Неверојатната (и по малку трагична) историја на астрономската опсерваторија во Македонија

Текстов е напишан по повод отворањето на првата национална астрономска опсерваторија во Косово и со желба нашата држава (и државјаните) да се инспирираат и конечно да се оствари деценискиот сон на повеќе ентузијасти за научна астрономска опсерваторија во Македонија.

Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Македонија има одличен планетариум веќе 50 години (од 1972 година, работи од 1974, ), но Македонија нема астрономска опсерваторија!

Што друго сме имале во изминативе децении на полето на физиката и астрономијата?

Прилично многу, а на кратко, ова: Друштво на физичарите на РМ (ДФМ) од 1949 година, планетариум од 1972/1974 година, Македонско и Битолско Астрономско Друштво (1996), Членство во Меѓународната астрономска Унија (1997), Скопско астрономско друштво (1998), признание на Кокино како древна астрономска опсерваторија од НАСА (2002), Македонско истражувачко друштво (2003), уште неколку астрономски друштва итн.

Тоа не е малку, нели! Но, и покрај ова Македонија се уште нема астрономска опсерваторија. Како е ова возможно? Ќе дознаете во „Неверојатната (и по малку откачена) историја на Астрономската опсерваторија во Македонија!

Симнете или видете го плакатот во целост тука!

Во изминативе седум децении, Македонија се обидува да изгради астрономска опсерваторија, и како што тоа бива во нашата историја, секогаш нешто се испречува. Секогаш сме пред голот, водиме одлична акција, но судијата досудува нефер фаул, клучниот напаѓач ја крши ногата, а тренерот пред крајот заминува надвор од стадионот да си купи бурек…

Шегата на страна, историјата на градењето на астрономска опсерваторија во Македонија не е многу поразлична. Иницијативи постоеле, дури и се граделе објекти, но ги уништил земјотресот, клучните луѓе заминувале во странство или на оној свет, се испречувале вооружени судири, тендери, политика и крстови, недостаток на визија кај финансиерите, итн.

Обиди, сериозни предлози, па дури и изработени планови со локации и елаборати имало во 1960-тите, три пати во 1990-тите и по два пати во 2000-тите и 2010-тите. Освен нашиот обид преку група да ги здружиме сите досегашни обиди и иницијативи, друга иницијатива немало од 2012 наваму.

Се чини дека на оваа сага и нема крај и нишките на таписеријата од нејзината приказна (како што би кажал ChatGPT во неговите креативно-писателски извици) се испреплетени на начин што ни епскиот јунак Ахил не би можел да ги расплете! Како тогаш Косово, кое нема толку бујна астрономска историја како Македонија, а има проблеми (можеби и повеќе од Македонија) и преживеало и војна, успеа да изгради астрономска опсерваторија?

Приказната на Косово е уште поневеројатна, а во неа има клучен актер – една девојка по име Пранвера Хисени.

Пранвера Хисени, докторант на планетарни науки на Универзитетскиот колеџ во Санта Круз (САД)

До нас, преку групата Астрономска опсерваторија во Македонија, стигна веста дека во Косово се гради Национална астрономска опсерваторија и дека тоа (во голем дел) е заслуга на оваа извонредна девојка.

Пранвера е основач и директор на Astronomy Outreach of Kosovo, официјален бренд амбасадор на Celestron, главен извршен директор за косовското поглавје во Charlie Bates Solar Astronomy Project/Sunlit Earth, итн. Таа со години самостојно се обидува да ја изгради научната и астрономска иднина на една цела нација и еден астероид е именуван според неа, како 45687 Pranverahyseni.

Веднаш ја контактиравме, заинтересирани за тоа како успеала да го направи невозможното и за многу кратко време таа ни одговори:

Средствата за изградба на Националната опсерваторија и Планетариумот на Косово беа одобрени од Парламентот на Косово во 2019 година, а изградбата започна во 2022 година. Ова е заеднички напор помеѓу Astronomy Outreach of Kosovo, Министерството за образование на Косово, Општина Штиме, Proarchitecture, Celestron, Sky-Watcher USA и Solar Astronomy Project на Чарли Бејтс.

И покрај тоа што сега студирам во САД, тоа не ме спречува да придонесам за Косово, всушност тоа ми овозможува уште повеќе да му помогнам на Косово преку обезбедување донации и проширување на нашата мрежа понатаму во меѓународната астрономска заедница. Се надевам дека Македонија ќе може да има нешто слично наскоро, особено ако се има предвид дека вашата земја е многу понапредна на ова поле од нашата.

Од овој цитат можеме да извлечеме две поенти. 1) Државата мора да се вклучи активно и решително (Собранието на Косово ги одобрило средствата!), 2) Нашите студенти во странство не смеат да заборават од каде потекнуваат.

Во врска со точката 2, особено во изминатиот период бевме сведоци за многу случаи на наши успешни студенти и професионалци кои зборуваат негативно за нивните искуства од Македонија и сакаат да се оградат од родната земја и да продолжат да придонесуваат за науката во државите во кои што заминале.

Но, и нашата држава треба да им даде признание на луѓето кои постигнале нешто во светот. Училиштето каде што завршила Пранвера и’ дало признание за унапредување на науката во Косово.

Нашиот план, преку активностите на групата за Астрономска опсерваторија во Македонија се повторно да го актуелизираме ова прашање, да се потегнат потребните механизми и да научиме од искуството на Пранвера. За почеток планираме едно интервју со неа и сме поканети на официјалното отворање на Националната опсерваторија на Косово во јуни. Stay tuned!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *