Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


7

ИМА ЛИ ТРЕТО?

11.02.2002

  

И покрај тоа што СДСМ и ВМРО симболизираат значајни нешта подлабоко во нашето општественото ткиво, сепак би направиле грешка кога Македонија би ја збиле исклучиво меѓу тие две поприлично потрошени политички опции. Но, дали реално постои простор за политичко дејствување вон задушливите “кампови” на двете партии?

Има и други отворени прашања: дали двете главни партии подеднакво се безнадежни кога станува збор за креирањето на иднината? Дали и двете се покажаа сосема јалови во идеен поглед? Дали и двете партии потполно се испразнети од каков било идеолошки - би рекле, идеалистички - супстрат, така безрезервно поставени пред моќта на капиталот кој меле сè, дури и на планетарно ниво? Дали двете партии имаат барем толку преостаната сила да симулираат десница и левица, кога веќе очајната земја нема сили да ги зацрта ни елементарните претпоставки за својот опстанок, а камоли да создава сериозни “трети опции”? Најпосле, и покрај сета нивна идеолошка изгубеност и практична политичка компромитираност, дали е разумно, под притисок на големата општествена резигнираност, да ги поистоветуваме тие две партии?!

Не е разумно, би рекол. Во однос на монструозниот Новковски, на пример, или на парадниот дилетант Бошковски, луѓе кои злокобно, во сета нивна ограниченост, влечат кон тоталитаризам, дури и најбесрамните сдсмоовски министри изгледаат пристојно и одговорно. Во однос, пак, на застрашувачката нестабилост на Георгиевски, Црвенковски навистина заличува на “државник”.

За жал, СДСМ не го изработи сегашниот политички профит; во Македонија луѓето сè уште гласаат против, а не за; а ретко кој промислен денес нема да гласа против ВМРО, исто онака како што ретко кој промислен човек не гласаше против СДСМ 1998 година.

Во смисла на некаква поширока општествена анализа, ми се чини дека поистоветувањето на ВМРО и СДСМ значи своевиден нихилизам и имплицира дефетизам и аполитичност; ако веќе постоечкиот политички систем е затнат во однос на можноста да се мобилизираат позначајни општествени енергии (затнат е, се чини, дури и во однос на можноста да се лоцираат тие енергии), тогаш ни преостанува само промена на политичкиот систем (што делумно се случува, под притисок на странците) и играње на постоечките карти. Тоа значи дека од СДСМ, како речиси единствен релевантен политички фактор во земјава во моментов, очекуваме конечно сериозно да пристапи кон “будење” на општествово, кон поттикнување на невладиниот сектор, кон стимулирање на иницијативноста на луѓето со создавање фер и праведен амбиент.

Реално, т.н. “трета опција” во Македонија, во сегашниов миг, не е ништо повеќе од неартикулирана фрустрација и можност за “неограничено поле за натпревар” на манипулативните трчилажи и пепелажи од типот на Тупурковски и Андов. Не сакам ни да ги спомнувам карикатуралните политички демагози од типот на Слободан Чашуле (Марјановиќ, Трајанов, Ѕинго итн.) и ним сличните што со години сплеткарат по политичките кулоари и навестуваат тотално политичко помрачување. Таква интелектуална и емоционална превртливост не смее да се дозволи во системот на парламентарната демократија кој почива на институционализирано сеќавање и на минимум принципи.

Со еден збор, политички и културни ресурси за “трета опција” во земјава, колку што допира погледот, не постојат. Затоа е многу важно да не се поистоветуваат СДСМ и ВМРО, и, уште повеќе, важно е тие две партии да се обидат (особено првата) - така нафатирани по десетгодишното опустошување - да испродуцираат троа некаква политичка идеја, кога веќе во практиката сотреа речиси сè што можеше да се сотре.

Во светлината на катастрофалното владеење на ВМРО, точно е, можат да се повлечат многу линии на аналогии меѓу тие два македонски политички концепти. Но, можат да се повлечат и многу разлики, се разбира. Малограѓанштината и бруталноста со која владее ВМРО ни во грд сон не може да се поистовети со перфидноста и инертноста на владеењето на СДСМ. “Левичарите” покажуваа буржујска ноншалантност во владеењето, а “десничарите” покажуваа(т) таков примитивен револуционерен жар, таква простачка страст за богатење и моќ, што ќе им се згадат барем на следните неколку генерации; исто како што и одредени профитери од НОБ им се згадија на многумина луѓе, на многумина, би рекол, и вмрооовци, кои испобегаа што подалеку од трговците и фарисеите, како што и денес многумина умни бегаат одовде газ преку глава. Не би сакал да сум им во кожата на вистинските господа десничари во емиграцијата - доколку воопшто постојат такви - кои мораат да го гледаат, од дистанца, скакулскиот налет на типови какви што се Арнаудов, Михајловски, Станинов, Бошковски, Георгиевски...

Сегашнава општествена запуштеност ќе мора да се надминува со создавање нови позитивни парадигми. Дефинитивно треба да го закопаме ресентиманот спрема социјализмот. Било, можеби било поубавото од нашите животи, но поминало. На помладите и нам самите потребни ни се нови идеали. Тоа ќе биде една од клучните политички точки околу која ќе се развива иднината на Македонија.

Има и други поуки од тажната македонска политичка приказна изминатава деценија; една од нив е дека не треба да им се верува на исфрустрираните и на сплеткарошите.

Потребна ни е консолидација и, конечно, барем по некоја политичка идеја, наспроти дивите бесови и соголената прагма. Малку бавење со себе, а не вечно (поткрепено со шпиунчишта, тастери и манијакални новинари) ѕиркање во туѓиот двор, што не е ништо друго туку сведување на политиката на параноична и тоталитарна игра. Ни требаат троа идеали и визии, барем малкуцка лична неоптовареност и подготвеност сопствениот (да речеме, веќе обезбеден) комфор да ù се претпостави на општествената и државната кауза.

Доколку ги избегнат јавните обвинители и полицајците можно е во улогата на “државници” да ги видиме дури и сегашниве опустошувачи. Впрочем, историјата сè трпи и нема да биде прв пат.