Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


     светулки и мракови        контрапункт

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 

ПОЛЕМИКИ
 


#02

Никола Гелевски одговара на “Писмото до Никола Гелевски” (од Венко Андоновски),
 но сепак не во форма на писмо туку низ еден поучен текст под наслов:

МОДЕРНИЗАМ ЗА ПОЧЕТНИЦИ

На закостенетите традиционалистички и екстремно парохијални и патријархални умови, кои доминираат со нашата јавна сцена, не е баш лесно да им се објаснат дури ни најелементарните модернистички, т.е. демократски и еманципаторски, принципи. Овој текст, отварајќи ги своите слоеви како кромид, ќе се обиде, делумно фикциски, делумно есеистички - да го направи тоа.

 

 

Деновиве ме прогонуваат кошмари. Во септичка јама ме заробиле Стојко и Папок, два лика како излезени од мрачно смешните стрипови на Александар Станковски. “Маргиналец! Маргиналец! Проклет, луд маргиналецу, покај се пред господарите на септичките длабочини!” - ми се закануваат страшните ликови. Тогаш се будам, во страв, и седнувам да пишувам текст, последната одбрана.

Не сум “маргиналец”, ниту некогаш сум бил. Главен уредник сум на списанието Маргина. Не сум ни “постмодернист”, иако уживам во авторефлексивните игри и во преплетите на текстуалните зони; не сум ни “нафатиран”, иако ликовите од сонот безразложно ме малтретираа и по тоа прашање.

Едниот веќе го препознав: Венко Андоновски. И во текстот (не во сонот) му велам на В. А.: “Господине Андоновски, ве обвинив за крајно неодговорно извршување на јавната работа. Зошто, за возврат, ми велите дека сум маргиналец, постмодернист и нафатиран? Дури одите толку далеку што ме советувате да се тргнам од сопствената приватна издавачка куќа и од здружението на граѓани во кое членувам, за да сум го отворел просторот за некакви магистранти и докторанти кои чмаеле во ваша близина.”

Бидејќи господинот Андоновски ме погледна прилично зачудено, небаре некој посега по круната на хтонските септички длабочини, почувствував субверзивна потреба, во следниот слој од текстот, сосема да се префрлам на реализам, директно критикувајќи ги гомнениците со кои на јаве деновиве ме сосипуваат ликови налик на оние од сонот.

Значи, добив писмо од господинот Андоновски. Некој да ми го раскажувал тоа писмо - не би верувал дека толку многу може да се оди не само под стандардите на јавниот говор туку и под стандардите на разумот. (Додуша, следниот ден на истото место прочитав таков невиден гнасотилак што се стаписав; за да се цапне во тоа требаат чизми до колкови и гас-маска, па затоа го забаталуваме).

Во тоа чудно лајнаријанско јаве, значи, не само што лично ги читав просташтвата на В. А. (и овде сведочам за нив) туку сум и предмет на неговите подли опсервации. Затоа и одговарам, иако со “монументот на македонската малограѓанска свест”, господинот Андоновски, не би сакал да го делам дури ни просторот за полемика. Но, јавната кауза повикува, зарем не?

И во името на таа јавна кауза сакам да констатирам: последниве години стандардите на јавниот говор кај нас се толку многу загрозени што човек добива желба апсолутно да се повлече од учеството во која било форма на јавен живот. Она што, инаку, во понормална средина, би требало да биде граѓански императив, нешто на што децата се учат од мали - принципите на одговорност, на некаква демократска и партиципативна култура - во моментов кај нас до толкав степен е сардисано што кај човека, сепак, се буди и еден (можеби бесмислен но токму затоа важен) пркос: на примитивците и малограѓаните нема да им го препуштам баш целиот терен (а нивен е, факт е, речиси целиот). Ми се чини дека тоа го вели Грамши: Можеби разумот упатува на песимизам, но волјата треба да биде оптимистична.

Сиве овие години таа страст, да се одржат барем неколку енклави на оптимизам, на разум, на стил (и во морална и во естетска смисла), на некаква цивилна култура сфатена токму како слобода да се биде наспроти глупоста, бруталноста и подаништвото - ме тера не само да ја работам сопствената работа поврзана со јавноста (во рамките на издаваштвото и невладиниот сектор) туку и во уште понепосредна смисла, низ пишувањето колумни или водењето полемики, да учествувам во јавниот живот.

Иако сметам дека е знак на изразито лош вкус дури и спомнувањето на “личните заслуги” (а камоли низ јавни писма да раскажувам сопствени текстови ко да сум некаква сосема збрлавена Матрјошка во една од многубројните утроби), минатиот пат се осмелив, во една реченица, да потсетам дека сме тука, на јавната сцена, “ние маргиналците” (види ги наводниците), речиси 15 години, а дека нашето списание Маргина сега во март полни десет години.

Значи, и покрај нивната (на тие што се збутани еден во друг развивајќи ги братските вештини на зборување од стомак) огромна желба да нè нема (желба што се развива во самохипноза и дилетантско верглање на крајно површно сфатените дистинкции центар-маргина), еве нè, со вреќите пари преку грб, избегани од лудници и под дејство на дрога и алкохол, со огромна омраза во себе кон целокупната македонската литература, а пред сè кон двајцата незаборавни (од кошмарите) корифеи-матрјошки познати и под името Бунтовниците од Домот за старци.

