2
КОЛЕКТИВИЗАМ ИЛИ ИНДИВИДУАЛИЗАМ
26.11.2001
Како некаква, за добро или лошо, сè уште транзициска
земја, Македонија се соочува со сериозни структурни, а во светлината
на новите радикални уставни промени, би рекле и конституциски
предизвици.
Дури и на најтврдокорните конзервативци (и од лево и од
десно) им станува јасно дека дека земјата мора да се реформира
попринципиелно, подлабоко и појасно.
Се разбира, минатото токму е некаков конститутивен
рбет на секоја заедница, но онаа сегашност која исто толку снажно
(како кон минатото) не е насочена и кон иднината, ризикува да се
срони и струполи самата во себе.
Визиите понекогаш се хранат со старите слики, но
понекогаш се формираат токму контра нив.
Длабочината на нашиот пад нè
тера, од една страна, да бидеме деликатни во превреднувањето на
претходниците, но, од друга страна, ургентноста на нашата
општествена запуштеност навистина бара похрабри и поконкретни
одговори.
Едно од клучните прашања што стои пред нас (додуша,
стои и пред повеќето други држави во светот) е дали сакаме држава
врз државно-територијални принципи или држава врз културно-етнички
принципи.
Според Слободан Дивјак, модерните демократии често - на
конституционално ниво - претставуваат спој меѓу
државно-територијалното и културно-етничкото сфаќање на нацијата. Но
сепак, кога станува збор за таков спој на елементи на
државно-територијалното и културно-етничкото, пред сè треба да се
предупреди дека услов без кој нема модерна демократија е приматот на
индивидуалните права.
Значи: чист модел не постои, но постои “светоста” на
личните права. Дотолку деликатноста на нашиот избор е поизразена, но
дотолку имаме и шанса изборот на моделот на државно и општествено
уредување да ги задржи карактеристиките што се специфични токму за
нас.
Да потсетиме, темелите на денешните западни демократии
ги поставија филозофите на општествениот договор - Џон Лок, во прв
ред - коишто направија радикален пресврт во дотогашното сфаќање на
односот меѓу заедницата и поединецот, дотолку што, според нив,
целината (заедницата) веќе не му претходи на делот (поединците),
туку делот
ù претходи на целината: државата овде не се поставува
како нешто саморазбирливо, непроблематично, дадено од природата и
боговите, туку како нешто што настанува благодарение на самосвесното
прифаќање на поединецот дел од своите природни (предопштествени)
права да ги пренесе кон заедничката инстанца која, за возврат, ќе ги
гарантира неговите индивидуални права. Од перспектива на теоријата
на општествениот договор, заедницата веќе не е услов за правото,
туку обратно, правото е услов за заедницата и дотолку поединците
веќе не постојат поради заедницата туку обратно, заедницата постои
поради поединците.
Се разбира, изминатите векови делумно го преобразија
првобитниот идеализам на творците на граѓанската демократија, но
некои од основните начела останаа неприкосновени.
Точно е, од една страна, дека денес голем број држави
немаат граѓанска формално-правна организација. Од друга страна, дури
и во оние, главно западни, земји кои имаат конституционални
демократии (со примат на индивидуалните над колективните права)
доминираат, на ниво на факти, една религија и еден етнос.
Најпосле, точно е и дека дојде до реполитизација на
етносот не само во бившите реалсоцијалистички држави туку и во некои
со подолга традиција на граѓански демократии (Квебек, Велика
Британија).
Сето тоа, како што вели Дивјак, сведочи за
релевантноста на културно-етничкото сфаќање на нацијата за анализата
на фактицитетот на современите држави.
Но, важно е да се истакне: културно-етничката држава
во нејзината чиста форма е сосема неспоива со приматот на
индивидуалните права, бидејќи во неа сите права однапред се одредени
со припаѓањето кон одредена културно-етничка група. Тука основниот
носител на право е конкретната културно-етничка група а не
поединецот.
За жал, тој модел на чиста културно-етничка државна
организација сè уште доминира во главите на, ми си чини, повеќето
луѓе кои на некој начин ја кројат судбината на Република Македонија.
Една од причините за тоа е преголемото влијание на
колективистичкиот, патријархален дух. Да се надмине тој безнадежен
колективизам нема да биде лесна работа (цели империи се кршеле
заради закоравеноста или заостанатоста на своите елити), но пред нас
и нема друг пат; олеснувачка околност е што сме премногу мали за
преголеми бељи (да се надеваме!) и затоа што европскиот интегративен
модел императивно стои пред нас; башка, ние и географски (за жал, не
многу повеќе од само географски) ù припаѓаме на Европа. |