Научниците одамна теоретизираат дека постои „космичка мрежа“ составена од водородни канали која ги поврзува сите галаксии во универзумот.
Оваа вселенска мегаструктура се крие на 12 милијарди светлосни години од нас во соѕвездието Водолија и, според статија во магазинот Futurism, научниците успеале за прв пат да ја набљудуваат.

Не само што ова претставува потврда за постоењето на ваква мрежа, туку и дава веродостојност на хипотезата за начинот на кој настанале галаксиите.
Според хипотезата, Големата експлозија го исполнила новоформираниот универзум со облаци од водороден гас од кои настанале структури во вид на нишки (филаменти). Местата каде овие нишки се среќавале станале места за формирање галаксии кои се хранеле од водородот за да формираат ѕвезди.
Ова сугерира дека гасот кој патувал по тие филаменти под влијание на гравитацијата бил искра во формирањето на галаксиите и супермасивните црни дупки кои се во нивниот центар, што ја дало структурата на универзумот кој го гледаме денес.