Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


3

РАДИКАЛНА ПОЛИТИЧКА ИМАГИНАЦИЈА

10.12.2001

 

Повеќето луѓе ја знаат славната изрека: политиката е вештина на можното. Збиенава мудрост отприлика кажува две важни нешта; дека политиката е прагматична и строго врзана за објективните околности; и, второ, дека политиката не е место за собирање на фантазери, фантасти, мегаломани, занесеници, идеалисти...

Оваа едноставна политичка мудрост ја сфатија дури и повеќето од нашите застрашувачки неуки и во суштина за политика неопремени политичари, но ја сфатија по огромна цена; на СДСМ, за да ја сфати поврзаноста на политиката со стварноста, му требаа цели шест-седум години неконтролирано вежбање власт (дефинитивно губејќи го контактот со волјата на граѓаните кога ги одбија предвремените избори 1996 година); а на ВМРО-ДПМНЕ еве дури сега, во четвртата година од кабадахиското владеење (наспроти коешто дури и депресивниот период “под СДСМ” изгледа идилично), им текнува дека за бавење со политика сепак требаат ум, компетенција, умереност, и дека политиката, и покрај сè, не е само бескрупулозен грабеж и опустошување на општеството.

Повторувам, немерливо е висока цената за бавната еволуција на клучните политички фигури. Симбол за таа генерална политичка дезориентираност во Македонија можеби е атентатот врз Глигоров 1995 година; можеби токму симболички сфатената фигура на самиот Глигоров, со сета негова политичка инерција и потрошеност (дополнително засилени со шокот од атентатот), добро ја отсликува изгубеноста во која западнавме, уште тогаш.

Во суштина, вмровците имаа совршено подготвен терен да ја парталосаат земјава; социјално фрустрирани и опседнати со фантомот на комунизмот тие впрочем и не можеа да имаат друга политичка програма освен бескрупулозен грабеж. (Интересно е што најголемите живи чувари на “придобивките” на комунизмот токму се вмровците, и тоа во поглед на ширењето на поданичкиот менталитет, во поглед на класната фрустрираност, во поглед на односот спрема институциите, медиумите, уметноста, демократијата - никој подобро од примитивниве малограѓански десничари не нè потсетува на слабостите на комунизмот.)

Нејсе. Какви и да се, какви и да беа нашите властодршци, тие се некаков изборен супстрат, некаков пресек на политичката култура на граѓаните, дури би рекол, едноставна и горе-долу објективна рефлексија на нашето општествено и цивилизациско ниво на развој.

Најпосле, горнава реченица токму, од еден спротивен правец, ја потврдува тезата од почетокот на текстов, за политиката како вештина на можното.

Но, зборот ми е во следново: што ако политиката (пак наспроти задоцнетата памет на нашиве квазиполитичари!) сепак не е вештина на возможното туку, обратно, вештина на невозможното, интервенција која не ја менува состојбата во одредена констелација туку ја менува самата констелација?!

Чинам дека нам, во сегашниов критичен историски и политички општествен миг, ни треба токму едно такво проширено сфаќање на политиката, но коешто, од друга страна, од зоната на донесување клучни одлуки максимално ќе ги отстрани хазардерите, националромантичарите, шовинистите и воините од сите фели. Нам во моментов ни треба радикална политичка имагинација, она што го немавме во ниту еден миг изминативе десетина година, а што во одредена мера го имаа создавачите на оваа држава, особено оние од 1944 година.

Се разбира, политички радикали има секогаш; нашиве посвежи примери, можеби заради својата анахроност, носат доза на злокобност; идејата, во предвечерието на нарачаната војна, за нови граници меѓу Албанија, Македонија и Косово и за преселби на населението е “радикална политичка имагинација”, но која произлегува од апокалиптичната прва половина на 20 век. Има и други несреќни примери; да речеме, неверојатната политичка кусогледост на Васил Тупурковски; човек кој не ги согледа - и тоа од какви позиции! - деструктивните потенцијали на Слободан Милошевиќ, дефинитивно беше осуден да ја повтори истата грешка, овој пат, според ироничните историски правила, се разбира - како фарса, и со племенските деструктивци од типот на Георгиевски и Џафери. Стојан Андов, дискредитирајќи го собранието со своите волунтаристички импровизации и задоцнети националистички манипулации, исто си обезбеди место во алејата на политичките кловнови на Македонија во деведесеттите. И да не набројувам.

Значи, радикалната политичка имагинација во случајов значи излегување од сè позадушливиот бестиариум на сегашнава политичка сцена, пуштање воздух и отворање нови перспективи.

Контури на некои нови политичари во моментов се појавуваат тук-таму. Ни останува само да се надеваме дека суштински променетата политичка филозофија која оди контра сегашниот доминантен поданички и колективистички менталитет, ќе успее да ги заинтересира апатичните граѓани за иднината на сопствената земја. Најпосле, и од самите граѓани многу зависи дали ќе доживееме стабилна демократија која ќе игра на картата на иднината, на интеграциите, на афирмирањето и сплотувањето на разликите. Паднавме толку долу што можеби само уште радикалната политичка имагинација (која не ги занемарува сè побројните пречки туку не дозволува да биде нивен заробеник) ќе може да понуди поприфатлива иднина за сите нас.