Екипата на Арно.мк е поканета на отворањето на првата национална астрономска опсерваторија, планетариум и научен центар на Косово.

Нашата мисија: да собереме искуства и да ги пренесеме кај нас во еден повторен обид Македонија конечно да го оствари деценискиот сон – отворање на научна астрономска опсерваторија кај нас.
За оваа прилика подготвивме верзија од нашите книгички од едицијата „Мала фактопедија“ на англиски кои ќе ги подариме на оваа институција (опсерваторија, планетариум и научен центар) од Косово, а еден дел е за нашиот планетариум при МКЦ. Истите книгички се достапни и на Амазон.

Национална астрономска опсерваторија е сведок за визијата на еден народ
Косово со отворањето на овој објект се впиша на една листа на држави кои гледаат напред и вложуваат во науката. На Балканот само Албанија, Црна Гора, БиХ и Македонија останаа без ваков објект. Се работи за големо постигнување за една нација, како сведожба за напредокот и вложувањето во иднината на науката и на народот.
Македонија имаше многу обиди во минатото (на Арно.мк ги документиравме сите!) да направи една национална астрономска опсерваторија. Многу ентузијасти се обиделе, но никогаш не наишле на поддршка од државата.
Парламентот на Косово ги има одобрено средствата за изградба на оваа опсерваторија, а другиот дел се од приватни и странски фондација. Главната личност во целиот проект е Пранвера Хисени која е основач и директор на Astronomy Outreach of Kosovo, официјален бренд амбасадор на Celestron, главен извршен директор за косовското поглавје во Charlie Bates Solar Astronomy Project/Sunlit Earth, итн.

Отворањето ќе биде на 19 јуни 2024 година
Во официјалното соопштение се вели: „Големото отворање претставува значаен настан во создавањето на нова ера на истражување за граѓаните на Косово. Научниот центар е сведоштво на заедничките напори на визионери кои ја посветија својата експертиза за да го направат овој проект реалност.“
Настанот ќе трае два дена и ќе има низа содржини како научни дискусии, работилници за ракување со телескоп, предавања од научници како Д-р Мириам Телус (Космохемичар), Д-р Раџа ГухаТакурта (астроном), Тери Вотсон (контролор на летови на Аполо на НАСА), Џејмс Венер (директор на системско инженерство за вселенски возила), Роберт Ривс (автор и експерт за лунарни фотографии), Стивен В. Рамсден (астроном), Родриго Араја (Администратор на Space Hipsters) и други.
Со цел да се покрене повторно прашањето на изградба на астрономска опсерваторија во Македонија ја отворивме групата Астрономска опсерваторија во Македонија. Со нашата посета на отворањето на првата национална астрономска опсерваторија, планетариум и научен центар на Косово би сакале да собереме нови искуства и да ги пренесеме кај нас со цел да се оствари деценискиот сон на многу научници и ентузијасти од Македонија.