Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


9

ИГРАЧКИ ПЛАЧКИ

11.03.2002

 

Трагичната ескалација на политичките напнатости во Израел не би требало да повлекува аналогии со состојбата во Македонија. Уште помалку потенцијално апокалиптичниот израелски пример може некому да му биде императив. Ова го велам со оглед на тоа што токму на многумина луѓе, не само во нашата земја, израелската (и сè повеќе американската) тврдо милитаристичка политика им изгледа како добра политика.

Но, таа политика не само што е далеку од добра, таа ризикува судири од несогледливи размери. Затоа Македонија треба да се приклони кон сè поотворената европска политика на спротиставување на израелско-американскиот милитаризам.

Најпосле, вон приказната за новите глобални гео-стратегиски поместувања, намалувањето на воените тензии е наш национален интерес од највисок ред. Во име на тој интерес ние не смееме да си дозволиме безрезеревни врзувања по какви било редуцирани оски, особено не по некаква фундаменталистичка православна линија. Дури и кон нашиот, да речеме, најблизок сосед, Србија, со која сме поврзани со безброј семејни, пријателски, културни и стопански линии, Македонија мора да остане крајно претпазлива затоа што Србите во неколку наврати последниве години покажаа тенденција крајно опасна за нас: да ја извезуваат етничката напнатост од јужна Србија и Косово во Македонија. Најбрутално тоа го направи Милошевиќ со протерувањето на 300 000 Албанци во Македонија; да не зборувам за предлогот на Милошевиќ Македонија да се подели помеѓу Србија и Грција; такво нешто да помисли претседател на “најомилениот македонски сосед” богами тера, во најмала рака, на историска и секаква друга претпазливост.

И сега, се разбира, во нашава актуелна безбедносна и политичка констелација мешетарат многубројни прсти; судејќи по хистеричното антиалбанство и подигнувањето на воените тензии во некои озлогласени скопски пропагандно-разузнавачки кујни, може да се заклучи дека некој одново и наголемо се обидува да ги канализира балканските напнатости извезувајќи ги во Македонија. Да се препознаат тие испреплетени и компликувани канали на интереси е државен политички приоритет.

Факт е, Македонците и Албанците се најслабите балкански играчи, во смисла на логистика, лобистика, инфраструктура, па и во во смисла на културен и историски капитал. И едната и другата држава и нација се релативно млади и релативно кревки - оттаму и подложни на игри и манипулации.

Но, тоа е историјата, да не лелекаме и да не се загубиме во параноичните конспиративни игри! Наш интерес е мирот и понатамошното развивање и јакнење на културно хетерогената држава Македонија. Интересот на населението е прв државен интерес! Не може да биде македонски интерес 25% од албанското малцинство да се плашат од безбедносните државни органи! А денес од дел од тие безбедносни сили почнуваат да се плашат и многумина Македонци кои само политички размислуваат поинаку од вмроовската власт! И мислат дека милитаризацијата - особено онаа што се однесува на општествената свест, на продорот на милитаристичката иконографија дури и во естрадата! - не може да ù донесе никакво добро на Македонија.

Сакам да ве потсетам на Џонатан Свифт, авторот на славната книга Гуливеровите патувања. Се сеќавате како завршува книгата? Двете мали држави, Лилипут и Блефеску, се тотално исцрпени од долготрајните војни започнати поради несогласувањето од која страна треба да се крши вареното јајце. Кога во судирот се замешува џинот Гуливер малите народи сфаќаат колку им се минорни и противниците и самата причина за војна. Во една друга прочуена сатира, Книгата за бурето, Свифт вели: “Всушност, ние имаме онолку вера колку што е потребно да се мразиме, но недоволно да се сакаме едни со други”.

Сè уште оваа држава е заедничка држава. Не е можно она што ви предизвикува морници кај Албанците, да речеме (тотално непринципиелната хомогенизација врз племенски основи, примитивизмот, суровоста, недемократичноста, насилието...), да ви импонира во сопствените редови! Тоа едноставно е тотално лудило кое, за жал, зафаќа премногу граѓани на земјава! А сето наброено во заградата (што горе-долу се поклопува со македонските стереотипи за “злите Албанци”, но, за жал, се поклопува и со конкретното дејствување на многубројни Албанци во општествово), сиот примитивизам, насилие и обидите за вештачка хомогенизација денес во огромни количества не само што ги сретнуваме јавно и соголено речиси на секој чекор, туку тие (примитивизмот, насилството и верскиот фундаментализам) дури се поддржуваат од институциите што ги плаќаме: разноразните Министерства, Советот за радиодифузија, “јавниот сервис” МРТВ...

Периодот на верските војни ја опустоши Европа во 16 и 17 век. Тоа конечно ги наведе Европјаните да го развијат концептот за верска толеранција пред сè во рамките на христијанскиот свет, а подоцна и спрема јудеизмот и исламот. Да се надеваме дека тоа наследство на етничка, верска и политичка толеранција денес е клучниот столб врз кој ќе се гради европската перспектива. Да се надеваме и во тоа дека Македонците, Албанците, и воопшто целиов балкански регион, се доволно Европјани (во смисла дека доволно трагични поуки поцицале од историјата) за никому на ум да не му падне среде Европа да создаде котел на верска и етничка нетолеранција. Па дури и ако се разочараат многубројните европски десничари и фундаменталисти од сите бои - влогот едноставно е преголем за да си дозволиме милитаристички играчки кои, проверено, завршуваат во пљачки и плачки.