За SpaceX и за вселенските гулаби кои ја спасија астрономијата!

Веќе зборувавме за заканата која ја претставува Starlink на SpaceX за астрономијата. Десетици илјади мали сателити на ноќното небо можеби ќе овозможат ултра-брз интернет на целата планета, но воедно ќе пречат на многу истражувања во астрономијата, наука која се потпира на суптилни мерења. Навидум безначајните нешта во науката можат да имаат големо значење.

Откривањето на Теоријата на големата експлозија (не се работи за серијата The Big Bang Theory) е интересен пример за тоа како ситните работи може да влијаат на инструментите. Теоријата на големата експлозија воспоставена од Edwin Hubble (1929) на идеите на Georges Lemaître (1927) била потврдена во 1964 од страна на Robert W. Wilson и Arno A. Penzias. Тие го откриле т.н. Позадинско зрачење (Cosmic microwave background) кое е потврда на оваа теорија со помош на радио-телескоп.

Но, научниците сепак сакале да ги исклучат сите пречки кои би можеле да дадат грешни резултати. Како можни кандидати биле: бучавата од блискиот град Њујорк, нус-ефектите од тестирањата на атомски бомби на Пацифичкиот океан неколку години пред тоа, сигнал од Ван Аленовите појаси или… изметот на парот гулаби кои си направиле дом во антената. По исцрпни анализи, научниците утврдиле дека сепак се работи за т.н. „ехо“ на примордијалната експлозија. За ова откритие наречено „не се работи за измет од гулаби“ двајцата научници добиле Нобелова награда во 1978 година. Што се случило со гулабите не е познато.

Токму за такви пречки зборуваме кога ја истажуваме вселената и од лансирањето на првите Starlink сателити на SpaceX, реакциите на астрономите беа бројни. Компанијата оттогаш презема неколку чекори, но последниот подразбира своевидни браници за рефлексијата на сончевите зраци кон Земјата, поради што сателитите на SpaceX ќе бидат речиси невидливи. Да се надеваме!

А до тогаш…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *