Скопје и историските чуда: епска сага за патот Пинтија-Драчево!

Во Скопје, главниот град на Македонија, се одвива епска сага која ги надминува границите на времето и просторот. Веќе четири години, жителите на две населби се сведоци на едно од најголемите чуда на модерното време – реконструкцијата на пат Пинтија-Драчево долг само 1,5 километри.

Колку за потсетување за патот преку кој дневно поминуваат и по 50.000 возила Град Скопје зема кредит од 4 милиони евра и требаше да биде завршен за 2 години.

Овој херојски потфат, кој започна некаде во јуни 2021 година е веќе навлезен во четвртата година од реновирањето. Овој пат продолжува да ги воодушевува локалните жители и случајните минувачи. Со брзина на полжав со реума, овој проект успешно се спротивставува на реновирањето сите закони на физиката, логиката и здравиот разум.

Додека светот напредува со брзина на светлината, Скопје гордо чекори назад во времето, покажувајќи дека понекогаш е подобро да се движиш бавно и сигурно. Особено кога „сигурно“ значи дека патот сигурно нема да биде завршен во блиска иднина.

Но, да не бидеме неправедни и да ги наброиме другите достигнувања во светот кои биле направени за 4 години или помалку:

Видете го плакатот во целост тука.

  1. Аполо програма (1965–1969): За 4 години, човештвото успеа да испрати луѓе на Месечината. Но ајде, тоа е само 384,400 км оддалеченост. Нашиот пат е цели 1,5 км!
  2. Систинска капела (1508–1512): Микеланџело го насликал плафонот на Систинската капела за 4 години. Но тој не морал да се справува со скопскиот сообраќај!
  3. Менхетн проект (1942–1945): За 3 години, научниците ја развиле атомската бомба. Сепак, дали се обиделе некогаш да пополнат дупка во скопскиот асфалт?
  4. Тајната вечера (1495–1498): За 3 години Леонардо да Винчи го создал историското ремек-дело на ренесансата. Нашиот пат исто така е ремек-дело, само што повеќе личи на Пикасо отколку на да Винчи.
  5. Меѓународната вселенска станица (1998–2000): Првите модули биле лансирани и склопени за 2 години. Очигледно, полесно е да се гради во вселената отколку во Скопје. Освен во случајот на градење згради – тука сме светски шампиони.
  6. Изградба на Ајфеловата кула (1887–1889): За 2 години и 2 месеци Французите го изградиле овој симбол на Париз. Но, дали некогаш се обиделе да постават шахта на пат во Скопје?
  7. Освојување на царството на Ацтеките (1519–1521): Ернан Кортес го освоил огромното царство на Ацтеките за 2 години. Очигледно, полесно е да се освои царство отколку да се реновира улица.
  8. Откривање на структурата на ДНК (1951–1953): За 2 години, научниците ја откриле двојната спирала на ДНК. За споредба, нашиот пат е толку комплициран што можеби ја крие тајната на животот!
  9. Откривање на Новиот Свет (1492–1493): Колумбо го открил Новиот Свет за 1 година. Се прашуваме дали би успеал да го најде патот до Драчево!?
  10. Специјална теорија на релативноста (1905): За 1 година, Ајнштајн ја променил нашата перцепција за времето и просторот. И нашиот пат прави нешто слично!

Па така, додека светот се занимава со тривијални работи како освојување на вселената, откривање на тајните на животот или создавање на ремек-дела, Скопје храбро се фокусира на навистина важните нешта – како да се направи 1,5 км пат за 4 години.

Кој вели дека чудата не постојат? Доволно е само да се прошетате по нашиот недовршен пат и ќе сфатите дека невозможното е возможно. Особено кога станува збор за одолговлекување на јавни проекти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *