10
МОРАЛНИ МАКСИМИ ЗА ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА
25.03.2002
Вештината
правилно да се применат просечни способности не заслужува почит, и
почесто повеќе создава углед отколку вистинска заслуга.
Ла Рошфуко,
Морални максими
Неодамна присуствував на еден мошне интересен собир, на
“дијалогот меѓу албанските и македонските интелектуалци” организиран
со цел да се унапреди граѓанското општество. И покрај
преовладувачкиот позитивен тон на целиот собир, и покрај
добронамерноста на повеќето учесници изразена низ стремежот да се
движиме во насоките што н$ поврзуваат а не во оние што н$
раздвојуваат, и покрај деликатните напори да се биде колку што е
можно повеќе искрен и отворен, сепак би сакал да обрнам внимание и
на некои други аспекти на таа средба која несомнено заслужува
поддршка и претставува одреден патоказ. Како што во своите
Морални максими вели Рошфуко, меѓникот на текстов: “Не е
доволно да се имаат добри особини; потребно е и знаење како тие да
се користат”.
Значи, исто онака како што “граѓанското општество” кај
нас с$ уште е во зачеток и допрва му претстои подлабоко, посуштинско
општествено профилирање, истото тоа профилирање, имам впечаток, &
претстои и на таа делумно аморфна и релативно хетерогена класа што
многу условно ја нарекуваме “македонска интелигенција”.
Децении наназад таа “интелигенција” главно беше осудена
да биде инструмент на политиката и чувар на “светото огниште” на
национализмот. Нејзината улога на полето на некаква поширока
општествена еманципација, на полето на коешто треба да се изборат
поголеми слободи за сите граѓани, нејзината улога во креирањето на
остварливи демократски визии, во креирањето на потолерантно и
поинтегративно општество, за жал, беше прилично занемарлива.
Креатори на нашата сегашност, на нашата иднина (па дури и на нашето
минато!), главно, сиве овие години, беа политичарите, а
интелигенцијата служеше само да ги аминува и спроведува договорените
идеолошки, политички, национални каузи.
А токму чувството за второрангираност на
интелектуалците во однос на политичарите, недостигот од стратешки
визии, недостигот на храброст да се биде чекор понапред во
отворањето на општеството, а не чекор поназад - беа присутни и на
нашата средба во Охрид, во “Дијалогот меѓу албанските и македонските
интелектуалци”. Се разбира, зборувам за лично чувство, за некаков
збирен пресек на атмосферата; неколкумина од таму собраните луѓе
навистина имаат значајна улога во градењето на граѓанскиот концепт
на државата, но и покрај тоа, мој е впечаток, отсуствуваа конкретни
и ефикасни предлози како да се стигне до послободно и поинтегрирачко
општество.
Наметнатиот Рамковен договор не е само своевиден пораз
на македонската политика, на нејзината неспособност да им излезе во
пресрет на предизвиците, во уште поголема мера тоа е пораз на
македонската интелигенција која не смогна сили, цели десет години,
барем да направи нацрт, концепт што ќе ги амортизира општествените
напнатости, и во етничка но и во поширока смисла. Се разбира, тоа не
значи дека Рамковниот договор е лош или непотребен; напротив, тој
треба да биде рбет за една поинаква, потолерантна, децентрализирана,
помалку авторитарна Македонија.
Но, тоа сепак не значи дека македонската интелигенција
ја доби својата нова “Библија”. Тоа пак не значи дека
интелигенцијата, по старо, треба да ги следи и идеологизира
кабинетските политички одлуки.
Како што вели Рошфуко: “Потешко е да се одбраниме од
тоа со нас да управуваат, отколку самиот да управуваш со другите”.
Тие опашки на неспособноста “да се одбраниме од тоа со нас да
управуваат” и леснотијата со која си го дозволуваше “управувањето со
другите” с$ уште се влечат зад македонската интелигенција.
Нашата интелигенција всушност во многу мала мера го
заслужува тоа ионака прилично контроверзно и делумно анахроно име.
Нејзиниот вокабулар е застарен и неспособен да одговори на новите
прашања; во голема мера недостасуваат токму современи експертски
знаења; можеби во уште поголема мера недостасуваат морални,
филозофски, историски, па и политички ориентири од поглобален тип;
на нашата интелигенција често & недостасува дури и елементарна
информираност, а отсуствува и нејзината поголема улога во
сензибилизацијата на јавноста, низ образованието и културата, за потребите на Другиот, на различниот
од нас; меѓу другото, “интелигенцијата” треба да биде промотор на
тн. емотивна интелигенција, на начелото за емпатија, поборник на
солидарноста, во најширока смисла: класна, родова, етничка...
Најпосле, интелигенцијата прва треба да сфати дека евентуалната
неправда што некое малцинство ја трпи од страна на мнозинското
население може да биде релевантна доколку се артикулира на начин да
го претстави целокупниот проблем на денешното општество.
Интелигенцијата треба да ја гради својата структурна поставеност во
општеството во релација со разновидните малцински групи, затоа што
од таа перспектива најдобро се согледува природата на системот.
Освен тоа, во постојаната “релокација на културата”, во постојаното
“ремапирање на општественото поле”, и интелигенцијата ќе мора да
научи да се менува.
Ќе завршам со Ла Рошфуко, се разбира: “Многу полесно
е да се остави впечаток дека сме способни за професијата со која не
се занимаваме отколку за онаа која ја извршуваме”. |