Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


8

МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО?!

25.02.2002

 

Таинствената сила на кобната фраза за светите нешта на татковината, бога, уверувањата или принципите е едно од најмрачните историски страшила.

Мирослав Крлежа

 

Што е тоа “македонско национално единство”? Факт е, темава полека станува дел од нашиот политички фолклор, а ќе биде една од релативно важните теми на изборите што нè очекуваат, но и на понепосредната иднина пред нас.

Прашањето наизглед беше придвижено од чудната минатогодишна војна, во поново време го актуелизираат одредени националистички кругови, но во суштина тоа е старо “македонско прашање”, всушност старо политичко прашање, за сите простори: до каде оди сеќавањато, а до каде простувањето? Можно ли е помирувањето, врз етнички или какви било други принципи, на довчерашните лути противници?! И, најпосле, што можеби е најважно: дали “националното единство” се одвива по вертикала или хоризонтала? Дали значи договор на елитите или општество на солидарност?

Во контекст на прашањето одат и скорешните рушења на спомениците, но и повеќегодишните обиди за превреднување и дискредитирање на Народно ослободителната борба (која едновремено значеше и борба за национално ослободување) од 1941 до 1945 година.

Прашањето за “национално единство”, се разбира, не е македонска специфичност. Од Француската револуција до Шпанската граѓанска војна, во помал или поголем интензитет, тоа прашање постојано го задржува својот жесток политички набој. Лево или десно? Клерикализам или граѓанство? Аристократија или правда? Естаблишмент или народ?

Многу по тн. “цивилизирани народи” (длабоко дискредитирани по многу основи), ова прашање, задоцнето, нè допира и нас: можно ли е помирување меѓу партизаните и колаборационистите? Меѓу “србашите” и “бугарашите”? (Особено, низ денешнава призма на грчкиот капитал што полека ја закупува земјава?)

Тешко е човек да биде паметен, посебно ако се сети на сите злосторства направени во името на оваа или онаа кауза. Башка, фашизмот е апсолутно неспоредливо зло и барем уште неколку десетлетија нема шанси да се поистоветува херојската борба на антифашистите со расистичкиот терор.

Но, зошто и денес, во светлината на новите конфронтации, прашањето за “национално единство” одново избувнува со значајна политичка силина? И зошто и денес делува поприлично лажно, мошне конструирано и надуено, вон реалните историски теченија и вон суштинските интереси на народите, посебно кога станува збор за Балканот?

Би рекол, актуелизираново прашање е евтин предизборен трик по најмалку две основи; прво, не е можно македонското “национално единство” да се одвива врз класна, сегрегационистичка основа: богатите, тн. “естаблишмент” на една, а толпата, топовското месо, на другата страна. Себепонижувачките повици на ВМРО за враќање на СДСМ во власта не значат ништо друго туку тоа: дојдете овде, во дворецот, кучињата се со нас, а и заштитени сме со бедеми, ровови и ископани езера од мизерната толпа што служи само за молзење и за хранење на “матицата”, на “елитата”.

Цели четири години ВМРО со сите можни сили се обидува да стане дел од во меѓувреме пропаднатиот македонски естаблишмент. Дури и денес, кога се сосема искомпромитирани и сведени на приближно 5 до 10% од изборното тело, вмровците плачно пекаат да бидат дел од сдсмовскиот клуб што значи власт и моќ во Македонија не само по површина и синхрониски, туку и во длабочина и дијахрониски.

“Националното единство”, денес, во 21 век, веќе не може да се гради, како што се обидуваат нашиве изгубени во простор и време новобогаташи, врз премисите на концептот “елитата против народот”. Токму тоа, сосема задоцнетиот, 19-вековен “елитизам” на фрустрираните малограѓани во власта (со нивните балови, попови и благовестија), е првата причина зошто концептот што предизборно ни го поттурнуваат, за “македонско национално единство”, е неиздржан и демагошки.

Втората причина зошто повиците за собирање во етничките трла се “труба” - е етничкиот момент. Можно ли е “македонското единство” исклучиво врз национална основа? Што ни кажуваат двата клучни политички настани од историјата на оваа држава, Илинденското востание и НОБ? Факт е, се бореа заедно, Македонци, Власи, Срби, Албанци... Тоа е Македонија. Можеби, како што тргнал налудничавиов свет, Македонија, за пар десетлетија, да стане нешто сосема друго, параноичен котел на етничка чистота (нешто во што се претвора Израел), но, за среќа, историјата нè бутка кон мешање, кон единство, особено над етничките граници. Затоа што - тоа е Македонија, особено онаа Македонија за која се бореа нашите херои.

Значи, “македонското национално единство” апсолутно е невозможно под условите што за него ги поставува сегашнава забегана власт: етнички ексклузивизам и културно-економска сегрегација: секој Македонец што тежи под 100 000 евра е шиптар! Ене му ги рововите во Куманово и Тетово и, во најдобар случај, ене му ги Заводот за вработување и Канада. Нам - аздисувања, чаталења и балови. Тоа е суштината на сè уште актуелната понуда на ВМРО кон СДСМ, да се вратат во власта. Тоа е запечатување на македонската иднина и помрачување на секоја можност за политичко дејствување во земјава. Но, ако врз тие криминални основи се случи лажното македонско помирување, главите на Љубчо и Бранко, можеби не во следните пет, но во следните десет, дваесет години ќе бидат наденати на камениот мост, како кулминација на народниот револт што се крчка богами еве веќе над десет години.

Во име на артикулирање на разликите, во име на слободата да се биде свој и автономен, во име на чесната политичка борба, во име на државата што сплотува, треба да ги поздравиме скорешните избори. Па како биде - нека биде!