Сонот за еколошка енергија доаѓа по скапа цена за сиромашните земји

Африка е позната како земја со богати ресурси и сиромашна популација. Прамајка на целиот човечки род, низ својата историја била експлоатирана од белиот човек на начини кои се застрашувачки. Само Белгискиот крал Леополд II кон крајот на 19 век е одговорен за смртта на 10 милиони луѓе во Конго.

Конго е најголемата земја во супсахарска Африка, со голема популација од 105 милиони луѓе и богата со многу минерали без кои модерниот свет не би можел да функционира.

Нејзиното минерално богатство се проценува на 27 трилиони долари!

Мажи со јажиња кои изгледаат како распартален конец се симнуваат во длабочини до дури 100 метри и од утробата на земјата го вадат скапоцениот метал – кобалт. Без него нема електрични возила, ниту батерии!

Рударите, ако може така да се наречат, добиваат дозволи од државата, копаат дупки во земјата и од таму вадат минерали кои ги пакуваат во нешто што изгледа како ќеси за шут, и ги продаваат на пазарот на минералите.

Целиот пејзаж е издупчен како швајцарско сирење, а околу дупките се наоѓаат шатори во кои престојуваат работниците пред да се нурнат во несигурните длабочини. Нивните џебови се плитки, но тие кои ги откупуваат и користат овие минерали имаат длабоки џебови.

Да се разбереме, ова не се деца на Алија Сиротановиќ кој во една високоразвиена поранешна Југославија станал народен херој – рудар, симбол на економскиот развој на една сплотена земја. Ова се млади момци без перспектива во животот, без здравствена и социјална заштита, со единствена цел, за 4 долари дневно да си го ризикуваат животот. 4 долари дневно во „Демократската“ република Конго е многу и тоа укажува на стандардот, измаченоста и перспективата на оваа богата со ресурси држава.

Нашиот „извидник“ во видеото подолу кој се спушта со камера, по долгиот пат низ хранопроводот на мајката земја, како митски Данте на патот кон утробата на ѕверот, таму среќава безброј други незнајни јунаци со иста цел – да соберат што е можно повеќе кобалт во нивните парталави вреќи и да ги извадат надвор, на површината.

Кога ги прашуваат работниците како дишат долу, во длабочини од речиси 100 метри под земјата, тие велат:

„Не ни треба кислород, ни требаат пари!“

Парадоксот е дека во земјата постојат и стандардни рудници кои се многу поголеми од дупките кои ги копаат овие работници, но сите се во сопственост на странски компании. Колку и да е лошо, сигурно е добро за економијата, нели?

Не баш. Поради екстремните активности со рудниците, концентрацијата на тешки метали во крвта на луѓето е многу голема и последиците по здравјето се страшни. Погледнете повеќе во видеово:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *