Нема доволно компјутери за онлајн настава? Групата „Дај, не фрлај!“ нуди решение!

Како една од причините за потешкотиите во онлајн наставата се наведуваат ученици/наставници кои немаат средства да го следат/спроведуваат овој тип на настава.

Групата „Дај, не фрлај,“ нуди решение. Во нивниот најнов пост пишува:


Почитувани членови,

Групава постои од 2016 година и од тогаш многу вас имаат подарено и добиено неброени нешта во оваа група. Отсекогаш сме потенцирале дека подарувањето е чин на грижа, но и на доверба, која во овие тешки времиња е ставена на посебен тест.

Ми се чини дека сме разединети како никогаш, особено по прашањето за нашите најмили, тие во кои почива нашата иднина, децата. Независно од тоа што ќе се реши за наставата од септември, ќе ви требаат компјутери и други технолошки помагала за следење онлајн настава. Но, еден дел од вас ги немаат!

Затоа, по речиси 6 месеци пауза, од тимот на „Дај, не фрлај!“ решивме повторно да ја отвориме групата и да дозволиме подарување/барање, но само под два услови:

1) Да подарувате/барате компјутери и други технолошки помагала кои ви се потребни само за одржување/следење на онлајн настава

2) Да се придржувате до протоколите при предавање/примање на истите (да бидете на отворен простор, да носите маски, да одржувате дистанца и да не се задржувате премногу)

Повикот важи за сите ученици, наставници, родители и други на кои навистина им се потребни овие помагала или имаат такви кои не ги употребуваат, а сакаат да ги подарат. Се разбира, апелираме на скромност, за онлајн учење не се потребни кој знае какви компјутери, доволни се и такви со основни перформанси.

Доколку се согласувате со нас објавувајте во групава, многу сме и за кратко време можеме да им помогнеме на тие на кои им е потребна помош во овие тешки времиња.

Ви благодариме однапред,
Од тимот на „Дај, не фрлај“


Лично сметам дека за неодржување на онлајн наставата постојат многу помалку аргументи отколку за класичната/комбинирана/скратена настава со физичко присуство. Таа не ги ризикува децата, ниту родителите, бабите и дедовците, како ни целата популација. Го обезбедува правото на образование кое во други услови на настава со физичко присуство нема да бидат ни приближно задоволени, го заштитува работникот кој во услови на комбинирана настава или затворање на училиштето каде учи неговото дете нема да биде ослободен од работа, но најважно од се го заштитува правото на живот! Сепак, ако еден од аргументите против онлајн наставата е „недоволно компјутери“ – еве едно од решенијата!

Познато е дека од сите мерки, затворањето на училиштата до сега се покажало како најуспешно во намалувањето на болните и жртвите од пандемијата, и затоа го поддржуваме.

Освен оваа група која е најбројна, граѓаните веќе почнаа самостојно да се организираат за подарување на компјутери и технички помагала за оние на кои им се потребни за следење на онлајн настава.

Еве уште некои корисни линкови:
Акција Онлајн-Солидарност
Донирај Компјутер – Борче Стаменов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *