Кој и колку загадува во Македонија и во Скопје?
Ако прашате 10 луѓе во нашата земја кој најмногу загадува ќе добиете десет различни одговори.
Генерално логиката е: што е поголемо – тоа повеќе загадува! На пример Цементарница е голема фабрика со голем оџак – значи таа е најголемиот загадувач. Или многу коли – значи многу загадување.
Луѓето генерално се согласуваат дека во зима е позагадено отколку во лето.
Но, како знаеме колку и каде е загадено? Благодарение на апликацијата AirCare која ги собира сите на едно купче државните и приватните мерни станици знаеме каде и колку е загадено.
Веќе со години имаме детални статистички податоци на аерозагадувањето.

Како можеме да пресметаме кој колку загадува со помош на тие податоци?
Формулата е многу едноставна: загадувањето во Јануари минус загадувањето во Мај или Септември ќе ни го даде загадувањето од грејната сезона.
Јануари е земен како референтен месец бидејќи вообичаено најладно и најзагадено е во Јануари.
Мај или Септември се земени бидејќи луѓето не се заминати на годишните одмори. Знаеме колку се празни градовите во лето кога луѓето се на одмор.
Еве ја формулата:
Аерозагадување во Јануари – Мај = Загадување од греење
Аерозагадување во Мај = Загадување од индустрија и сообраќај
Значи во Скопје сите знаеме дека Цементарница, Дрисла, Железара и другите индустриски капацитети работат и во Мај, возилата возат и во Мај, како што возат во другите месеци.
Во оваа статија намерно нема бројки, бидејќи намерата на оваа статија е сами да ги проверите бројките. Доволно е да најдете колку било загадено во Јануари и Мај и сами да проверите.
Се додека нема јавен консензус кој колку загадува никогаш нема да излеземе од кризава.
Едно е сигурно – потребни се повеќе мерни станици за аерозагадување.
Сакате да помогнете? Направете си сами станица за мерење на аерозагадувањето за ептен мали пари.