Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


6

БОГ ДА НÈ ЧУА ОД ФОЛИРАНТИ

28.01.2002

  

Кажуј праото пред секого и ич не бој се од никого.

(од збирките на Марко Цепенков)

 

Заради близината на историските настани (кои имаат склоност брзо да бледеат), но пред сè поради појасното согледување на сегашната политичка ситуација во земјава, треба да се истакне: Македонците и Албанците што сакаа воено соочување, јастребите (сега мошне гласни) во македонскиот политички врв, но и пошироко, во првата половина на 2001 година имаа јасна шанса да ги покажат и патриотизмот и воената подготвеност и храброста и стратегиската далекувидост и, најпосле, фанатичната вера во светоста на военото решавање на тешките државни и историски каузи. Иако одамна е застарена витешката идеја за војната како прочистувачко искуство (идеја застапувана од фасцинантната личност на Ернст Јингер), радикалната борба секогаш останува како последна политичка можност и не може туку-така да се исклучи, особено не со честопати празната пацифистичка фразеологија.

Значи, тогаш, во февруари-март 2001-та, особено по настаните во Танушевци, од најважните светски играчи Македонија доби бланко одобрение со сета жестокост да ги брани уставните принципи и неприкосновеноста на државната територија.

И?! Што се случи? Дали денешните јастреби кои само со празни зборови одат контра целиот разумен свет, тогаш ги послушаа советите и смогнаа храброст порешително да се пресметаат со ноторните криминалци што се уфрлуваа од Косово и врбуваа овдешни јатаци за бунт? Не, се разбира. Во дувчешките дупки ги броеја парите стекнати од дотогашните алашвериши и се “прегрупираа и раздвижуваа” во насока на нови попрофитабилни дилови со оружје (наместо со расипани паштети, при што сепак фрчеа милиони долари навака-натака). Дали рецентно храбриот ни премиер тогаш смогна барем толку политички кураж (кога веќе ни во молекули не поседуваше витешка храброст) со зборот велепредавство (кој денес го арчи во сосема погрешни насоки) да го именува сопствениот министер за одбрана, среде затркалувачката војна фатен во огромна корупциска афера?! Не, се разбира. Главно беше да течат бизнисите. Љубен Пауновски беше само една од многуте шепи забрцани до рамо во теглите со мед. Го шутнаа дури и не користејќи ја шансата за малку патриотска џева. Еден тип помалку за делење на пленот. Башка, провизиите за оружје сепак се малку подебели од оние за расипани паштети.

Матни зделки се изнагледавме, но принципиелна воена акција баш и не видовме, ако ги исклучиме пропагандните активности кои речиси во старт почнаа да ја замаглуваат реалната слика за оружените судири. Еден од примерите за затапувачката пропаганда е и битката за Арачиново, за која и ден денес (освен неколку гневни и бегли зборови на тогашниот полициски портпарол, Стево Пендаровски) немаме вистински податоци. Како и за речиси сите други настани од шестмесечните контролирани оружени пресметки. Главно бевме осудени да ги гледаме новинарите-релеи наклукани со фризирани полициски и воени соопштенија. Потенцијалните регрути, народот воопшто, брзо ја прочитаа таквата поставеност на работите.

Меѓу другото и затоа се случи потпишување на Охридскиот договор. Силите колку-толку беа воено испробани, се виде дека речиси никому не му е до гинење во име на трговците со нафта, паштети, дрога и оружје - и паднаа потписите.

Чуму ова сегашно бесрамно и понижувачко пу-пу-не важи? Чуму ова смешно пеливанско “држте ме да не го смачкам!?” Виреат ли овде луѓе кои достигнале до најелементарната цивилизациска свест, дека договорот и потписот се основа на целокупниот човечки поредок?! Каква е сега оваа селска игра без никакви принципи и морал, со најпримитивни племенски финти, ко да не сме излегле од пештерите?! Чуму ова пост фестум чаталење, особено чуму таквото паунско и бесрамно дефилирање на оние кои во суштина не завршија ама баш никаква воена работа?!

Се разбира, не мислам на резервистите во рововите (и ден денес се таму и ден денес со истите паштети, претпоставувам), туку мислам на хероите на зборови од типот на актуелниот полициски министер или на сегашниот премиер кој има огромна - настрана военото неснаоѓање - политичка одговорност што војната речиси ни падна од небо. (Георгиевски денес ноншалантно и вообичаено неодговорно ни вели дека српските разузнавачи го запознале нашиот политички врв со воените намери на Албанците на косовско-македонската граница. И? Има ли одговорност што политичкиот врв ниту тогаш, во раната фаза, ниту во следните неколку месеци, не презема ништо да ги спречи настаните да ескалираат?!)

Освен Јингер, ми паѓаат на ум и цртежите на Георг Грос: кај се видело најодвратните преждрани и наконтени капиталисти и воени профитери згора на сè да фолираат херојштина?! Океј, воената индустрија баботи, океј, зеленашите вртат пари, шверцерите цутат - но не се херои, по ѓаволите, ко што се обидуваат да станат кај нас! Зарем не знаеме што е офицер, што е авторитет, што е војничка чест!? Љубе Бошковски?! Немојте, ви се молам, белки Македонија во својата историја навистина има по некој херој, по некој голтар, по некој вистински фраер, по некој голобрад идеалист - за да не ги срамиме со овие аздисани херои од козметички салон!?

И да се разбереме: сево ова и не е толку против тие, по чудните хирови на историјата, заталкани политички креатури од типот на Бошковски; ова повеќе е обид, кога веќе војната и меѓусебната омраза се реални политички опции во главите на многумина запустени и очајни луѓе, да ги сочуваме во помнењето вистинските херои и да ги препознаеме следните, кои, се разбира, херојството не мораат да го докажуваат исклучиво со зборови или со пушка. Освен тоа, вистината за оваа војна пред сè е долг кон сите оние што настрадаа во неа. Нивната жртва не смее да стане обесмислена.

Војната можеби нè научи и да се чуваме од крупните зборови. Толку ги изгнасија, политичките и новинарските лешинари, што ќе треба малку да ги затскриеме и сочуваме. Токму како што вели Цепенков: Голем залак голтни, голем реч не речи.