Онлајн наставата е единственото добро решение за учениците, наставниците, родителите и сите останати!

Деновиве се води жестока расправа за тоа дали од први септември децата треба да одат на училиште. Мислењата се различни, но емоциите се вжештени кај двете страни. Да ги разгледаме нивните барања.

Класична или комбинирана скратена настава по протоколи од пеколот!

Едната страна се залага за комбинирана настава, со скратени часови и протоколи. Што подразбира тоа? Учениците ќе бидат проверувани на влез за температура, а потоа ќе им биде дозволено да влезат само со маски во училниците каде мора да се одржува дистанца. Маските мора да се носат цело време, инаку се губи ефикасноста. Часовите ќе бидат скратени и неефикасни, а децата ќе мораат да се трудат да ја следат наставата како знаат и умеат. Тие кои имаат очила ќе им се замаглуваат од маските, а наставниците заради одржување на дистанца нема да можат да им помогнат на тие кои ќе имаат проблем со следењето на наставата. По завршувањето на скратената настава родителите треба да ги остават децата сами или ќе мораат да излезат порано од работа и да останат со нив, за што работодавците не мораат да имаат разбирање.

Друго што подразбираат овие протоколи е затворање на училиштата во случај на зараза, следење на жаришта и реагирање откако ќе настанат проблемите. Кој ќе ги чува децата во тој случај? Или дедовците и бабите кои ќе се изложуваат на ризик или родителите кои нема да бидат законски заштитени за отсуство од работа. Тие што се повикуваат на правата на работниците би требало да знаат дека доколку се избере овој модел на настава, ќе страдаат токму работниците.

Често како алиби за оваа настава се користи изразот „децата треба да се социјализираат“. Каква е таа социјализација под маски, на растојание, на скратени часови, кога наставниците ги гледаат децата како опасност, а тие се плашат едни од други? Тоа повеќе личи на антисоцијална психо-физичка тортура!

Друг аргумент од поборницците за физичка настава е „право на образование.“ Еден од членовите на групата „Поддршка за онлајн настава“ пресмета што ќе подразбира скратената настава: „100 наместо 180 работни денови, 20 наместо 40 минути час само по себе значи сведување на наставата на само 28% од времето планирано за совладување на материјалот.“ Значи, образованието кое ќе се добие така е со далеку понизок квалитет, не само според времето поминато на настава, туку и поради сите претходно споменати фактори.


Дали некој ги праша наставниците што мислат?

Наставниците се чини се најзанемарени во целата расправа, како да не ги засега, а всушност се најзасегнати. Еден од наставниците од групата за Поддршка на онлајн настава сподели со членовите интересна исповед:

„Наставник сум 20 и некоја година (…) „Дали знаете колку мрсули сум избришала како наставник? Колку крварења сум запрела пред да стигне брзата помош? Колку чаеви, електролити и смекта сум спремила за децата кои дома се Ваши… Колку повраќаници и детска крв сум однела на мојата облека? Сега се прашувам сама себе: Дали во оваа ситуација, со овие ризици за физичко присуство на настава ќе останам пак толку дрско храбра? Дали ќе бидам присебна за да помогнам во критични моменти, или ќе бидам присебна да не го ризикувам здравјето на моето дете и моето семејство и да се тргнам настрана во тие ситуации?“

Други наставници членови на групата потврдуваат:

„Ако часовите се скратени и без одмори, би добиле непрекинат час што трае три саати, се менуваат само предавачите. Невозможно е да се зборува со маска три саати, а невозможно е да се задржи вниманието и концентрацијата на учениците, со класична настава веќе се уморни на последните часови, а не пак ако немаат одмори.“

Честопати од наставниците во групата се потенцира и дека:

„Наизменичното одење во училиште е неизводливо од причина што ние како наставници сме истите, на пример ако закачиме вирус од едно дете, ќе го разнесеме во сите одделенија каде предаваме, па другата недела на тие деца што не биле претходната недела, и така…“


Живеење во илузии наспроти фактите на науката!

Не можеме да се однесуваме дека вирусот не постои и да ги пуштиме децата на училиште без маски или без протоколи, зашто тоа е – едноставно глупаво! Дел од граѓаните (на Фејсбук) се залагаат за класична настава, без маски, кои ги сметаат за штетни. Оваа опција ќе ја занемариме затоа што нејзината позиција е: вирусот не постои и децата не се разболуваат! Уште недостасува да се додаде теоријата дека вакцината која другите со нетрпение ја очекуваме ќе се користи за чипувањето на луѓето и имаме потполна слика на некој кој попрво верува во тоа дека земјата е рамна затоа што не ја гледа кривината.

Науката јасно кажува дека и децата се разболуваат, иако се најчесто асимптоматични (иако и кај нив има компликации), но токму заради тоа ќе го пренесуваат вирусот многу полесно!


Само онлајн наставата е решение за сите!

Токму заради тоа родителите и наставниците, како и многу загрижени граѓани за заштита на основното право – право на живот, се залагаат за целосна онлајн настава како најразумно решение. Ако има онлајн настава работничките права ќе бидат загарантирани, затоа што државата ќе мора законски да ги принуди работодавците да им овозможат на вработените родители да бидат со нивните деца (едниот од нив, ако има дете до 10 годишна возраст). Правото на образование исто така нема да биде изгубено затоа што онлајн наставата ќе им пружи завршување на сите обврски на децата. И нивните права, според сите конвенции ќе бидат заштитени, а нивните баби и дедовци, како ризична група, ќе бидат сигурни дека децата нема да ги заразат. Но, најбитно од се – ќе биде заштитено правото на живот!

Многу родители кои се застапуваат за последната опција веќе се изјаснија и се децидни во нивната одлука која се почесто се искажува јавно на социјалните медиуми:

„Што и да решат МОН, не го пуштам моето дете на училиште!“


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *