КОНТРАПУНКТ
ПРЕДГОВОР
Пишувањето колумни е сосема специфичен публицистички жанр, кој еве осма
година низ практикување го истражувам и учам. Ритамот со кој во
јавноста излегуваат моите текстови сепак е посебен, двонеделен, и
тоа е една од важните причини зошто овие колумни баш и не наликуваат
на типични новински текстови.
Во некогашниот двонеделник Форум, значи, од крајот на 1997 до
првиот квартал на 2001 година бев објавил 85 текстови во рубриката
„Светулки и мракови”. Тие текстови (чија тема беше телевизијата, во
прв ред, т.е., во малку поширока смисла, односите меѓу медиумите и
политиката) во еден свој дел наликуваа на „класични” колумни кои
подразбираат духовито, збиено и упатено изнесување на, пред сè,
лични ставови. Сепак, и тие текстови имаа во себе прилично теориски
елементи, бидејќи брзо сфатив дека е многу тешко сериозно и
одговорно да се пишува без јасна и соодветна теориска рамка.
Иако влијателен дел од новинарите мразат „теорија” на сопствениот
терен, ми се чини дека современото новинарство сепак се труди да
направи исчекор понатаму од баналноста, тривијалноста и евтиното
заведување - исчекор токму кон концептуализирањето на нештата, кон
нивното покомплексно претставување, кон еден побогат јазик со
пошироки светогледи, исчекор кон себепреиспитувањето, кон
преиспитувањето на општите места и работите „што се подразбираат”...
Во времето, значи, кога новинарството се претвораше во брутална и
бескрупулозна пропаганда (и во регионот и во светот), кога војната
се прогласуваше за мајка на сите нешта, јас укопчав дека теоријата
(му) е мајката, т.е. дека теориската упатеност е неопходна за да се
седне и да се испише личната импресија во општата книга на
впечатоци.
Затоа колумните кои започнав, во ноември 2001 година, да ги пишувам
за Утрински весник, се малку поинакви од претходните:
пошироки се во тематска смисла, а стилот им е делумно покрут, повеќе
теориски и есеистички отколку личен и жовијален.
Среде инфлацијата од колумнисти кои мошне лесно ја сфатија улогата
на „јавен интелектуалец” (која неколкумина од нив ја сведоа на
најниски можни гранки, деградирајќи го не само жанрот колумна туку и
целиот македонски јавен простор), решив да изберам еден посериозен
и, според мене, поодговорен пристап кон јавната работа, пристап во
кој ќе има дури и нота на едукативност, но едукативност наменета
токму за кобајаги „едуцираните”, луѓето од македонскиот естаблишмент
сфатен во најширока смисла.
Славниот Лихтенберг еднаш има речено: “Не е важно што некој мисли,
туку што мислењето прави од него”. И Бенјамин се придружува кон тоа,
велејќи дека сепак е важно што некој мисли, но дека и најдоброто
мислење не служи за ништо ако од оние што го имаат не создава нешто
полезно. Со еден збор: “Писателот кој не ги поучува писателите не
поучува никого.”
Се разбира, моите текстови не им се наменети само на “писателите”;
ниту пак намерно се трудам да го отежнам пристапот на читателот до
моите текстови; но, исто така, одбрав претерано да не се трудам да
бидам допадлив за најширокиот круг читатели. Кој има интерес и волја
за малку поделикатно четиво во еден по дефиниција краткотраен медиум
(каков што е дневното новинарство) - ќе прочита. Другите ќе
прочитаат нешто друго, и тоа шаренило - ако го гледаме од
позитивната страна, а не како непрофилирана збирштина - можеби ја
отсликува овдешната специфична и живописна верзија на демократијата,
при што едновремено и речиси на исто место се презентираат
манипулантите и истражувачите, стручњаците и дилетантите,
фолирантите и посветените, пропагандистите и идеалистите, левичарите
и десничарите, интегралистите и сепаратистите, порнографите и
пуританците итн.
Меѓу другото и затоа - заради краткотрајноста на дневното и неговата
слаба видливост среде хаосот од пласирани содржини - решив
текстовите од рубриката „Контрапункт”, во Утрински весник
објавувани од ноември 2001-та до крајот на мај 2004 година, да ги
ставам во книга (истото, впрочем, го направив и со текстовите од
Форум). Ем си ги средувам сопствените архиви, ем се изложувам на
судот на јавноста, гледано и во континуитет: во книгава се ставени
сите текстови од рубриката „Контрапункт”, без нивно селекционирање,
без скратувања и без посебни накнадни дотерувања. Но, важно е да
напоменам дека одредени текстови во книгава се претставени
интегрално, без скратувањата (обично станува збор за цитати) кои
морав да ги правам за Утрински поради ограниченоста на
просторот (лимитот таму ми е околу 6000 карактери, т.е. три и пол
картички текст, а понекогаш знаев да се занесам).
***
Поднасловот на книгава е Принципи за една поинаква политика.
И тоа ми беше важен поттик на едно место да ги соберам шеесетината
текстови објавени изминативе две и пол години: токму можноста да се
понуди една малку поширока и поконсекветна слика за сегашноста и
можеби иднината на македонската политика, но и на политиката
воопшто. Се трудев читателите да ги упатам и кон некои важни
современи теориски принципи, како и кон конкретни автори и книги
(сепак избегнувајќи ги, како несоодветни за весник, академските
добри манири, референците, фуснотите и индексите).
Што се однесува до мојот однос спрема улогата на политиката, со што
се занимаваат повеќето текстови во книгава,* би сакал да обрнам
внимание на едно согледување на Славој Жижек, кој наоѓа начини да го
раздвои вистинскиот политички чин од обичното администрирање на
општествените прашања внатре во постоечките социополитички односи:
„Вистинскиот политички чин (интервенцијата) не е само она што
добро работи внатре во веќе постоечките односи, тука она што ја
менува самата рамка која го детерминира начинот на којшто
работите се одвиваат”, вели Жижек. Ако политиката вообичаено
навикнавме да ја одредуваме како „вештина на можното”, со текстовите
во книгава, на трагата на Жижек, сакам барем да го поттикнам
разбирањето на автентичната политика токму како вештина на
неможното - таа политика ги менува самите параметри на она што
се смета за „можно” во постоечката констелација.
Најпосле, се трудев духот на сите мои текстови да биде проникнат со
насловот на рубриката и на оваа книга: Контрапункт. Важни
назнаки за „контрапунктното мислење” дава Шантал Муф, која го
воведува интересниот поим агонистички плурализам; Муф мисли
дека идеалот за супстантивен општ интерес, за консензус и единство,
е илузија. „Мораме да признаеме дека антагонизмот игра конститутивна
улога во општествениот живот и мораме да објавиме дека здравиот
демократски процес бара вибрирачки судир на политички позиции и
отворен конфликт меѓу спротиставените интереси.”
Оваа книга има и една друга за мене важна димензија, видлива веќе во
предговоров:
citation а l’ordre
du jour**,
вели Валтер Бенјамин. Значи, не само што цитирањето е на дневен ред
(впрочем, Бенјамин*** е одбран и како некаков патоказ, лакановски
репер за пробивање низ книгава) туку е интересна и порадикалната
идеја на Бенјамин, за книга сета составена од цитати. Како што сум
склон кон колажи и бриколажи, кон синтетички и маниристички игри со
крпчиња и парчиња - ми се виде интересно делумно да ја применам
идејата на еден од најголемите политички мислители на минатиот век,
мистичниот левичар чие време допрва доаѓа, судејќи по неговото
зачестено спомнување во современите книги и текстови.
На крајот сакам да им се заблагодарам на уредниците на Утрински
весник, за коректниот однос и за можноста да објавувам.
во Скопје на 25.05.
2004
*Политиката значи снажно, лесно
бушење на тврдите штици, со страст и мера едновремено. Сосема е
точно, а тоа го потврдува целокупното историско искуство, дека човек
го постигнува можното тогаш кога во светот секогаш одново се
посегнува кон неможното. Но оној кој тоа може да го прави мора да
биде водач и херој. А и оние кои не се тоа мораат да се вооружаат,
уште сега, со таква цврстина на срцата која се соочила со поразот на
сите надежи; инаку нема да можат да го остварат ни она што денес е
можно. Само оној кој е сигурен дека нема да се прекрши затоа што
светот, од негово стојалиште, е премногу глуп или прост за она што
тој сака да му го понуди, само оној кој на сето тоа може да рече ‘Сепак!’,
само тој ја има ‘повиканоста’ за политика.
Макс Вебер, Политиката како повиканост
**Ѕвездите се
формираат според законите на сличноста и повторувањето. Оригиналите
се комплекси од глобуси од кои секој формира еден посебен вид.
Копиите се повторувања, егземплари, негативи на одреден вид. Бројот
на оригиналните видови е ограничен, бројот на копиите или
повторувањата е бесконечен. Бесконечноста се формира благодарение на
постоењето на видот. Секој вид зад себе има цела војска двојници
чиишто број нема граници.
Огист Бланки, Л’етерните пар лес астрес, 1872
***Хроничарот
кој ги набројува настаните, не разликувајќи ги големите од малите,
со тоа води сметка за вистината дека ништо што некогаш се случило не
треба да биде изгубено за историјата. Иако - само на искупеното
човештво наполно му припаѓа неговото минато. Тоа значи: дури
искупеното човештво може да го цитира своето минато во секој момент.
Секој негов проживеан момент станува цитатион а л'ордре ду јоур - а
тој ден токму е денот на последниот суд.
Валтер Бенјамин, Историско-филозофски тези |