10 начини за квалитетно исполнување на времето во денешните невремиња

Искористете го времето во изолација на квалитетен начин! Колку себична реченица, додека луѓе страдаат… Но, што можеме да направиме друго? Дали нашета грижа и лошо расположение ќе помогне на некој?… Се разбира не.

Лично не сум некој социјален и „надворешен“ тип. Не ми пречи природата, но порано велев „да ме затвориш со денови дома, нема да забележам.“ Сега, како и многу други луѓе во светот се наоѓам во токму таква положба. Но, зошто е битно да се изолираме? Ако не заради себеси, тогаш заради другите. Што помалку физичка интеракција, тоа повеќе сигурност за сите, нели. И, најбитно, не заборавајте да останете информирани!

Еве неколку идеи како да се пополни времето во изолација.

1) Физичка активност – не само заради пополнување време, туку заради недостатокот од движење, а сето тоа е битно за имунитетот. На Youtube има илјадници совети како да вежбаш дома, за помалку дисциплинираните има бесплатни апликации кои ќе ве потсетуваат како да вежбате и ќе ви препорачуваат вежби.


2) Медитација – го смирува немирниот дух, помага да се фокусираат мислите и да се сосредоточиме на задачите. Најлесен метод за почетници е „следи го патот на дишењето“.


3) Јога – полесна варијанта на фитнес, ја подобрува подвижноста, го растегнува телото и го чува здраво. Јога не е шега, во понапредни позиции е потешка од кревање тегови!


4) Вежби за дишење – да не заборавиме да дишеме правилно! Го препорачуваме методот на Вим Хоф, кој позитивно влијае на телото и умот, ја подобрува работата на ендокриниот и имуниот систем, и ве учи како да го контролирате автономниот нервен систем преку дишење, медитација и – ладни тушеви, брр!


5) Но, што е со умот!? Се разбира на интернет има илјадници бесплатни книги, од Gutenberg преку torrenti (ова помеѓу нас). Некои наши автори, како Бранко Прља, поради вондредните услови, веќе ги дале своите книги за бесплатно читање:


6) Да не заборавиме од време на време да погледнеме и некој интересен филм или серија, се разбира такви кои не само ќе ни го пополнат времето, туку ќе ни помогнат да разбереме нешто повеќе за животот и светот. На archive.org има бесплатни класици (и не само филмови), обидете се.


7) Подкастите знаат да бидат одличен извор на забава, но и на информации за светот и за новите случувања во науката, технологијата и современиот живот. Мојот најоилен е Joe Rogan Experience, вие изберете го вашиот, навистина ги има многу.


8) Запишете се на некој бесплатен курс, Coursera нуди многу бесплатни курсеви за сите интереси и возрасти.


9) Совладајте нова вештина или усовршете стара! Почнете да учите нов јазик со некоја од многуте бесплатни апликации, како Duolingo, или извадете ја неупотребуваната гитара заборавена во некој ќош од вашиот стан.


10) Ако сте во друштво играјте друштвени игри – од јамб, преку Макао, Табланет или Бриџ, можеби Монопол, Ризик… зависи од тоа што имате дома, играјте, забавувајте се! Ако сте сами, вратете се на почетокот на листата и не заборавајте дека секој ден е нов предизвик – искористете го!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *