|
МЛАДА МАКЕДОНСКА ПРОЗА
Тектонски потреси
..................................................
Бошко Бозаџиевски
Во потрага по
мирен сон на еден искомплексиран идиот
Сонував. Сонував дека сум во
луна парк. Децата вриштеа, а небото беше црвено од нивниот
врисок. Портирот пееше мелодија за своите изгубени љубови
заедно со својот пијан мачор, а имаше и еден куп кловнови.
Кловновите беа мили и нивната задача беше да ги одбираат
девојчињата помеѓу 8 и 13 години, а каде ги носеа и што се
случуваше со нив потоа, не знаев. Децата полека исчезнуваа
но затоа пак кловнови имаше сè повеќе и повеќе. Почнаа да се
мотаат околу мене. Ме гледаа неучтиво како студенти чијшто
референт од студентски прашања е убиен, а сум го убил токму
јас. На кловновите им растеа сè поголеми заби, но
поинтересно беше тоа што тие беа облечени во фустанчињата на
девојчињата. Тоа го знаев, затоа што порано (благодарение на
моето остро око) забележав неколку непристојни парталчиња
што не им доликуваа на женски суштества помеѓу 8 и 13.
Таквиот заклучок во ситуацијата во која се наоѓав воопшто не
ми беше од некаква полза.
Значи така, си помислив, сите тие слатки девојчиња се
претвориле во овие долгозаби андрогинпараноидандроид фаци и
сега ќе се мрсат со мене. Но решив да не ме добијат толку
лесно.
“И најсифилистичната курва е подобро нашминкана од вас!”,
вреснав, “Еве ви го на!”, и им го покажав средниот прст, тој
моќен симбол на непокорот, таа мандала на реалноста. Се
разбира, летнав да ја бегам.
Трчав. Трчав и бегав храбро. Но, впрочем, знаете какво е
бегањето во сонот. Колку поекстатично бегаш поголема е
веројатноста да те фатат. Долгозабите ме фатија и ме
соблекоа гол.
Ах таа невина комедија и лажливост! Ах тие нашминкани
гладијатори! Ах тој проклет колосеум што ние го нарекуваме
циркус!
Каква страст и сласт на кинење и плукање месо! Но најчесто
тоа беа делови од моето тело на коишто не им придодавав
особено значење: левата рака не ја користам, јазикот (не
зборувам многу), џигерот и така ми беше изеден од ракија и
вино...
Но мојата рамнодушност беше откриена од една од тие креатури
на кичот. Со победничка насмевка, или поточно со она што
(тој таа тоа) мислеше дека личи на насмевка, го зграпчи со
едната рака мојот фалус, кој од страв беше се претворил во
трето маде, токму во моментот кога го очекував најкрвавото
фелацио во мојот живот, полн со страв и ужаснување во тој
миг... жими Фројд, се разбудив.
Во мојата будна соба нема ништо. Мислам, има кревет, маса,
стол и слика, меѓутоа секоја информација повеќе за тие
предмети е излишна и претставува прозоблудие. Секоја
визуализација за тоа како јас постојам во оваа соба и каков
е мојот однос со неа ја препуштам на вашата креативност.
Требаше можеби да напоменам дека има мува во мојата соба, но
само толку зашто со неа сум скаран. Веќе подолго време не
зборуваме еден со друг. Секој постои сам за себе.
Денеска, по оној сон на сите сетила, станав, си ги почешав
мадињата и ја погледнав. Мојот цимер, мувата, ми возврати со
злобен поглед а погледот како да велеше: “Види се, бе. Не
можеш ни добар измет да извадиш”. Излегов изнервиран, не
трескајќи ја вратата по мене, со тоа сакајќи да ù укажам
дека воопшто не ми е гајле за тоа нејзино лицемерно мислење.
Улиците беа влажни и болни. Луѓето заразени од ракот на
општеството, си изјавуваа љубов. На небото чавките пееја
перверзни песни.
Ја подигнав раката и застана едно такси. Со полуизлупени
букви на вратата пишуваше:
РАДИО ТАКСИ “ХАРОН”
“Не ја трескај вратата”, рече потенцијалниот мртовец. Се
разбира, ја треснав.
“Киро Метак 14”, реков и авторитетно запалив цигара.
Додека ја поминувавме реката на радиото одеше На убавиот сив
Вардар од Јохан Маус. Безрбетните згради никнуваа како
расипани заби во устата на Градот без крајници и крајности,
а тука и таму луѓето што исчезнуваа ме потсетуваа на
кловнови, најчесто жените на новопечените, што уште повеќе
ја растревожуваше мојата и така веќе кревка психа. Што
правев со себе? Каде одев? Да, одев кај Далила. Не, тоа
сигурно не беше фризерски салон. Никогаш не одев таму по
сопствена желба. Но упорно одев таму. Одев таму насмеан и со
наведната глава како куче пред касапница.
Таксито замина а прозорците на куќата пророчки зјапаа во
мене. 55 скалила. Врата. Ѕвонче. Ѕврррн-зѕвбрррн. Каква
благопријатна мелодија!
“Дојде а?”, рече рамнодушно Далила. “Ајде влези.”
Внатре владееше гротескна
атмосфера. На телевизорот немаше ништо, а на радиото Том
Вејтс очајно се обидуваше да испее нешто. Во левиот горен
агол од собата неколку пајаци со румени лица и писателски
подочњаци правеа пир а Далила, гледајќи ги, блажено се
смееше. Кога така се смееше ме потсетуваше на избеган лик од
некое загубено платно на Хиеронимус Бош.
“Тури ми водка”, реков.
“Не може. Болен си. Имаш грип”, рече и лакомо голтна од
полното шише. Знаев дека ќе добијам порано или подоцна,
знаеше и таа, но сакаше да ме измачува. Ах таа пуста жед...
“Се слушнав со мајка ми. Ми рече да пијам повеќе течности”,
реков.
“Е многу си глуп.”
“Зошто?”
“Многу буквално си ги сфаќаш работите.”
“Сепак мајките без приговор треба да се слушаат.”
“Во право си. Дај ја чашата ваму.”
Првиот половина час пиевме како стоки. Вториот половина час
се заебаваше на сметка на мојот неодамна починат татко. Се
смеевме заедно ко будали. Третиот половина час си правевме
нормален муабет. Разговаравме за животот, љубовта, бог и
сите тие срања. Ě раскажав за мојот сон, а на тоа таа
промрмка дека имало нешто врска со моето детство, но не се
трудев да запамтам. Беше убаво и топло. Се почувствував како
да сум се вратил во телото од кое сум се родил, сè додека
таа не праша:
“Како е Дина?”
Тоа е мојата мува.
“Добра е”, реков и почнав да се потам, “уште ми се лути.”
“Можеби треба да ја донесеш да си поигра со моите потентни
пајаци”, рече.
Како можев да ја замислам мојата мува во една таква оргија
на инсекти? Некој друг да ги гали влакнестите ножиња на
Дина? Не, никако. Колку и да беше досадно нејзиното
атерирање врз мојот нос во мамурливите утра, сликата што ми
ја долови Далила беше вистински хорор! Ах тие сивкасти секси
очи. Тоа заводливо триење на нејзините задни нозе врз моето
јадење! Значи ова е тоа што сите го зборуваат. Љубомората и
љубовта се еднојајчени близнаци! Но, колку да ù го должев
ова мое просветление на Далила, таа требаше да пати.
“Легни да ти покажам една игра”, реков и го зедов големиот,
светкав и леплив нож. Таа послушно легна, а малиот
екскалибур повторно се најде таму кај што припаѓаше, во
нејзиното камено срце. Потоа, внимателно и хируршки точно ја
расеков од желудникот до блудниот утерус така што ù остана
уште малку време кое го искористи да шепне:
“Се надевам дека знаеш што правиш.”
Додека се симнував по скалите во главата ми зуеше
алкохоличарскиот глас на Том Вејтс, а по пат сите луѓе ми
беа убави. Дури по долго време посакав да водам љубов со
една девојка што ја сретнав. Кога стасав дома мувата
задоволно се смееше, а јас задоволен заспав. Сонував убав
сон; меѓутоа, кога се разбудив, го бев заборавил.
Мислам дека летав или така нешто...
|
|
|