Што значи да бидеш талентиран во Македонија?

Талентот во нашата средина е хендикеп!

Underachieving Gifted Students

Веста за талентираниот ученик на кој не му била дадена награда затоа што како ученик од основно училиште „не смеел“ да учествува на натпревар за средношколци, одекна како бомба сред мочуриште пред еден месец. Реакциите беа бурни, но како што е случајот и со многу други вистински приказни, разбрануваната вода се смири, а „жабите“ се вратија на вообичаеното монотоно крекање за секојдневните нешта од животот, додека слојот од зелена смрдлива вода повторно се наталожи. Се чини дека по само неколку дена се беше вратено во нормала.

Мочуриштето, претпоставивте, е симбол за нашата „нормалност“.

И жабите знаат дека талентираноста во нашата средина не се наградува, па дури и се казнува. Наспроти тоа, се наградува снаодливоста, итроста, лукавоста, способноста да се прелаже системот, да се протне низ неговите пукнатини. Но, колку можат луѓето да се обвинат за склоноста кон таквото однесување, кога самото општество не им остава избор.

Тоа не враќа кон случајот на Дамјан Давков, младиот математичар кој не бил награден затоа што не ги исполнувал критериумите на „мочуришниот“ натпревар (во светот на жабите).

Што велат соседите?

Brainz TV

Знаеме колку се почитуваат младите таленти на Западот, но да не гледаме премногу далеку и да видиме како е во соседството. Не треба дури ни да отидеме таму, доволно е само да го вклучиме телевизорот. На пакетите со телевизиите од регионот постои и една српска телевизија која се вика TV Brainz. Таа била основана со цел да се промовира и популаризира науката, културата и образованието и истите да добијат заслужено место во медиумскиот простор.

При тоа особено внимание се дава на промоцијата на ДОМАШНИТЕ научни и културни институции, како и на достигнувањата на ДОМАШНИТЕ научници и уметници.

Таму секојдневно можеме да видиме како се промовираат десетици млади таленти и им се дава медиумски простор со што се гради една култура на почит кон науката, уметноста и културата, нешта за кои нашите неразвиени општества се жедни, а на домашната исушената почва секако и треба многу навадување и нега. Токму таква нега им пружаат ваквите проекти, како и поддршката од институциите на државата.

Гледајќи ја оваа телевизија секој граѓанин на оваа држава, ако е совесен и самосвесен, би требало да доживее „невиден“ срам. Прво срам од себеси, а второ од државата во којашто живее. Тука повторно „во муабетот ни упаѓа“ случајот на малиот Дамјан. За него единствено решение е да избега во странство. Едноставно да се надева дека ќе добие стипендија некаде и дека ќе има шанса да стане нешто повеќе од „кафански филозоф“ и “Homo Macedonicus” (човек кој се знае, но ништо не може да направи со неговото знаење), синдром на нашата држава.

Повторно дома

МОН и БРО ги информираа училиштата за начинот на оценување

Навистина би било добро овој, а и другите млади таленти, да успеат надвор, заради нив самите. Но, уште подобро би било да успеат тука кај нас, да се докажат, да бидат ценети и наградени, и не само тоа! Да бидат мотивирани, да им се обезбедат најдобрите услови и професори, да имаат достапност до напредни проблеми од областа за кои се талентирани, да се вклучат во сите проблематики кои бараат талент од тие области за да вкусат различни „манџи“ и полесно да го изберат својот животен пат – тука!

Затоа МОН не треба ригидно да се држи до некои застарени закони и треба од принцип (или од инает) да го награди малиот Дамјан! И не само тоа – треба со раце и со нозе да граба по него за да го задржи пред да избега и да се всидри во некоја друга држава каде ќе работи на нејзиниот напредок. МОН и институциите на државава треба да го задржи – по секоја цена!

Но, можеби МОН се попаметни отколку што мислиме, зашто ние играме табланет, а тие играат шах, и 10 чекори се пред нас, размислувајќи и гледајќи во иднината. А таму Дамјан (со неговите таленти) нема да живее на ова место, туку во странство, па зошто воопшто да се вложува во него… За жал, во МОН не се визионери, туку само кратковиди и нивната миопија ја пренесуваат на целото општество.

Заклучок?

Rotten Drying Dirty Swamp At The Place Of Former Lake Stock Photo, Picture  And Royalty Free Image. Image 3971010.

По оваа срамна случка на малиот Дамјан му била понудена помош од многу поединци и компании од Македонија и од странство, а Општина Штип го прогласила за почесен граѓанин и понудила да му ја надомести наградата, но сето тоа било одбиено од страна на родителите. Тие сметаат дека е многу поважно да се крене свеста за третманот кон талентираните деца во Македонија. И, навистина!

Ако се навратиме на почетокот од приказнава, кога нашето мочуриште беше разбранувано и ако се присетиме како се чувствувавме тогаш ќе разбереме дека гордоста за младиот талент измешана со бес од неправдата е вистинското чувство кое треба да не носи секој ден од нашите животи! Треба да се бориме за правдината и против неправдите, да работиме на подобрувањето на состојбите со секој атом од нашето тело и нашиот ум, затоа што така создаваме подобра средина за живеење и развој за сите – за нас и за нашите потомци.

Можеби на некои жители на мочуриштево им е удобно на нивните големи листови сред мочуриштето и не ни помислуваат да се „замараат“ со проблемите на другите жаби, но кога-тогаш брановите ќе стигнат и до нив и ќе паднат во валканата вода – заедно со сите нас!

Затоа, мислете му ја на време.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *