Маргина

 Најнов број | Маргина во Точка | Архива... | On-line текстови... | Контакт |

Маргина во Точка



Во рамките на Точка свое уточиште конечно пронајде и номадскиот полустварен-полувидлив дух што се вика Маргина.

Не само за време на самото отворање (проследено со изложбата на Игор Тошевски, Трансфери, и со пригодните зборови на архитектот /на внатрешните надворешни светови/ Митко Хаџи Пуља и на уредникот /на несигурните орбитални светови што постојано измолкнуваат, т.е. надзорникот и набљудувачот на електронските судари/ Никола Гелевски), туку и години пред тоа, а и целиов период по тоа - траат расправиите, меѓу нас, за некои клучни прашања што нè засегаат.

На пример: дали телото на Маргина е самото списание или, пак, отелотворувањето се случува низ просторот каде што се работи Маргина, каде што луѓето се сретнуваат и ги вкрстуваат енергиите?!

При една од расправите деновиве одржани во Точка, излез од тешките прашања понуди теоријата за транссупстанцијалност, која делумно ги помири вжарените недоумици кои имаат и свои стратегиски, политички, естетски и морални импликации.

На пример: дали Маргина се етаблира, институционализира и формализира "пронаоѓајќи го своето тело"?

На нашите расправи - би можел да си дозволам една толку широка генерализација - беше поздравено, со мала претпазливост, вдомувањето на флуидниот скитник (кому на челото, како токму да е Голем, му е испишано, можеби тетовирано - Маргина) и беше прогласена нова фаза од скромната калливо-скулптурска Одисеја. Но, повеќе од грижата за самата Маргина, беше истакната и поздравена потребата од постоење на Точка, уточиште во кое ќе треба да се слеваат маргините, сфатени во најшироката можна - што значи поприлично парадоксална и често контрадикторна - смисла.

На некој начин, клучните зборови за оваа нова фаза на дејствување на Маргина, на Темплум, на здружението на граѓани Контрапункт и на културниот центар Точка токму се: интерференција и слевање на маргините. Контекстот сега ни е малку покомплексен, станува збор за неколку различни чинители, за малку поголем број луѓе и за малку понагласени обврски и одговорности.

 

 
 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |