Апокалипса.мк 2.0

Бранко Прља е автор со многу дела. Не сите можат да се наречат прозни дела, некои се мешавина од есеистички или научно-популарен пристап, додека други се пост-модернистички игри со зборовите, приказните, некогаш мета-фикција или мешавина со популарната култура, воведување на различни стилови и интер-медијалност во раскажувањето.

Новата книга на Бранко Прља (негов петти роман) е дел од трилогијата за паралелна Македонија: Апокалипса.мк (2017), Воскресение.мк (2019) и Реплика.мк (2018), но секоја од овие книги може да се чита сосема независно.


Апокалипса.мк прикажува еден свет (Нова Македонија) до кој може да доведе негрижата на (за) луѓето и алчноста на тие кои имаат моќ, една дистопија во која човекот е лишен од правото на личен избор и наместо тоа неговиот живот е под туѓа контрола. Еден научник е на првите редови на борбата против оваа состојба на нештата, но на крај тој станува новиот тиранин. Дистопија со елементи на зомби-апокалиптичен роман, возбудливо четиво кое се голта во еден здив и ве остава без сон!

Втората книга, Воскресение.мк, раскажува за една Препородена Македонија во која приматот го има науката, технологијата, екологијата и грижата за иднината и за напредокот. Утопија каква што сите ја посакуваме, но се разбира приказната би била здодевна без човечките нагони да го расипе она што е совршено и да воведе хаос во редот. Токму тоа го прават ликовите во оваа книга и така помагаат да се изгради една СФ криминалистичко-авантуристичка приказна со интрига, убиства, желба за научна слава по секоја цена. Она што ги очекува е еден неочекуван пресврт и пат во непознатото.

Таа атмосфера нѐ воведува во третата книга, Реплика.мк, која се случува во подалечна иднина, во Реплицирана Македонија, каде што живеат машини кои глумат луѓе во обид да му дадат смисла на сопственото постоење. Во оваа потрага тие ја откриваат историјата на нивниот вид и тајниот начин на кој функционира нивниот свет. Роман за вештачката интелигенција каков што не сте читале до сега. На крајот повторно се враќаме на почетокот или откриваме ново продолжение?

Останува да видиме дали авторот со оваа книга ја затвора приказната за паралелните Македонии или и понатаму ќе биде инспириран од оваа чудесна, уникатна и парадоксална земја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *