Евроциркузија, евровизија и циркус во едно!

Од „фрлање на знамето“, до политички поени, преку медиумски клик-бејт содржини, до македонските турбо-фолк медиуми, Евровизија е најлошото во Европа во едно!


Медиумите во Македонија се чудна ѕверка, турбофолкот им е во крвта. Но, внимавајте тубофолк не е само Цеца, тоа е многу поширок поим. Тоа е состојба на умот и практична филозофија на живеење, трач-муабети, ѕиркање од прозорец (во дворот на комшијата), 10-ка со кромид, качување на маса, шпанска, па турска серија, „слушај-да-ти-кажам-батка“ типови, мајка-ми-готви, жена-ми-чорапи-пере, мацо-цуцо, шминки-педикири-маникири-шопинг, „јачи смо од судбине“, „пссс… јас ли бе“ менталитет итн.

Во еден таков медиумски менталитет Македонија повеќе зборува за Евровизијата и наводното „фрлање на знамето“, отколку што пред година дена во речиси истиот период зборуваше за скандалот со токсичниот мазут. Кога таа вест одекна како бомба во јавноста загрижена за општото здравје во тек на 24 часа таа беше проследена со 82 вести. За споредба, настанот со знамето беше проследен со 237 вести (или конкретно веста за знамето и „Андреа“) речиси 200 пати!

Народот повторно им го сврте грбот на уметниците и интелектуалците и удри со најстрашни клетви кон нив! Таков револт отсуствува кога малите бизнисменчиња ги трујат и ги загадуваат почвите или ги пресушуваат реките, кога ги трујат нашите деца со увезување и палење штетен отпад кој сите го дишеме, кога бесправно градат згради на секој чекор и го гушат градот кој одамна изгуби карактер. Тогаш се неколкумина на протест, истите тие кои ја градат културата, уметноста, науката, се борат за екологијата секој ден заради унапредување на состојбата во заедничката држава, заради идните генерации.

Да, Андреа можела да постапи поинаку, но веројатно не размислила во моментот. А да не зборуваме за сите други случаи на гризење знамиња или нивно насилно удирање во моменти на радост.

Мигот кога швајцарскиот претставник му удри заушка на знаменцето
За гризење на знамето казна нејадење бурек месец дена.

Сепак едно е очигледно, а тоа е дека на удар на македонската јавност и медиумите се интелектуалците, уметниците, едукаторите, сите оние кои се занимаваат со според нив недостојни професии и постигнале нешто во животот заради својот ум или талент. Од првичната реакција на медиумите се чинеше дека девојчето го изгазило знамето, но вистината е дека медиумите ја изгазија, а народот ја дотепа, и дека никогаш нема да и дозволи да излезе од калта во која сите така самозадоволно се претелкаме.


Како единствено нешто добро на Евровизија се чинат 12-те поени кои Хрватска и ги даде на Србија. Браво за прифаќањето на различностите и помирувањето, барем на музичко ниво.

Да не се лажеме, Евровизија е тешко ср**е, отсекогаш била. Кипар секогаш дава 12 поени на Грција, дури и да тропаат со тенџериња и тави на сцена, сите скандинавски земји даваат поени едни на други и така натаму. Сите песни се копија на познати и хит песни од минатото, не би навлегувал во анализа која може да се направи, но би била непотребно губење на време.

Колку за потсетување, Југославија победи на Евровизија во 1989 година со песната на Рива „Rock Me“ и во 1990 година истата се одржа во Загреб. Сите знаме што се случи потоа, братоубиствената војна и распадот на Југославија. Украина победи во 2022 година и сите знаеме што се случува во моментот таму. Евровизија е политички циркус, а музиката има малку допирни точки со тоа кои песни се пласираат високо.

Од другата страна на нештата се чини дека македонската алтернативна музичка сцена е, како и секогаш активна. Медиумите треба конечно да и го посветат должното и децениски задоцнето внимание, ама без турбофолк нема ни кликови!

One thought on “Евроциркузија, евровизија и циркус во едно!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.