Како да ги учиме децата да гледаат повисоко, ако во Македонија нема астрономска опсерваторија?

Македонија не може да тргне напред затоа што погледот ни е насочен в’земи, надолу или во најдобар случај околу нас – што прави комшијата или кој политичар е виновен за секојдневието… Време е да го насочиме погледот напред и нагоре – кон тајните на вселената!

Факт – Македонија нема астрономска опсерваторија. Ама за волја на вистината немаат ни Албанија, Косово, Црна Гора, ни Босна и Херцеговина, какво весело друштво!

Кој одел во Скопското астрономско друштво, знае за муабетиве, кои беа нешто поактуелни пред некои 20 години. Се предлагаше опсерваторија на Водно, но таму се устоличи крстот. Во ред. Одиме на Китка, па кој знае што се случи… Одамна никој не зборнал, ниту направил нешто за ова, а зошто? Па јасно е. По улиците имаме дупки, депонии на секој чекор, најнизок стандард во Европа, па уште за опсерваторија ќе мислиме.

Но, да не заборавиме дека на територијата на денешна Македонија е Кокино – една од најстарите антички опсерватории во светот, според НАСА. Денес Македонија нема модерна опсерваторија, иако поголемиот број од европските држави имаат опсерваторија уште од 18-от век. Значи, не се работи за нешто значајно само од научен, туку и од цивилизациски аспект.

Што може да се направи конкретно? Прво треба да се дознае:

  • Што се е потребно да се изгради една модерна опсерваторија
  • Кои институции треба да се придвижат
  • Колку би чинело (да речеме, колку статуи чинат колку една опсерваторија)
  • Колку време е потребно… и
  • Дали е воопшто возможно во една земја со степен на развој како Македонија да се постигне ова.

Се разбира, постојат алтернативи, како што вели Александар Шулевски, астроном истражувач при институтот за астрономија на Универзитетот во Амстердам (UvA) – Холандија, „можно да се поврзете преку мрежата и виртуелно да контролирате некој инструмент на другата страна од планетата, но тоа истовремено значи дека цела техничка експертиза им ја препуштате на некои луѓе таму некаде.“

Ние веруваме дека е возможно, останува да направиме нешто конкретно, па за да собереме повеќе информации и да покажеме дека има заинтересирани отворивме една група: Астрономска опсерваторија во Македонија.

Посетете го и нашиот (прв во МК) агрегатор за вести од науката и технологијата science.mk.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.