|
МЛАДА МАКЕДОНСКА ПРОЗА
Тектонски потреси
Според мене, овие текстонски потреси не се посилни од 3,5
степени според рихтеровата скала, па можно е да ги
вознемират само најчувствителните. Затоа спомениците на
македонската книжевна сцена не треба да се плашат дека некој
има намера да ги урне. Овие текстови кажуваат дека некои
суштества сепак се обидуваат да ги придвижат надгробните
плочи поставени врз македонската книжевност, со надеж дека
ќе предизвикаат некаква сеизмантичка и вулканбуларна
активност. Не е страшно труповите да се извадат на виделина
да ги фати малку сонце, да ги поплука некоја мува, може од
тоа и нешто ново да никне, распадот е многу плоден. Крајно
време е црвот да почне да јаде, да се изведуваат бесни
глисти, полжавите да пуштат рогови и покрај големата
веројатност дека некој ќе ги згазне.
Ете така, му ги понудивме нашите шии на Коља(чот), да ни ги
обеси делата на пазарот - купче пилиштарци пред муцките на
големите ѕверки. Затоа што од далеку се гледа дека ѕверките
се дебели, мрсни и тромави, но пред сè штрбави. И може да нè
џвакаат колку сакаат, ние сме жилави, ќе издржиме! Ние сме
банда аутсајдерски стаорци и упорно грицкаме без намера да
ја напуштиме библиотеката на бродот што тоне токму заради
нас.
Туку, ај сега да не се пувам многу, пролистајте ги
текстовите, зашто ова што го пишува тука по сè изгледа дека
е тотално без врска.
|
|
|