Значи, тука сме, дибидус луди и жолчни, но патем и со веќе над стотина издадени книги зад себе, со 62 броеви Маргина, со десетици проекти што ја развиваат културата на децентрализацијата ширум Р. Македонија, еве нè и со еден многу жив културен центар кој постои две години и кој постојано е опседнат со уметници, писатели, студенти, магистранти, доктори, професори, сосема обични луѓе, се разбира, и кои шушкаат, мрморат а богами и гласно говорат дека времето на сегашниот издавачки арбитар (сосушенка ронка време во едно дупченце од кората на портокалот - така барем Стивен Хокинг, низ сликата за безбројните дупченца на портокалот, ја објаснува можноста од постоењето безбројни времиња), дека тоа време, според фрапантно стеснетите хоризонти делува назадно дури и во однос на квазиреволуционерниот деветнасетвековен романтизам на книжевните арбитри од претходната власт.

Постоиме, значи, ние другите, во другите временски зони, и изнесуваме факти, придвижуваме материјална расправа околу еминентно јавни нешта (распределбата на даночните пари) кои изискуваат голема одговорност и развиена демократска култура. Притоа се обидуваме да не бидеме лични туку принципиелни, да не бидеме прости (туку храбри и дрски), да не завидуваме, да не се самосожалуваме и да не бидеме фрустрирани...

Иако - тешко е да се одолее на повикот од дивината што допира таму длабоко од матрјошките: крикови, приватни тонови, просташтво и малограѓанштина, соголени фрустрации, тотална неодговорност и неподготвеност за материјална расправа, која во случајов навистина е единствено битна бидејќи забеганоста е поприлична. (Слушнете го, на пример, ова нарцистичко и егоманијакално бладање на господинот Андоновски: “Си ласкаш со тоа што се поставуваш како мој алтернативен двојник. Тоа треба да се заслужи: да бидеш алтернатива или дури и маргинална копија на Венко Андоновски” - му вели В. А. на човекот кој се обидува да постави пар концизни прашања околу политиката на државата во издаваштвото. Јал лудило, јал тотално отсуство на самоконтрола, јал еден тажен и трагичен лик во суштина, тој В. А.!?)

Но, по ѓаволите со текстов. Веќе не сакам да се занимавам со кошмарните фигури, и покрај тоа што мочуриштето влече, живата кал во која крваво се интимизира (до мајка и шајка) секој обид да се постави принципиелно прашање или да се воспостави макар најминимално начело на јавна одговорност.

Да заклучам: завршницата на конкурсот за издаваштво е фарса. За тоа станува збор во оваа јавна размена на мислења, а не за тоа кој (не) завршил факултет, кој бил одбиен од некоја фондација, кој им го јадел лебот на магистрантите и чија уста била набиена во чие виме (ова се сè еминентните теми на В. А.). Фарса е затоа што конкурсот во меѓувреме стана сосема нетранспарентен: еве, и ден денес, не знаеме дали преводната белетристика ќе биде финансирана или не. Според небулозните изјави на господинот Андоновски (неговите најави во “Вест”) и според фактички објавеното (околу двестоте наслови што “поминаа” сите до еден се од македонски и албански автори) сосема е јасно дека оваа година преведена белетристика нема да има. Андоновски вели дека тоа е лага и дури се заканува со суд. Кога ние издавачите конкуриравме, значи, на минатата година распишаниот конкурс, требаше да гледаме во стаклени кугли за во нивните испарувања да го здогледаме магловитиот лик на Андоновски и неговите “ад хок критериуми” (додуша, пак велам, сè низ магла). Сега, пак, после евидентно објавените резултати (кои евидентно ги критикувам, без да ја вклучувам куглата), испаѓа дека не смее да се зине пред господинот Андоновски уште еднаш питијски да се залулее низ маглуштиниве за сепак да го искаже својот пролонгиран заклучен збор. Ма не фарса, ова стварно наликува на лудило!

Башка, повторувам, не може конкурс да се распише според едни приоритети, а резултати да се носат според други; конкурсот не може да ги игнорира целите на стратешката културна политика на Република Македонија; и одново повторувам, конкурсот не смее да ја исфрли преводната белетристика! Да не зборувам за тоа дека јавноста во работата, одговорноста и јасно и навремено зацртаните критериуми се елементарна обврска на која било комисија која одлучува за судбината на даночните пари! За некои други слабости на конкурсот не сакам ни да отворам уста, иако се надевам дека некој ќе се осмели да каже по некој збор и за некои други нешта.

Ете, за тоа станува збор во оваа полемика, т.е. во овој поучен текст. Другите подлости и нискости на кои сум изложен со гнасење ги отфрлам (а понешто и враќам назад, чисто заради контекстот, сликовитоста и игрите на прекршувањето). Друштвото на луѓето со кои дефинитивно ја затворам оваа несреќна полемика, вредностите што тие ги олицетворуваат, за мене се контаминирана зона дури и кога се конфронтирам со тие вредности. Затоа им се извинувам на читателите заради мојата поврзаност со гнасотилаците што имаа можност да ги читаат, а на Утрински весник му благодарам за можноста рамноправно да се пласираат различни мислења, па дури и кога тие мислења одат под стандардите на јавниот говор.


полемики
01. ЗА “МАРГИНАЛЦИТЕ” И “ГЛАВНАТА СТРУЈА”, ПО СТОТИ ПАТ (додека не се научи)*
02. МОДЕРНИЗАМ ЗА ПОЧЕТНИЦИ
03. РИБОКУЧОПИЛИ ОД ДНОТО НА МОЧУРИШТЕТО(04.04.2004.)**
04. ЛОШИОТ ВКУС ВОДИ ВО ЗЛОЧИН


*реакција
по повод текстот на Глигор Стојковски, “Нема фаворизирани и монополски издавачи”, oбјавен во Утрински весник од 29 јануари 2004
**реакција на текстот на Венко Андоновски, “Карла лови нови рибокучопили”, објавен во Утрински весник на 30 март 2005 година