Moonfall – СФ филмот како промотор на теории на заговор!

Ако сте љубители на теориите на заговор и на филмовите за катастрофи во кои умираат милијарди луѓе, но главните ликови се спасуваат, тогаш Moonfall (Паѓање на Месечината) е филм за вас. Ако не сте љубители на овие нешта, тогаш критикава е за вас и не плашете се од т.н. “spoilers”, нема што да ви расипеме.

Научната-фантастика е интересен жанр. Таа честопати ги испитува границите на човечката фантазија и креативност, но истовремено се занимава со предвидувањето на иднината на еден научен и сериозен начин. Овој жанр е воедно и филозофски и ги поставува најзначајните прашања – од каде доаѓаме, зошто постоиме и каде одиме.

Филмот „Паѓање на Месечината“ се занимава со прашањето – ако Месечината (некако) се измести од нејзината орбита и тргне кон Земјата како да истепа што е можно повеќе луѓе пред да заврши филмот (а главните ликови да преживеат).

Од режисерот на овој филм, Роланд Емерих (Roland Emmerich), пред 10 години видовме нешто слично, кога успеа да ја уништи целата планета во неговиот (буквално) катастрофален филм, „2012“.

Добри 3/4 од филмот „Паѓање на Месечината“ се занимава со проблемот на Месечината која избегала од нејзината орбита и тргнала кон Земјата, додека во последната четвртина се занимава со објаснувањето на причината зошто Месечината се пореметила и станува вистински СФ филм. Кога целиот филм би се занимавал со таа проблематика на истиот начин без непотребното садистичко уништување на планетата би можел да биде многу поинтересен.

Но, вистинските причини за катастрофата се откриваат уште на почетокот на филмот кога теоретичарот на заговор кој се нарекува себеси доктор (а работи и како чистач и како работник во ресторан за брза храна) открива дека Месечината ја променила орбитата. Неговото објаснување е дека причината е заради тоа што Месечината е вештачки објект, празен однатре, и дека нешто во механизмот се пореметило. Трагедијата на сценариото е дека теоретичарот е во право.

Тој до крајот на филмот излегува не само попаметен од сите научници на светот, туку и херој кој ќе ја спаси планетата. Пораката која што ја дава филмов така од глупава, всушност станува опасна. Секој теоретичар на заговор на планетата Земја по филмов може самозадоволно да се погледне во огледалото (или во камерата со која ги снима своите видеа на YouTube) и да си намигне.

https://bigthink.com/the-present/off-the-edge-flat-earth/

Она што е особено лошо е темпото на филмот. Сцените се толку насилно и грубо испрекинати што дејствието делува незграпно и без ритам. Постојано се префрлува од еден на друг лик и сè се одвива премногу брзо, а во меѓувреме не успеваме да се поврземе со ликовите. Астронаутите Џосинда Фаулер (Хали Бери) и Брајан Харпер (Патрик Вилсон) се сосема неубедливи. Овој филм не натера да помислиме дека Хали Бери е навистина лоша актерка, пред да сфатиме дека кој и да е актер не би можел да се снајде во хаотичното сценарио и лошата режија. Можеби најинтересниот лик на кој е посветено повеќе внимание е ликот на теоретичарот на заговор К.С. Хаусмен (Џон Бредли).

Филмот има допирни елементи со многу други филмови, како на пример, Мисијата на Марс (Mission to Mars, 2000) каде постои слично откривање на мистеријата и на приказната за потеклото на човечкиот вид, филм кој на сличен начин ги занемарува законите на физиката и на логиката. 

Во „Паѓање на Месечината“ се среќаваме со многу такви моменти кои се дури комични, како на пример концептот за гравитациските бранови. Се работи за злоупотреба и банализација на сериозна теорија и експеримент кој ја потврдил теоријата на релативитетот, а во кој се вложени многу години и средства, а вклучува неверојатно прецизни и монументални мерења и за да се направат тие потребни се ретки и колосални космички случувања како судир на две црни дупки. Во филмот се работи за бранови од водата кои се креваат под дејство на гравитацијата на Месечината која се доближува до планетата!

