Во Македонија во 2023 година 33 % од електричната енергија била произведена од обновливи извори (хидро, ветерна и соларна).
Заклучно со 2023 година имаме инсталирано соларен капацитет од 504 MW. Во 2022 биле произведени 77 GWh додека во 2023 година 298 GWh што е пораст од 287 %. Се очекува предвидениот пораст во 2024 да достигне 900 до 1000 MW инсталирани соларни системи.
Со капацитет од 1000 MW односно 1GW би требале да правиме некаде 1400 GWh годишно односно 21 % од вкупното производство на струја во МК.
Значи од 37 GWh годишно во 2020 ќе скокнеме на 1400 GWh во 2025 година. Ако продолжи овој тренд на раст во 2030 би правеле многу повеќе струја од тоа што ни треба само од соларни панели.

Исто така со додавање на 1GW годишно би стигнале до 7 GW на инсталирани фотоволтаични панели во 2030 со тоа би правеле 150 % во однос на вкупното производство на електрична енергија во 2023 година.
Зошто е ова сценарио лесно остварливо?
Соларните фарми се моментално сигурна инвестиција и се отплаќаат за 3 до 10 години со животен век на фармата од речиси 30 години. Друга работа која е многу значајна: станува збор за се приватни инвестиции и не се користат државни пари, а потоа струјата се продава на слободниот пазар.
Соларните панели се моментално толку евтини што за 500 милиони долари некој потенцијално би можел да купи 5GW панели. Сега е вистински момент да се инвестира во соларната енергија.

Моментална теоретска економска логика на сончева фарма од 1 MW
Цената на изградба на една таква фарма изнесува од 500.000 до 800.000 евра. Од кои 100.000 до 150.000 евра се за сончевите панели. А другите средства за дозволи, земјиште, инвертори, инфрастктура итн. Бидејќи откупот на струја на слободниот пазар варира имаме разни сценарија:
Годишно производство во MWh | Цена на откуп на струја во MWh/€ | Годишен профит во евра | Поврат на инвестицијата во години | Вкупен профит € за 30 години |
1400 | 40 | 56000 | 10.71 | 1680000 |
1400 | 50 | 70000 | 8.57 | 2100000 |
1400 | 60 | 84000 | 7.14 | 2520000 |
1400 | 70 | 98000 | 6.12 | 2940000 |
1400 | 80 | 112000 | 5.36 | 3360000 |
1400 | 90 | 126000 | 4.76 | 3780000 |
1400 | 100 | 140000 | 4.29 | 4200000 |
Што се случува кога сонцето навечер не свети?
Тука е комплексноста на модерната електрична мрежа. Ќе има потреба од големи литиумски батерии кои ќе се полнат преку ден, а ќе испорачуваат енергија преку ноќ. Најверојатно и хидроцентралите би работеле само ноќно време. Нормално и ветерниците се секогаш добредојдени.
Во секој случај е јасна потребата од извори на енергија кои брзо се вклучуваат и исклучуваат на гридот. Со други зборови нема место за термоцентралите на јаглен на модерната мрежа и ќе мора да се заменат со термоцентали на гас кои побрзо се палат и гасат. Секако исклучително битно е термоцентралите на јаглен да се чуваат како „златна резерва“.
Како го замислуваме македонскиот модерен електричен грид?
- Да се намалат бирократските глупости за секој кој сака да направи сончева фарма или да си стави сончеви панели на покривот. Да се даде гарантирана цена од 89 евра за MW во првите 3 години од работењето на фармата. Чисто за информација РЕК Битола ја плаќаме 110 /120 евра за MW.
- Градење на нова ТЕ-ТО во Скопје на земјиштето на ОХИС. Со ова Лисиче, Драчево и околните места добиваат парно (со тоа се решава проблемот на ареозагадување на Скопје) плус јасно се генерира струја со гасот. Оваа централа би работела претежно зимно време во активната грејна сезона.
- Плус една до две централи на гас во Рек Битола, централите на јаглен конечно да можат да идат во пензија и да се чуваат ако има потреба.
- Каде има логика без да се претерува (да не се уништува природата) да се направат паркови со ветерници.
- Да се потенцира електричната мрежа и да се доградат потребите врски со соседите.