Зелен катастар мисли дека сме дрва!?

Идејата на проектот „Зелен катастар“ е за пофалба, но како што честопати е случајот кај нас – работите се разликуваат од хартија до реалност. На кратко кажано, во Зелениот катастар се означени дрвја кои воопшто не постојат!!! Да видиме за што станува збор.

Зедовме една произволна улица во град Скопје (бул. Србија) и ги избројавме дрвјата покрај дел од оваа улица (од споменикот Јане Сандански до раскрсницата карши Џеваир кулите), од страната која припаѓа во Ново Лисиче.

Поради големиот број на возила на овој булевар кои се упатуваат кон единствениот мост (Близнак) во овој реон кој води кон автопатот, а и особено огромниот број камиони, сметаме дека е многу значајно да има вегетација покрај овој пат. И тоа густа вегетација! А да не зборуваме за загадувањето во овој дел од градот кое не потекнува од возила. Дрвјата секако може да помогнат.

Според апликацијата „Зелен катастар“ на овој простор од околу 300 метри треба да има 41 дрво, значи во просек по едно дрво на секои 7.5 метри. Така се означени во апликацијата. Тоа и не е толку лошо.

Сепак, состојбата на терен укажува на нешто поинакво. Одејќи од раскрсницата од споменикот Јане Сандански кон кулите, бројот на дрвјата се проретчува и од половина пат, дрвјата се на растојание од 10-20 метри, а на крајот и на растојание од 75 метри!!! Вкупниот број на дрвјата е 26, што е за 15 помалку од предвиденото!

Главното прашање е – ако на овој потег од 300 метри е направена грешка во катастарот, и се регистрирани 35% повеќе дрвја отколку што ги има реално, колку вакви грешки има во цело Скопје!?

Друго прашање е, како и зошто е направена оваа грешка? Дали воопшто е направен увид на терен или катастарот прегледувал само сателитски снимки па не им се видело добро?

Или уште поопасното прашање – дали катастарот ги вадел податоците од плановите за садење дрвја? Тоа значи дека се засадени 35% помалку од предвидените дрвја!?

Ова се валидни прашања на кои одговорот го знаат надлежните и би било добро да нѐ известат на време – меѓу другото, зимата доаѓа и ќе ни требаат сите дрвја (и повеќе!) во борбата против загадувањето!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *