Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


4

ИДЕНТИТЕТ И ДЕМОКРАТИЈА

24.12.2001 

 

Човечката способност за правда ја прави демократијата можна, додека човечката склоност кон неправда ја прави неопходна.

Раинхард Неибур

 

Може да се каже, поедноставено, дека од транзицискиот тунел, според скорешните историски искуства во источна Европа, пругата се разгранува во два колосека: кон автократија и кон демократија.

Автократскиот пат, кој се потпира на колективизмот и на национализмот (кој беше главен генератор на низата војни во бивша Југославија), дефинитивно е пат во ќорсокак. Што се однесува до балканските народи, тоа е потврдено и во историска и во современа смисла. Најдобар пример за безнадежноста на автократскиот, колективистички и националистички пат, е руинираната Србија.

Една понова студија на Душан Павловиќ аргументира дека меморандумската формулација на српското национално прашање му помогна на Милошевиќ да ја зацврсти власта, да ја разбие Југославија и да втемели авторитарен политички поредок којшто околу себе произведуваше зло, беда, пустош и смрт, а во себе грабеж и пљачка. “До тоа дојде затоа што српското национално прашање се темелеше на антииндивидуален и антилиберален концепт за нација којшто, симболички речено, Србите ги гледаше како тело, а Милошевиќ како глава.”

Можеби најважното политичко прашање пред кое е исправена Република Македонија е токму тоа; македонското национално прашање, и како државно прашање, мора да се постави пред сè како прашање на демократијата. Не е можно да се избира, како што мислеше голем дел од српскиот естаблишмент во втората половина на осумдесеттите, помеѓу нацијата и демократијата. “Прво да го решиме националното прашање, а потоа ќе размислуваме за демократија”, беше тврдиот политички став на многумина видни Срби (но и на многумина Хрвати, Словенци...) којшто доведе до ужасно воено распаѓање на земјата, при што загинаа стотици илјади луѓе, милиони станаа бездомници, а речиси сите други станаа жртви на профитабилните колективистички игри што ги приредуваат националните криминализирани елити.

За несреќа, Македонија снажно беше зафатена од тој уништувачки виор на неуспешна транзиција. Нејзината политичка елита (но особено и онаа другата, културната, интелектуалната, која перфидно ја одбива одговорноста за пропаѓањето на нашата земја) ни оддалеку не беше дорасната на крупните предизвици.

Од друга страна, можеби за среќа, Македонија сепак не го избра авторитарниот пат, туку остана некаде на средината, во тунелот, нерешителна, дали да тргне кон едно граѓанско либерално општество или кон некаква авторитарна, колективистичка општествена организација која се базира на национални и етнички заедници, а не врз неприкосновеноста на индивидуалните и граѓанските права.

Ако порадикално ги поедноставиме работите: како и многу пати во изминативе стотина години, една балканска земја се наоѓа пред изборот: Европа или Ориент. Тој избор е трагичен, обработен во низа генијални уметнички дела, тој избор во одредена мера е и ригиден затоа што не го почитува двократниот дух на овие простори, едновремено западни и источни, но, на крајот на краиштата, пред волку соголен конституциски скелет од држава, Македонија сепак ќе мора да реши: либерална демократија или држава на народи (“македонскиот, албанскиот...” итн.).

Низа причини нè наведуваат да не се зафркнеме во изборот; премали сме, премногу сме заостанати и немаме акумулација (културна, економска...) да преживееме некаков посериозен тест на издржливост; а и примерите од соседството, опустошените Босна, Косово, Србија, доволно речито упатуваат кон насоката каде што никако не треба да се оди.

Но, промените што нè очекуваат се длабински и во моментов всушност се дел од големите општествени промени што се случуваат во земјите од ЕУ. На пример, како илустрација дека системот не може да се менува туку-така, исклучиво по површина, или само нормативно, нека послужи оваа, според мене, исклучително важна забелешка истакната, во списанието Маргина, при скорешните расправи околу уставните промени во Македонија: За нас, радикалната промена во перцепцијата на идентитетот е неопходен услов за демократија (Ненад Димитриевиќ).

Македонските граѓани ќе мораат да научат да се откажуваат од примордијалните племенски идентитети во име на еден концепт на рационална политичка интеграција чијашто суштина е поголемиот степен на индивидуална слобода на сметка на делумно откажување од политичкото тематизирање на нашите групни идентитети. Иако таквиот општествен концепт бара навистина многу поголема политичка култура од сегашнава, сето тоа што ни се случуваше, особено последнава година која реално нè воведе во предворјето на војната и распадот на државата, ќе мора да ги забрза процесите на демократизација. Како што вели Димитриевиќ, и како политички актери и како актери во цивилното општество, принудени сме да ја анализираме актуелната состојба на нашите групни идентитети, како и идентитетот на заедницата во која живееме.