1
КОНТРАПУНКТ
12.11.2001
“Што
се случува со оној што одбива да го препознае ѕверот во себе?”
“Станува
изеден!”
Стивен Добинс
Лично не
верувам дека знаењето е затворено, но верувам дека политиката е
невозможна без она што го нарекувам ‘произволно затворање’, без она
што Хоми Баба го нарече општествено дејствување како произволно
затворање. Сакам да кажам дека не можам да замислам практика која
сака нешто да промени во светот, а притоа да нема некои разликовни
или одликовни точки што ги истакнува и кои навистина се важни.
Всушност, тоа е прашање на позиционирање. Се разбира,
позиционирањата никогаш не се конечни ниту апсолутни и не можат,
непроменети, да бидат преведени од една констелација во друга, не
можете да бидете сигурни дека секогаш ќе останат на истото место.
Стјуарт Хол, 1990
Контрапункт е
спротивната точка на гледање. Или релационата точка, пунктот за
спротиставување и дијалог.
Во овој
контекст, контрапунктот ја подразбира истовременоста на еден, речиси
самурајски, двоен потег кој означува и опфаќање и отпор.
Тоа е принцип на
мојата лична (по)етика, на некакво мое општествено ангажирање, но е
и поширока согледба: со оглед на тоа дека Македонија во моментов е
една од акупунктурните точки на Балканот и во Европа, ете и
дополнителна причина за поетиката “punctum contra punctum”.
Без таа спротивна
точка, доколку се задржиме во политичките нешта, нема демократија и
плурализам, но без точката на конфликт нема ни креативност, нема
простор за индивидуализам, па, консеквентно, нема ниту жива и
динамична заедница, нема соочувања и преиспитувања. Креативноста
всушност е постојано превреднување, па и подуништување на огледалата
што рефлектираат само идеални светови.
Контрапунктите,
значи, не се само некакви политички, естетски и морални ориентири;
тие ја чуваат отвореноста на луѓето, ги прават потолерантни за
другоста, а заедницата ја прават подинамична и поспособна да се носи
со постојаните императиви на промените и новите прилагодувања.
Оттаму,
контрапунктот е мое важно токму естетско-морално-политичко начело.
Што не значи дека смислата за композиција, стремежот кон правда и
свеста за моќта на политичкото се сосема произволни категории,
подложни на бескрајни “контрапунктирања”.
Иако згоден како
композициска алатка, контрапунктот сепак не е начело за себе.
“Контра” не секогаш е добра замена за “за”. Јасните естетски, етички
и политички принципи понекогаш значат повеќе од комбинаторската моќ
на циниците. Оттаму, контрапунктот во оваа рубрика повеќе ќе биде
некаква методолошка претпоставка отколку светоглед; повеќе
композициска алатка, да го наречеме тоа така, во служба на соодветни
естетско-етичко-политички принципи отколку стилистичка
самодоволност.
Можеби тоа значи
да се прифати улогата на еден “органски интелектуалец”, како што
вели Антонио Грамши, кој мора едновремено да дејствува во две
насоки. Од една страна, треба да се биде во првите редови на
интелектуалното теориско дејствување бидејќи, според Грамши,
обврската на органскиот интелектуалец е да го надмине знаењето на
традиционалниот интелектуалец; “тој мора да поседува вистинско
знаење, наместо да се преправа дека го има; неговите сознанија не
смеат да бидат површни туку длабоки и темелни”. Од друга страна,
органскиот интелектуалец или интелектуалка има дополнителна обврска
своето знаење стекнато со интелектуална работа да им го пренесува на
оние кои во професионална смисла не
ù припаѓаат на интелектуалната
класа. И повеќе од тоа, органскиот интелектуалец мора да ја развива
и способноста да ги слуша потиснатите и нечујните гласови затоа што
етичноста не е ништо друго туку “тишина во којашто ги слушаме инаку
нечујните гласови”.
Комплексноста на
интелектуалното дејствување во општественото поле Едвард Саид, пак,
ја опишува како проучување на текстот и неговите односи спрема
“институциите, канцелариите, агенциите, училиштата, академиите,
компаниите, здруженијата, партиите и професиите, нациите, расите и
половите”.
Со други
зборови, една од интелектуалните задачи е да се одржува напнатоста
во општественото поле; можете квалитетно да се занимавате со
интелектуална работа и игнорирајќи ја напнатоста на полињата, како
што вели Хол, но со тоа ја губите интелектуалната практика како
политика.
Се разбира, во
ионака крајно напнатите “општествени полиња” (какво што е нашата
држава во моментов) “стратегијата контрапункт”, токму според
принципот на постојано позиционирање, треба да води кон олабавување
на напнатоста или кон нејзино преместување или канализирање.
Еден од начините
за тоа, меѓу другите позиционирања и контрапунктирања, е да се
препознае ѕверот во себе.
|