„Ѓубрето е бизнис“, така започнува првиот македонски краткометражен анимиран филм правен со помош на вештачка интелигенција „Мечказила vs. Токсиволк, во битката кај Скорне“.
Во дистопискиот град Скорне, опустошен од уништување и загадување на животната средина, Јан се појавува како неподобен херој. Со помош на неконвенционални сојузници, тој е сведок на уништувањето извршено од монструозните Мечказила и Токсиволк, суштества родени од токсичното наследство на градот.

Додека градот се соочува со неизбежен колапс, Јан се обидува да го спаси своето семејство. Граѓаните почнуваат да ги сфаќаат последиците од нивните постапки, што доведува до трошка надеж за иднината, но шокантниот пресврт открива поинаква вистина.

Кусиот филм е од дистопискиот жанр, што е карактеристично за авторот на сценариото, Бранко Прља, кој до сега има објавено три романи од истиот жанр. Филмот има и еколошка димензија и порака, бидејќи продира длабоко во суштината на идејата за зачувувањето на околината и како негрижата за истата може да ни се врати како бумеранг. Главниот херој е само марионета во поголемите случувања, што укажува дека, да – индивидуата снесува одредена одговорност, но колективот и државата има поголема моќ за промена, на подобро или полошо.
Ние, на порталот Арно се залагаме за екологијата преку различни активности кои ги правиме на терен и преку социјалните медиуми, постојат и други индивидуи и организации, но за поголема промена потребно е сите, од 7 до 77 години да се вклучиме во борбата за подобро денес, утре, па и задутре.
На нашиот портал веќе направивме неколку видео-есеи за Скорне, градот без мостови и град со повеќе депонии отколку книжарници. Ова е екстензија на таа приказна, во која Скорне добива нов живот.
Вештачката интелигенција беше интегрирана во креативниот процес на повеќе начини. Сценариото е на Бранко Прља (од неговата нова работна книга), ChatGPT е користен за подобрување на наративните елементи во сценариото. Сликите се генерирани во Midjourney, а анимирани со Runway Gen-2. За монтажа е користен CapCut.