Како најголемиот капиталист Фејсбук стана кибер-панкерски Метаверс

Кон средината на 1990-тите младината во Македонија „киснеше“ по интернет кафеа да сурфа и игра игри, бидејќи ретко кој имаше интернет дома. Понекогаш тие места ги викаа кибер-кафеа или кибер-простор, според делата на Вилијам Гибсон, еден од најважните кибер-панк автори. Гибсон самиот признаваше дека не е технолошки тип (techie) и дека романите во кои опишува дистописка трансхуманистичка иднина ги напишал на машина за чукање.

Гибсон ги напиша неговите најдобри дела во 1980-тите, а ние поради неговата слава и авторите како Брус Стрерлинг или аниме филмовите како Акира (и неговиот наследник Матрикс) некако ги пропуштивме делата на Нил Стивенсон (Neal Stephenson), како „Snow Crash“ во кој тој го спомнува терминот „Metaverse“. Метаверс е кибер-простор познат од сите дела од жанрот, од New Rose Hotel на Гибсон (и мини-серијата според делото), преку Матрикс, но што е по ѓаволите Метаверс на Фејсбук?

Мета е новото име на компанијата Фејсбук (апликацијата ќе остане со истото име). Метаверс е совршен производ за денешното пандемиско време и, како што вели Зукенберг, во духот на некој мистичен гуру кој нуди астрално патување во центарот на вселената со помош на медитација или на некои сомнителни психоактивни супстанци:

Најдобар начин да разбереш што е метаверс е да го искусиш!

Проблемот е што Метаверс е во бета фаза и не е комплетен, но ќе може да се користи за комуникација, муабет, учење, играње, купување, креирање содржини – според Марк – за се што ќе посакате. Тоа е малку сомнителна изјава, но да ја прифатиме за сега.

Во оваа фаза Метаверс не се разликува многу од почетните анимации на виртуелна реалност од 1990-тите години што е по малку разочарувачки. Во еден споделен виртуален друштвен простор се среќаваат аватари и заедно учествуваат во еден нов „отелотворен“ интернет.

Тука Зукенберг навистина почнува да звучи како гуру или водач на секта.

Идејата се разбира не е нова, не само во научната фантастика, туку и практично, особено во светот на игрите како Second Life или виртуелните концерти на Fortnite, додека Minecraft или Roblox се веќе сами по себе виртуелни простори. Она што сака да го постигне Мета практично, барем така ни се чини нам, е да создаде алатка за бизнис корисници и за едукација која ќе се засновува на далечинска интеракција преку аватари во еден заеднички виртуелен простор со ВР очила, наместо пред екрани. Други намени би биле рекреација, спорт, натпревар, концерти и настани во живо итн.

Повеќе за темата на сајтот Арстехника.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *