Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


5

МИР, БРАТЕ, МИР

14.01.2002 

  

Препуштени самите на себе, племенските општества водат војни не толку заради превласт колку од авантуризам; и, како што истакнува П. Кластрес, ваквото хоризонтално војување (како и другите примитивни рефлекси) всушност работат против настанувањето на Државата и нејзината вертикалност: насилството овде е форма на отпор спрема раздвојувањето, коешто за племињата е постојана, опасна или зла закана - насилството е форма на вечно распаѓање, или разбивање и прераспределба на моќта.

Хаким Беј

 

Новата година е добра прилика да се стави црта, да се стави прстот на чело, да се размисли, да се лизне прстот и да се почувствува ветрот. Повеќе од кога било, затоа што многупати досега пропуштивме тоа да го направиме, мораме јасно да ги оцртаме перспективите пред нас.

Наспроти злокобните најави на премиерот Георгиевски и наспроти новиот круг на ширење отровен национализам, за Македонија императив над сите императиви е да се сочува кревкиот мир. Која било историска лекција од Балканот последниве 150 години упатува на тоа: напалените националисти, апокалиптичните јавачи на омразата, тесноградите бранители исклучиво на оваа или онаа национална кауза - водат во несогледлив хаос. Елемент плус во создавањето на тој хаос се вечните мешетари и хушкачи отстрана, сеедно дали во ликот на “големите сили” или на алчните мали соседи желни за поголеми територии. Ако никој друг, Македонија мора да ја научи таа лекција, наспроти идиотската памет на многумина нејзини квази-историчари и политичари, наспроти од 19 век залутаните академици, наспроти желбите и страстите на воените профитери, неодговорните новинари, општата атмосфера на очајание. Војната мора да се исклучи како политичка опција затоа што со секоја војна на Балканот завојуваните страни, како и целиот регион, само дополнително ослабнуваа, за сега - особено по најновите балкански војни што ги започна Србија - Балканот да биде на ова дереџе на коешто е: најмалку педесет години зад Европа и интегративните процеси.

“Просветениот национализам” е крокодил вегетаријанец. Такво крокодилско вегетаријанство деновиве одново ни се нуди од потрошените (но никако не безопасни!) македонски салонски кругови сосема идентични по својот ментален и интелектуален склоп и по своето анахроно чувство за историја со истите такви српски кругови околу академијата и црквата, кои и ги предизвикаа најновите катастрофални балкански војни, користејќи го харизматичниот социјалистички апартчик Милошевиќ.

Станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да се закачи, уште еднаш, на тој воз што фучи кон бездната, а што се вика “просветен национализам” и “национално единство”. Една од идиотските но политички активни (поради популистичкиот набој што го содржат) тези што доаѓаат од тие деструктивни националистички кругови (кои и онака беа главен кочничар на порадикални реформи изминативе десетина години) е тезата дека Македонија го загубила суверенитетот со Охридскиот договор. Замислете! Кога најмоќните светски нации се откажуваат од можеби најтрадиционалниот симбол за суверенитет, националната валута, некој овде, од позиции на закоравен 19-вековен националист, ве плаши дека со крајно ограничената децентрализација земјата го губи суверенитетот!?

Како совршено надополнување на тезите од националистичките кујни, Љубчо Георгиевски, неверојатно искрено, како и многу пати досега, ни најавува две големи причини зошто под негово водство треба да војуваме: едната е неговата (додуша, и на одреден дел од граѓаните) патолошка омраза спрема Албанците (коишто, пак, никако не остануваат должни во ширењето на омразата), а втората причина е што војната дополнително ќе ги зголеми контата на сегашнава криминализирана политичка елита предводена од Георгиевски. Кон злокобните најави на првиот министер простосрдечно во своите новогодишни честитки се придружува и главниот уредник на весникот каде што интервјуто е поместено, порачувајќи ни да се љубиме и репродуцираме бидејќи е потребно ново топовско месо, како за Македонија така и за тиражот на булеварските весничиња.

Ако десет години по Милошевиќ и Туѓман, со третокласни примери на “патриотско новинарство” и на кловновска наци реторика а ла Бошковски, ваквите политички и новинарски военохушачки труби успеат да напакуваат верска и граѓанска војна во Македонија, алал нека ни е - подобро не сме заслужиле.

Но, нешто сепак мислам дека текот на настаните нема да го контролираат исклучиво политичките криминалци, дилерите со оружје и поткупливите им колеги, дилери на убоити зборови, по жолтите гласила. И покрај застрашувачката кусогледост и тапоглавост на воените хушкачи и профитери, имавме безброј примери изминативе години дека “народите ретко ги добиваат војните, а владите ретко ги губат”. Како што вели нобеловката Рој, “народите гинат, а владите се прегрупираат и го менуваат влакното и главите, како хидри; со знамињата најпрвин го затскриваат умот на својот народ, а потоа во нив ги виткаат оние што доброволно заминале во смрт”. “Омразата и жедта за одмазда не се враќаат туку-така во кутијата, еднаш кога од кутијата ќе излезат. Покрај секој убиен терорист животот го губат стотици недолжни луѓе. А секои стотина недолжни луѓе ќе создадат неколку идни терористи.”

Арундати Рој ова го вели по повод американското бомбардирање на Авганистан. Стократно засилено, заради извесната безизлезност и тоталниот очај што нам ќе ни ги донесе воената разврска, нејзините зборови се поучни за нас.

Да се спречи обновувањето на воените конфликти во Македонија нема да биде лесно затоа што резигнацијата, сиромаштијата (и умствена), ирационализмот и фанатизмот имаат продрено малку подлабоко во нашето општествено ткиво. Тоа допрва, долгорочно, ќе треба да се лекува, со создавање подобар економски амбиент, со клима на доверба, со владеење на правото, а богами и со попромислени, покомпетентни и во однос на заедницата и опкружувањето поодговорни медиуми. Треба конечно да се отвори и проблемот на тн. културна елита која многу често на Балканот не е ништо друго туку учител на омразата и фатален произведувач на нестабилност и безнадежна иднина.