Како Југо – нема друго! Приказната за Југо, неговата американска авантура, историските неправди и неговиот крај.

Погледнете една одлично раскажана приказната за Југо, низ историските превирања, лошото менаџирање и тешките времиња. За тоа како Југо успеа да стане прв нов автомобил на една цела генерација граѓани на Југославија (па и на САД) и како неславно заврши.

Тимот на Арно.мк го изработи и преводот на видеото на македонски јазик – во “options” кликнете CC на Македонски (благодарност до Енди од Big Car, авторот на видеото кој беше љубезен да го додаде нашиот превод. Посетете го каналот Big Car и за други интересни видеа.

Фабриката на Застава води потекло од 1853 година, беше бомбардирана од НАТО во 1999 година, а банкротираше во 2008 година, откако произведе речиси милион автомобили Југо, од кои 250.000 беа продадени во САД.

Од видеото можеме да научиме многу и ние, поранешните граѓани на Југославија. Во денешна Македонија сè уште се возат Југовци, а на социјалните мрежи има и групи како Yugo Club Macedonia со речиси 5.000 членови.

Таму сè уште можете да ја видите носталгијата, љубовта и предаденоста на љубителите на Југото кои се спротиставуваат на негативниот однос кој јавноста го изгради кон овој автомобил, делумно поради американската реакција на автомобилиот од 1980-тите.

За волја на вистината, Југо е мал автомобил, со маани, но како таков е одличен за една мала и соромашна земја, не толку за една помпезна, мегаломанска Америка предводена од слоганот “Bigger is Better!”

Сепак, брилијантниот бизнисмен Малколм Бриклин (кој во својот живот основал 30-тина компании) го промовирал Југото во САД како „евтин мал автомобил кој нема скапи компјутерски чипови да се расипат или дијагностицираат, има резервно тркало во моторното лежиште кое ја апсорбира енергијата при преден удар и вратите со клучеви значеа дека клучевите не можеа случајно да се заклучат во автомобилот!“ Тој дури го направи Југото службен автомобил на одбојкарскиот тим на САД!

Како типичен шоумен, Бриклин го подобри Југото користејќи материјалот од вселенска ера „лексан“ за браници и други делови. Во реалноста, лексан не беше ништо повеќе од поликарбонат развиен уште пред да започне вселенската ера – во 1953 година. Ако му верувавте на Бриклин, со Југо и сè беше можно!

Сепак, судирот на културите го направи своето, а голем дел од тоа се гледа од коментарот во видеото:

„SV-1 на Бриклин немаше запалка за цигара, бидејќи тој веруваше дека пушењето е опасно додека возите. Но, пушењето било начин на живот во Југославија, па Југото не само што имаше запалка, туку и два пепелници!“

Во САД Југо на почетокот успеа да се пласира сосема солидно, во голема мерка благодарение на лукавиот гениј на американскиот партнер, Бриклин, чија животна приказна е исто толку фасцинантна како и на самиот Југо.

Видеото е објективно, иако е од западна перспектива, и дава непристрасно гледиште за Југославија и Југо, и за тоа што овие два поими значеа локално и глобално. Заклучокот е секако интересен и се чини доста вистинит:

„Југо доспеа на листата „50 најлоши автомобили на сите времиња“ на магазинот Тајм и е изгласан за најлош автомобил на милениумот, но тоа е неправедна оценка. Многу сопственици го третираа овој евтин автомобил со малку почит и нередовен сервис. Но, ако се одржува добро, Југото може да возврати со години непроблематично возење. Заснован е на испробаниот и проверен Fiat 127 и механиката на 128, која ги служеше одлично сопствениците на Фијат со години, па ова не треба да биде изненадување.“

И за крај, не продавајте ги вашите југовци! Купени за 5.000 евра, денес се продаваат за 350 евра (15 пати помалку!), или во најдобар случај за 500 евра, додека многу постари автомобили од поценети брендови, кои не вредат ни приближно, се продаваат за над 1.000 евра. Можно е за една деценија, кој знае, Југовците да станат антиквитет! Постојат индикации дека во понапредните земји од поранешна Југославија, како на пример Хрватска, добро сочувани Југовци се продаваат за илјадници евра, па останува да видиме.


Кој сака да дознае повеќе за Југото и неговата историја може (а и не мора!) да ја прочита книгата The Yugo: The Rise and Fall of the Worst Car in History од Џејсон Вујиќ, кој иако има „југословенско“ потекло во неговото дело се чувствува проамерикански став и однос, како и потценување на сè што дошло од таму од каде што неговите предци успеале да избегаат. За нас другите кои ја немаме таа „среќа“, Југото е спомен на нешто автентично и домашно, на првиот нов автомобил, првите излегувања во град или летувања до Охрид. Можеби ајварот или ракијата за цивилизираниот свет се неразбирливи, ама тие се непобитен дел од нашата култура и историја, како и Југото.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.