската класа кои речиси не се разликуваат од механизмот на градот, тие се шрафовите и завртките кои го придвижуваат градот. Работниците како затвореници, облечени во црни униформи чекорат како логораши кои одат на судниот туш, без елан во одот, маршираат. Се случува несреќа, а Фредер доживува страшна визија за машината како чудовиште кои ги голта робовите.

Федер се враќа кај татко му во „Кулата на Вавилон“ и го наоѓа занесен во бројките, пресметките и контролата над неговата империја (на бројките и парите). Му ја раскажува случката на татко му, а тој вели дека „несреќи се случуваат.“ Кога го прашува што барал таму, тој вели дека сакал да ги види лицата на неговите браќа и сестри.

Синот му укажува на величествениот град на неговиот татко и го прашува: „Каде се луѓето чии раце го изградиле твојот град? Што ако еден ден се кренат против тебе?“

Ова е битен момент. Визионерот не гледа подалеку од механизмот на неговата визија, не ја гледа душата на градот, луѓето, тие кои го изградиле може и да го урнат. Тука се гледа една силна социјална порака, дека за мир и просперитет не е доволно да живеат добро само богатите, туку сите граѓани. Но, се гледа и една утилитарност и практичност, германскиот дух кој подоцна ќе стане американски, дека за да може богатите да останат богати, мора и сиромашните да бидат задоволни, не само работници (како во социјализмот), туку да бидат најадени, слободни и среќни.

Без да навлегуваме во понатамошните детали приказната понатаму се префрлува на инвенторот и на неговиот робот, а потоа ја следиме приказната на Марија, жена која живее помеѓу сиромашните, им влева надеж и инспирација на робовите и децата. Марија е киднапирана и роботот го зазема нејзиниот лик за да ги манипулира нејзините следбеници и да предизвика хаос и уништување. Но, Фредер и помага на Марија да ги сплоти робовите и богаташите во едно. The End!

Review: Metropolis - Slant Magazine

Приказната, снимањето и потоа

Роман на сопругата на Фриц Ланг (базиран на нивна заедничка идеја) кој излегол во 1925 и бил смислен како дел од промоцијата на филмот. Авторката (авторите) се инспирирале од Х.Г. Велс и Мери Шели. Во книгата има елементи на магија, вештерство и окултното кои ги нема во филмот (освен некои ситни детали како пентаграмот над столчето кое го напојува роботот).

Филмот бил сниман 17 месеци и бил најскап филм во тоа време (5 милиони тогашни марки или 16 милиони денешни долари).

Во филмот биле користени 36.000 статисти, иако самиот Фриц Ланг подоцна изјавил дека вистинската бројка е 100 пати помала. Кој знае можеби приказните за толкав број статисти биле само уште една пропагандна машинерија за филмот.

Водечките политички, општествени, културни и уметнички фигури на Берлин го пофалиле филмот со овации за време на проекцијата. главните актери подоцна го критикувале Ланг за неговиот перфекционизам, а снимањето на филмот го опишале како најлошо искуство во животот.

Metropolis Restored (1927) | perceptions of the future

Алтернативен крај и верзии

Постоел и алтернативен крај во кој Фредер заминува во вселената. Тоа симболично би можело да се разбере како напуштање на прангите на татка си. Но, вистинскиот крај во кој Фредер и Марија остануваат да им помогнат на децата на подземјето се чини посоодветен.

Алтернативниот крај сепак не пропаднал, туку бил искористен за подоцнежниот филм на Ланг, „Жена на Месечината“ (Woman In the Moon, 1929).

Во Американската верзија на филмот, негативните ликови се жителите на подземјето кои се алчни и глупави, од злоба ја пореметуваат подземната машинерија на градот. Тоа се чини како идеолошка причина, но всушност причините за менувањето на филмот биле практични.

Поради оригиналната должина на филмот (153 минути или 2 часа и 22 минути) многу од кината не сaкале да прикажуваат толку долг филм и го крателе (најчесто на околу 115 минути, но дури и 91 минута), поради што се изгубени голем број сцени.

Филмот „Метрополис“ преживеал 80 години во различни скратени и изменети форми, додека оригиналната била изгубено се до 2008 година, кога целосна копија била пронајдена во Буенос Аирес и реставрирана во 2010 година со неколку сцени кои не можеле да бидат реставрирани и се заменети со титлови.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *