|
МЛАДА МАКЕДОНСКА ПРОЗА
Тектонски потреси
..................................................
Димитар Самарџиев
Ни беше жешко
Тргнавме накај реката да се
бањаме. По патот еден облак се потстави под сонцето. Кога
стигнавме, С. ги собу патиките, си ги соблече кусите
панталони и влезе да се бања по гаќи. Гаќите му беа сиви, а
си беше гол до појас уште во колата. Т. влезе во вирот без
да се соблече, носеше маичка на прерамки, куси панталони до
колена и апостолки. М. ме убедуваше да се бањам и јас. Мене
водата ми беше студена. А ако почнеа да ме прскаат за да ме
принудат да се бањам, бев подготвен да се соблечам гол за да
си ги зачувам алиштата суви. М. реши да си ги соблече гаќите
и да се бања по куси панталони. Малку се двоумеше дали да си
ја соблече маичката со куси ракави и брзо сфати дека не е
страшно ако ù ги видиме цицките. Јас посакав да се соблечам
гол, и покрај тоа што не ме прскаа, ама само си ги собув
длабоките планинарски патики, ги соблеков двете маички, го
разлабавив ременот и си ги откопчав кусите панталони за да
ми се гледаат белите гаќи. Водата беше студена. Ги гледав
како се шлапкаат. С. виде мртов рак и фати жапче. Сакаше да
ги уплаши М. и Т. со жапчето, но тие не врескаа. Потоа сите
се качија на камењата над вирот и ме викнаа. Се качив и јас.
Седнав на еден поголем камен и си ги брцнав стапалата во
вода, не си ги сакав ноктите и одбрав место кај што се
пенавеше водата за да не се гледаат. Подоцна С. и М. отидоа
надолу по реката да направат нешто што М. дотогаш го немала
направено со ниеден од нејзините дотогашни љубовници. Јас и
Т. одбравме едни камења што ги печеше сонце и ги извадивме
учебниците од ранците. Јас учев Синтакса на македонскиот
стандарден јазик, а Т. учеше Паскал и решаваше алгоритми.
Јас повеќе си ја слушав реката отколку што учев. По некое
време М. и С. се вратија, С. ја носеше М. на ушка. Јас и Т.
гледавме во учебниците, а С. и М. се пресоблекуваа. С. ги
донесе и моите патики, а цигарите му паднаа во водата. С.
почна да ù се смее на М. оти едни четворица, што се појавија
горе над камењата ја видоа како си ги облекува гаќите. Т.
веднаш спомна тепање, си помислила дека типовите се симнале
од албанското село. С. кажа дека може да тепа двајца и почна
да раскажува како се тепал со четворица. Јас си молчев, а М.
кажа дека веднаш ќе сум избегал. Се насмеав и реков дека
можам брзо да трчам. Четворицата почнаа да се бањаат без да
ни обрнат посебно внимание. С. си ги фрли мокрите гаќи во
едни грмушки оти таков бил редот; околу вирот имаше фрлени
чорапи, маички и друга облека. Конечно, тргнавме надолу
покрај реката. По патот имаше коприви. На едно место требаше
да ја преминеме реката. М. и Т. со апостолките слободно ја
прегазија, а јас и С. со патиките скокавме од камен на
камен. На еден камен имаше алги, се слизнав и малку шлапнав
во водата. Патиките ми беа обложени со гортекс и не
пропуштија. Ги зедов темните очила од С. за да можам
поопуштено да скокнам на другиот брег. Потоа им кажав дека
од темните очила ми се променил погледот на нештата околу
мене и ми пораснала самодовербата. С. рече дека и ликовите
од Матрикс носат темни очила од истата причина. Продолживме
да одиме надолу, М. виде цвеќе на една ливада од другата
страна на реката. Кога стигнавме до мостот, М. и С. преминаа
од другата страна за да се вратат на ливадата и да берат
цвеќе. Јас и Т. седнавме на еден камен што беше под сенка.
Околу каменот имаше многу ѓубре и некакви дебели жолтеникави
бубачки летаа наваму-натаму. Т. тврдеше дека се мајски
бумбари, а јас ù реков дека мајските бумбари се прелеваат во
зелено-сини нијанси и дека е јуни. Т. стана од каменот и
пробуваше да улови една бубачка за да ми докаже дека тоа се
мајски бумбари. Кога не ù успеа ми предложи да го собираме
ѓубрето, јас ù реков дека има премногу ѓубре и дека ќе ни
требаат три дена да го собереме. Т. рече дека не е важно
колку ѓубре ќе собереме. Бевме жедни и отидовме кон
манастирот да пиеме вода. Пред портата пишуваше дека сите
православни христијани треба да бидат пристојно облечени за
да влезат во манастирот и имаше слика со пречкртано женско
облечено во мини и пречкртано машко со ептен куси панталони.
Започнавме расправа за тоа дали кусите панталони што
достигнуваат до или малку под колената се пристојни според
тие норми и на крајот заклучивме дека тоа не важи за нас
зашто не сме христијани, а уште помалку православни.
Влеговме внатре, еден монах ја вадеше тревата, а другите си
разговараа. Кога стигнавме до бунарот и пумпата, видовме
дека според државниот санитарен инспекторат водата не е за
пиење. На излегување прочитавме уште еден натпис - спомен
плоча за тоа како 1944 година партизаните престојувале во
манастирот додека воделе битки со балистите. Надвор, пред
колата, М. и С. веќе нè чекаа. Ние моравме да подзастанеме
зашто на патот поминуваше едно бело југо со неколку дупки од
куршуми на левата страна.
|
|
|