Отворена дискриминација на децата кои следат онлајн настава!

Преку искуствата во групата „Наставници за онлајн настава“ и од други извори дознаваме дека онлајн наставата не функционира!

Десет дена од почетокот на учебната година, а календарите по онлајн настава се полупразни, се држат 2-3 часа дневно од предвидените 6-7, наставниците не се приклучуваат, кога се приклучуваат не ја вртат камерата кон таблата итн. Проблемите се бројни, но нема кој да зборува за нив!

Се оди по логиката дека се работи за мал број деца и нема кој да се буни. Ги прашуваме отворено МОН, директорите и наставниците – дали вака се работи на инклузија, збор кој толку многу значи во реформите на образованието?

Дали децата и младите кои морале да се лишат од другарување, треба да ги лишиме и од образование!

Работата станува алармантна и се чини дека никој не бара решение, туку проблемот се премолчува додека може. Ние (Арно, Дај не фрлај, Наставници за онлајн настава) нема да молчиме, ниту ќе се откажеме од правата на подобра иднина, поздрава младина, понапредно општество, почиста средина – зашто сето тоа ни значи, не само за сега или до избори – туку за секогаш!

Прашањето е – зошто една алатка која минатата година функционираше и илјадници деца ја завршија учебната година онлајн, оваа година не функционира?

Кај родителите на децата кои следат онлајн настава постои голема разочараност и страв. Голем дел од нив ја направиле одлуката за онлајн настава поради факторот на ризик за нив или за член на семејството поради хронично заболување. Сега се чувствуваат приморани да ги вратат децата на училиште.

И не – овие деца не седат по улиците без маски – како што поборниците на наставата со физичко присуство милуваат да изјават – голем дел од овие деца не се виделе со своите другарчиња речиси две години!

Затоа, ајде да ги казниме, кога веќе не се социјализираат, ајде и да не ги едуцираме во нашите „реформирани“ училишта, па ЕЈ – можеби и ќе станат поразлични и попаметни од средината во која што живеат – тоа се чини како одлична идеја!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.