Кога веќе зборуваме за науката, ако сакате повеќе да дознаете што би се случило навистина ако Месечината се доближи до Земјата погледнете го одличното видео на Kurzgesagt – In a Nutshell

Во „Паѓање на месечината“ науката е на последно место, а тоа особено се открива во последниот дел од филмот кога дознаваме дека месечината е вештачка конструкција. Во неа се наоѓа нано робот кој сака да го уништи целиот биолошки свет во универзумот. Колку и да ви изгледа неверојатно тоа, нема да го објаснуваме, туку во контекст на позајмените идеи, само ќе го опишеме овој робот како сентинелите од филмот Матрикс, според коцептот за уништување на човечката раса, начинот на движењето и нивната „ранливост“ кон оружјето со ЕМП (електро-магнетен пулс).

Нанороботите се позната и омилена тема во научната фантастика, од „Ѕвездени патеки: следната генерација“ (Star Trek: The Next Generation, 1987-1994) и Боргите, до „Јас, робот“ (I, Robot, 2004), „Терминатор“ (Terminator, 1984-2019) филмовите, „Трансценденција“ (Transcendence, 2014) и во филмовите на Марвел универзумот од последните неколку години (2019-2022). Всушност можеме да речеме дека наноботите се популарна тема во СФ филмовите од последните 3-4 години. Формата која ја имаат интелигентните наноботи од Паѓање на Месечината воедно многу потсетува на црниот чад од серијата „Изгубени“ (Lost, 2004–2010).

Сценариото не успева ни да го искористи талентот на одличните актери како Мајкл Пена (Том Лопез), кој се прослави со улогата на брбливиот пријател на „Човекот мравка и осата“ (Ant-Man and the Wasp, 2018), младиот талентиран актер Чарли Пламер (во улога на Сони Харпер) и легендата на повеќе филмски децении Доналд Сатерленд (како Холденфилд). Нивните улоги се заборавни, невпечатливи и полни со клишеа!

Приказната за далечното потекло на човечката раса отсекогаш делувала недоволно сериозна. Океј – не потекнуваме од тука, туку од друга галаксија, но како сме настанале таму? Тоа не го решава прашањето на мистеријата на создавањето на човечката раса. Сето тоа наликува на воведот во книгата „Куса историја на времето“ (A Brief History of Time, 1988) каде што Стивен Хокинг раскажува за предавањето на Бертранд Расел за вселената каде што ја опишал Земјата како орбитира околу Сонцето, а тоа околу галаксијата итн. На крајот на предавањето некоја бабичка изјавила дека тоа е бесмислица и дека Земјата е плоча која лежи на грбот на една огромна желка. Која професорот надмено ја прашал, а на што стои таа желка, бабичката спремно одговорила „на друга желка и така до крајот!“

Хокинг заклучува дека сликата за светот кој почива на бесконечна кула од желки е бесмислена, но воедно и прашува дали навистина и суштински имаме подобра и пологична слика за светот. Прашањето на Хокинг е интересно за оваа дискусија од два аспекти. Прво го објаснува парадоксот на одговорот на прашањето „од каде доаѓаме“ со теоријата за „друга галаксија“ (како во примерот со желките), а како второ го поттикнува прашањето за валидноста на застарените и ненаучни теории.

Тие се добри како мисловен експеримент и поттик за научно истражување, но кога се промовираат на начин на којшто го прави филмот „Падот на Месечината“, тоа секако не е добро, зашто само го подгрева интересот за овие теории во едно време кога повеќе од сè е потребен разум, наука и знаење.

Се на се, овој филм се чини копија на претходниот филм за катастрофи „2012“ од истиот режисер и по ништо поразличен, освен можеби последниот дел каде што е посветено повеќе време на приказната за потеклото на Месечината. Тој дел е интересен (но повторно внимателно – само како мисловен експеримент!) и заради тоа ќе ве оставиме да го погледнете и заклучите сами.

Оценка 2/5

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *