5 аргументи дека Земјата не е палачинка!

Зачудувачки е тоа што во денешно време, кога науката и технологијата се толку многу напреднати, има луѓе кои веруваат дека Земјата е рамна. Во тоа предводат Американците кои иако признаваат дека сите други планети се сферични, Земјата не е, со што се потврдува посебноста на „Земјаните“, а светските влади, со НАСА на чело, сакаат да нѐ потчинат и да не убедат дека по ништо не сме посебни и дека сме само на една обична планета во универзумот.

Се проценува дека само во нашата галаксија има 30 милијарди планети, а во вселената 10^21 планети. Навистина да се почувствуваш ситен, но од друга страна, досега се откриени околу 4.000 и на ниедна нема живот, ниту во историјата на човештвото е остварен контакт со вонземјани. Зарем тоа не нѐ прави посебни?

Да видиме кои се аргументите за сферична Земја:

#1 Кога брод „заоѓа“ зад хоризонтот прво се губи долниот дел, па потоа горниот дел на бродот. Овој аргумент бил познат уште од антички времиња и можете да го тестирате сами.

#2 Затемнување на Месечината. Уште еден од античките аргументи кој се припишува на Аристотел. Кога има затемнување на Месечината, на неа се гледа сенката на Земјата која има сферична форма. Кога Земјата би била плоча затемнувањето би изгледало вака.

#3 Качете се на висока зграда и ќе видите подалеку. Исклучок: поради смогот во Скопје можно е овој експеримент да не успее.

#4 Временски зони. Сами по себе тие се доказ дека Земјата е сферична. Додека кај нас е ден во Токио спијат… ако не гледаат Покемон!

#5 Различни сенки истовремено во различни места на Земјата. Ако имате пријател кој се наоѓа на истиот меридијан на околу 150 км оддалеченост, јавете му се. Двајцата земете стап од 1 метар, забодете го во земјата и измерете истовремено колкави сенки прават. Ќе забележите дека едната е покуса од другата. Токму тоа го направил античкиот филозоф Ератостен (наводно со помош на еден роб) и исто така зачудувачки точно го определил и дијаметарот на Земјата.

Постојат уште многу аргументи, но засега би го споменал само уште овој: илјадниците фотографии и видеа од Меѓународната вселенска станица (ISS)… туше пусикет!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *