|
МЛАДА МАКЕДОНСКА ПРОЗА
Тектонски потреси
..................................................
Данко Илиќ
Една беспомошна
бранова должина
Една срамежлива бранова должина
интензивно го беше прострелала белиот фустан на убавата
Кломпичка. Таа, јадра, со силен тен, со нозете си го
пробиваше патот низ купиштата пепел и низ животот. Беше била
заминала од својот дом минатата зима и до последниот ден се
грижеше за својата баба-странец блиску до соборниот храм.
Храмот, честопати одзади осветлен, беше натрапник меѓу
алуминиумските цилиндрични зданија со алуминиумска боја.
Алуминиумот денес прекршува светлина колку и асфалтот, со
индекс 45. Тоа го биле барале сопствениците на аквариуми и
хрчаци од зградите без светлообвивачки штит, зашто, наводно,
на нивните миленичња им посинувале очите, а бидејќи златна
рипка по дефиниција нема сини очи, останувало нешто да се
преземе. Пристапено е кон вршење промени на Речникот,
централната машина за проектирање на реалноста. Всушност,
многу било полесно да се промени бојата на очите на рипките
отколку индексот на прекршување на светлината кај асфалтот,
но овие две работи биле алгоритмирани како еквивалентни, па
денес индекс на прекршување и боја на очи се исто, како што
и традиционално биле. Така, вистината е она што е! Доследно
спроведување на берклијанските принципи. Всушност, по
неполни 4 години од воскреснувањето на Беркли, целиот систем
бил виртуелизиран и подреден на Принципите.
Белиот фустан беше бил подреден на истите норми, па
препоните некако го свлекуваа од градите надолу. Ќе беше
смешно да беа биле ставиле трегери на еден толку невин
фустан, та така и тенките врвци на рамењата вршеа работа.
Инаку, по законот за интеграција на ткаенината, сите ленти,
лентички и врвци, беа биле сведени на ниво на врвца, за да
се израмнат алгоритмите за врвци, лепенки и каишчиња во
Машината. Но, занемарувајќи го неприкосновеното наметнување
на Битието, Кломпичка си ја подгреваше површината под
ув-филтерот и, поради своето источњачко и софистицирано
потекло, енергијата ја пушташе да се движи меѓу чакрите. Í
биле кажале дека мора да замине на само пет месеци, но сега
нејзината групација, заедно со земјата на која тие си биле
изградиле куќа за живеење, беше израмнета на ниво на плажа
од седумсто-на-час-километарските цунами. Лоша работа што ги
возбудува спомените, но сега, кога баба умре, се чини дека
сè поаѓа на арно. Таа се надеваше, што би рекле старите, на
живот без сајберкеиф. Кломпичка бараше мажјак. Мажјак за
себе, својот цилиндер-дом и, ако даде Битието, за нејзино
полуклонче. Беше слушала за моќите на мажјаците од баба ù,
за нивната чудна способност да побудат во женката дете. А
како тие биле исчезнале знаеше секое дете, односно девојче.
Зрачењето од радиоактивните цунами го беше преобратило
половиот љ-хромозом во полов, односно неполов, И-хромозом.
Малкуте машки жители што останале се оние кои сфатиле дека
тој хромозом не е носител на половоста. Класичен плацебо
ефект; како со Абориџините во Старата Реалност. Чудно е што
кај женките не дошло до генетски мутации, но самите тие,
чувствувајќи се прекрути, донеле Закон за забрана на бричење
мишки. Та мора некој да има влакна под мишките во космосот!
Петтиот елемент.
Таа беше од најмладата
генерација и нормално дека знаеше за кундалини-техниките што
им ги покажуваа во училиштата, две години пред истите да
изгубат смисла. Бившите професори беа станале таксисти и
сега на патниците им ги покажуваат останатите, сообраќајните
техники. Редовен Сообраќај, квалитетен Секс и многу
Претприемачки техники се магичната формула. Сексот не ù беше
слаба страна, иако постоеше мит за блуткавоста на ефектот на
пренесување енергија при поврзување женски кундалини.
Интересно, еднаш беше успеала да замисли мажјак што го
видела во Британиката на баба ù Унгарка и тоа побуди некои
чудни чувства на вечност и возбуда во неа.
Таа, всушност, беше една недорасната, незгасната личност,
што беше нормално за секоја единка на нејзини години. Но,
оценета потпросечна, таа беше игнорантна и чудно настрвена
кон мистика.
Сама, водена од Јупитер, тргна кон полињата на Стариот
Аеродром. Посебно го следеше вториот сателит, што и
создаваше маки, зашто мораше да оди во осмица, наместо да ја
фура правата. Патот понекаде беше осветлен од неон со
поминат рок и месечина при крај. Одеше неколку часа покрај
тревник што двоеше два булевара и, прибирајќи само неколку
трна меѓу прстите на нозете, стигна до таблата. На неа
пишуваше: движење само вон таблата. Така, загази на
двополова територија, и што се однесува до јони и до видови.
Дејството на јонизатори на воздух го снема. Се чувстуваше
спарнина, а единствена сенка беше облачето над шпицестата
планина десно. Песок и кафена трева врз рушевини од нешто со
многу и два паралелни реда бетонски дебели столбови, три
метри над земјата. Чист кварцен песок, што ветува пустина,
бура, дини и студ.
Беше прочитала дека Нив ги палат фустани. Кломпичка се
соблече и го запали својот фустан, оставајќи ја камерата да
забележи само силуета на пропорционална женка од мраз што се
топи, со бујни гради од млеко и бел прав низ крвта зацрнета
од хормони. Легна да спие, го почувстува второто срце во
себе и сони сон.
|
|
|